ПРОЕКТ „40-ТЕ СЕ НОВИТЕ 20-ТИ

Убавината одвнатре е бесценета!

Интервју со
Маја Гроздановска Панчева
27 ноември 2015

Тие имаат кредибилитет да кажат да или не, без објаснување. Нивната привлечност е нивната самодоверба, сигурност во себе, во својот став кон животот. Тие го достигнале зенитот на нивната женственост и сега го уживаат секој момент и привилегија на нивната петта деценија од животот. Fashionel им се посветува на жените во нивните 40-ти години со нов циклус на интервјуа во кои наши хероини се дами кои нè инспирираат нас, што сме во 20-тите или 30-тите години.

Деновиве имавме можност да се дружиме со уште една прекрасна дама која ја паметиме по одличните и огромни хитови назад во 90 – тите. Шармантната Маја Гроздановска Панчева беше дел од нашиот проект „40 – тите се новите 20 – ти" и уште еднаш нѝ докажа дека е една прекрасна дама, со многу љубов во себе, подеднакво енергична и забавна како од времето на „Мачка со девет животи". За себе денеска ќе каже дека е целосно исполнета, времето најмногу сака да го поминува со сопругот Дарко и нејзините прекрасни ќерки Марија и Надица, а уште посреќна е што неодамна се врати на македонската музичка сцена. За љубовта, животот, стареењето и убавината на годините, Маја ни говори во продолжение.

Што научивте од животот досега?

Мислам дека изреката „Човекот учи додека е жив" е точна, но однесувањето и одлуките кои се носат во животот, секако дека зависат многу и од домашното воспитување. Научив дека треба да си позитивен, да почитуваш и секако дека тоа луѓето ќе знаат да го ценат. Прави секогаш добро, а лошо никогаш.

Ве плаши ли стареењето?

Свесна сум дека годините си врват, но никогаш досега тоа не ме оптоварувало. Знам дека староста треба да биде дел од животот на секој човек и спремна сум тоа да го прифатам.

Што ѝ е најважно на жената во 40 – тите? (децата, кариерата, љубовта...)

Сите овие три работи одат заедно и јас ги сакам подеднакво. Но, сепак, и пред 40 – тата повеќе време им посветувам на децата и семејството.

Пластични операции – за или против?

Јас лично немам ништо против, секој што има желба да корегира нешто на себе, доколку тоа го прави среќен, тоа лично не ми пречи. А да бидам искрена, досега не сум размислувала на таа тема кога сум јас во прашање.

Што би направиле во животот после 40 – тата?

И досега, од тоа што го правев сум задоволна и не би менувала нешто многу, би продолжила со истиот начин на живот.

Го чувате ли детето во Вас?

Мислам дека секој човек во себе го носи детето и има моменти кога тоа и го покажува. Во зависност од ситуацијата, секој од нас го покажува тоа на различен начин и имало моменти кога и јас сум се радувала и постапувала како дете.

Кои се предностите што жените ги имаат во овие години?

Тоа што си веќе созреан како личност, тоа што си веќе родител те прави да размислуваш на поинаков начин, а бидејќи го поминав периодот кога бев помлада, со задоволство се сеќавам на познатата поговорка: „Годините да ти ги имам, ама паметот да ти го немам".

Дали се поголеми или помали амбициите во 40 – тите?

Сигурно дека кога си помлад, си поамбициозен, сакаш да го освоиш светот и мислиш дека сѐ можеш. Веќе во овие години си многу посталожен, реализиран и состојбите ги гледаш поинаку. Но, амбициите, барем кога сум јас во прашање ми се секогаш големи и желбата да творам во музиката ни најмалку не е згасната.

Која е Вашата слика за реализирана жена?

Мислам дека секој има свои желби и се труди да ги реализира и на крајот секој од нас си знае колку е задоволен од постигнатото. Секогаш се може повеќе, тоа сите го знаеме, но сепак можам да бидам задоволна од досегашното. Но, како што веќе реков, музиката не знае за граници и мислам дека и понатаму ќе творам со голема енергија.

Сексот на 40 или на 20?

Овие два периоди не можат ни да се споредат, затоа што во овие години сега е многу поубаво.

Се чувствувате ли секси?

Секоја жена се труди да изгледа посвежо, поубаво, поприродно и со самото тоа ја изразува својата сексапилност. Колку е жената секси, тоа најдобро го покажува машката популација со своите реакции.

Правила во дефинирањето на Вашиот стил во овие години?

Јас мојот стил го имам одамна дефинирано, а тоа се претежно спортски или кежуал комбинации. Во зависност од пригодите, сум знаела да бидам поадекватно облечена за одреден настан. Но, најдобро се чувствувам во првите две варијанти.

Вашата дефиниција за убава жена?

Секоја жена е убава на свој начин. Но, трчајќи по вештачката убавина, многу често забораваме на природната и духовната, затоа што ако човек не е убав од внатре, сѐ друго е бескорисно.

Омилени жени во 40 – тите?

Мадона, Моника Белучи, Елизабет Харли, Хали Бери, Никол Кидман и многу други кои изгледаат прекрасно на овие години.

Кое е Вашето животно мото?

Не го прави на другите она што ти не сакаш да ти го прават и работата го држи човекот.

Кои се Вашите приоритети во животот денеска?

Како што веќе кажав, работата, семејството и музиката.

Задоволни ли сте со себe?

Апсолутно да, иако секогаш се може повеќе.

Сметате ли дека 40 – тите се новите 20 – ти?

Во одредени ситуации може да се каже дека се, но во одредени ситуации веројатно не.

Како се чувствувате кога денеска ќе се погледнете во огледало?

Да ви кажам искрено, кога ќе се погледнам, драго ми е што сѐ уште можам да се погледнам.

Има ли тајна за успешен брак?

Тајна не постои, но сигурно треба да постои разбирање, љубов и поддршка.

Дали бракот под окото на јавноста е потежок, особено кога сте во брак со фудбалска ѕвезда како Дарко Панчев, а и самата сте музичка ѕвезда?

Сигурно дека тоа што сме јавни личности, а уште и заедно, си носи свој голем товар. Мислам дека досега успешно се носевме со тоа, а верувам дека ќе биде така и понатаму.

Стајлинг: Fashionel.mk

Соработници: Fashion Group, Elena Luka

Makeup: Elena Luka 

Објавено:
27 ноември 2015
Прочитано:
4.265 пати