новинар

Улиците од мојата младост не се сменети

Интервју со
Тони Димков
16 ноември 2020

Да се биде искрен кон себе и кон она што го работиш денес е вистинска реткост. Но, не и за Тони Димков. Три децении ревносно ја негува љубовта кон културата и кон новинарството. И со своите чекори и со своето перо, тој сведочи на промените на Скопје – и на оние добрите и на оние што тоа не се - некои обликувајќи ги во текстови кои, како вели, се јавни, достапни секому, а други, пак, чувајќи ги за себе. После радиото, телевизијата, неделниците, електронските медиуми, тој им се врати на печатените медиуми. Уредник е на „Културен печат“, додаток за култура на „Слободен печат“, во кој љубителите и активните учесници во културниот живот во Македонија видоа професионалност, но и надеж. И токму тој ангажман за квалитетни осум страници култура, секоја недела, ќе бидат иницијална точка за добивање на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје. За тоа што му значат наградите, за категоријата квалитет во денешно време, доследноста и одговорноста, но и за неговиот роден град и за животот - читајте во продолжение:

Тони Димков

Еден сте од годинашните добитници на наградата „13 Ноември“. Што значи тоа за Вас?

-Не очекував дека наградата ќе предизвика некаква реакција или емоција. Во моментот кога ми се јавија од Град Скопје за да ми соопштат, не бев ни свесен дека ми го кажуваат тоа. Сепак, кога почнаа честитките по социјалните мрежи, сфатив дека навистина е сериозна работа и дека на човека треба да му биде чест, гордост и радост што е добитник на таква награда, особено бидејќи доаѓа од градот во кој сум се родил и живеам 50 години. Така што, убави благородни чувства разви наградата, особено после реакциите на луѓето. Навистина ми е мило што ја добив и упатив голема благодарност до Одборот што ме избра и мене меѓу добитниците, бидејќи наградата вклучува широка лепеза на луѓе од различни професии, кои, ете, ја заслужиле за оваа година. Тоа особено радува, бидејќи не е фокусирана и устручена.

Колку на човека му е потребна потврда за сработеното? Каков однос имате Вие кон тоа?

-Во текот на животот и не сум имал однос кон наградите, дури и сум мислел дека никогаш, никаква награда нема ни да добијам. Меѓутоа, со текот на времето, но и како последица на тоа што го работам и односот кон тоа што го работам, доаѓаат и наградите. Прва голема што ја добив е наградата „Мито Хаџивасилев-Јасмин“, единствената државна награда за новинарство во Македонија, која има огромно значење во новинарската професија. Жал ми е што изминативе три-четири години во два наврати, поради некакви административни причини, не беше доделена. Но, сметам дека тоа не е лошо за наградата, туку лошо е за новинарската професија, затоа што недоделувањето на таа награда значи недавање можност на некој од професијата да добие признание за нешто што го сработел - или во текот на годината или претходните години. Така што, тоа беше, исто така, огромно изненадување за мене. Станува збор за голем број луѓе што аплицираат, за одбори составени од многу членови... Доволно е, да речеме, 15 луѓе да ви честитаат на улица, па ви значи, а камо ли кога станува збор за одбор од 15 членови што одлучуваат за значајна награда. Никогаш не се знае дали ќе добиете награда или не и дали сте оствариле нешто што вреди да добиете награда. Во животот така се случуваат работите, да човек кога најмалку се надева, или кога не очекува, пристигнуваат убави признанија - што мотивира максимално. Присутно е и повисоко ниво на одговорност, бидејќи работата веќе не ја работите само заради себе, професијата или за фирмата за која работите, туку ви станува јасно дека сето тоа има некакво општествено значење. Токму тоа општествено значење практично го подигнува нивото и на професионалност, и на етичност и на одговорност кон работата.

Како се случи културата да биде Ваш сопатник (или Вие нејзин) речиси 30 години?

-Во тие години кога сите ние се форматираме, во тинејџерските години, по завршетокот на средно училиште и првите години од факултетот, воопшто немав намера да се занимавам со новинарство. Во тинејџерските денови дури сакав да бидам астроном. Меѓутоа, во Македонија условите за таа работа се апсолутно скудни. Во тоа време имаше само еден предмет по астрономија во само едно средно училиште, за факултетско образование требаше да се студира на Природно-математичкиот факултет со еден предмет, па секоја понатамошна желба да студирам астрономија значеше да се замине надвор од Македонија, односно тогаш сè уште бевме во Југославија. Така што во тоа време немав можност да го учам и работам тоа што го сакам. Меѓутоа, уште од средно одев редовно на претстави, концерти, изложби... Првиот концерт што го гледав на Скопскиот џез-фестивал беше на Бети Картер и ќе ми остане во меморијата до крајот на животот... Ми се јавуваа пријатели, знаејќи дека одам по културните настани, и сакајќи и тие да се придружат, ме прашуваа каде има изложба, каде има концерт, претстава... Додека уште бев во „Орце Николов“, имавме младинско радио „Клуб 100“, згаснато е пред 30 години, а беше формирано како училишна секција. Тоа радио на почетокот емитуваше програма на разглас на големите одмори во училиштето. Со текот на времето, Слободан Таневски, кој ми беше професор, успеа да издејствува дозвола од Радиодифузија за емитување на програмата – прва независна локална радиостаница на скопскиот регион. Бев дел од екипата што работеше таму. Бидејќи следев концерти, од „Студенски збор“ побараа да пишувам осврти за концертите што сум ги гледал. Во 1991 година беше формирано „Студентско радио“, па ме викнаа да бидам дел и од таа екипа, и така се појави новинарството. Таму останав две-три години, па потоа во 1995 година дојде поканата од уредникот Иван Андреевски да работам во МТВ, каде останав 10 години, и таму се случи моето вистинско форматирање во новинарската професија. Немам факултетско образование во таа насока, ниту, пак, сум планирал тој факултет да го студирам некогаш. Но, новинарството излезе професионална определба, еве веќе 30 години. Работев и во продукциската емисија, која многу ми е при срце, „Врти-сучи тоа ти е Скопје“, каде Ана Зафирова беше уредничка и авторка на концептот, а јас бев новинар три сезони. Потоа почнаа да се редат печатени медиуми, неделници – „Глобус“, „Граѓански“. Месечникот „Лајф магазин“ беше дел од „Корпорацијата Сивус“, заедно со „Макфакс“ и „Форум“. Соработував со МКД.мк пет години, а последнава година го уредувам „Културен печат“ во „Слободен печат“, што беше директен повод за добивањето на наградата „13 Ноември“. Речиси секоја втора вечер сум во МКЦ, кој навистина е центар за младите и независни автори, а МКЦ ја поднесе иницијативата за добивањето на мојата награда.

Повеќето од овие медиуми кои ги споменавте, пред сѐ, печатените, веќе не постојат... Како го крепите ентузијазмот за работа - и поради фактот што повеќе пати сте сведочеле на згаснување на медиуми, но и поради тоа што културата кај нас не блеска во полн сјај?

-Отсекогаш сакав да имам само една работа и до крајот на животот да ја терам. Едноставно, сите овие печатени медиуми веќе не постојат и практично промената се случуваше присилно. Кога ќе згасне еден медиум, човек мора да продолжи да работи. Од седење дома не се живее. Но, не е ни само тоа, јас отсекогаш сум сакал да сработам. Не сум поддржувач на онаа старата „џабе работи, џабе не седи“, затоа што и тоа не е функционално. А и понекогаш се создаваат услови да човек се „растури“ од работа, а тоа што ќе го заработи да биде толку минимално и потпросечно, што се сведува токму на тоа „џабе работи, џабе не седи“. Ако некаде добиваш хонорари што се доволни само да се платат месечните сметки, тогаш мораш да бараш и втора и трета работа за да можеш да преживееш. Но, отсекогаш сум ја сакал работата и сум имал поттик и љубопитност да се видат резултатите од работата. Ние ова го работиме јавно, секој може да го види и прочита, да го оценува, пофали, критикува. Сите тие реакции си имаат свое влијание. Го сакам принципот - кога ќе земеш една работа, да ја завршиш најдобро што можеш и што знаеш во дадениот момент. Не е тоа флоскула. Едноставно, само така вреди човек да се нафати да работи нешто. Се надевам дека тоа како принцип ќе ми остане и нема причина да не ми остане до крајот на мојот работен век. Ентузијазмот се наоѓа и во луѓето, остварените комуникации. Јас веќе и да немам потреба да барам информации, тие самите стигнуваат до мене. Тие осум страници во „Културен печат“ буквално можам да ги наполнам со информации што сум ги добил во само еден ден. Понекогаш и самата информација те мотивира, во зависност дали е некој настан или некоја личност. И, секако, кога ќе седнеш со соговорник лице в лице, текстот самиот излегува.

Се чувствувате ли донкихотски во сферата на културното новинарство?

-Неколкумина сме Донкихотовци, кои меѓу себе помислуваме да направиме „синдикат“ на новинарите што стриктно следат култура :). Навистина последниве години се намали бројот на новинари што стриктно следат култура. Малкумина можат и да си го дозволат тоа што јас го правам. Тука веќе се работи за принцип кој самите сме си го одредиле, да опстоиме на тој начин. Има и колеги што не можат да работат само култура, кои се подлегнати на различни притисоци во редакцијата да пишуваат и текстови од други области. Речиси и да нема култура во електронските медиуми, пред сè, мислам на телевизиите. Печатените медиуми се бројат на прсти, а ете „Слободен печат“ успеа да најде можност и простор да си дозволи осум страници култура. Порталите се намножија во последните 3-4 години и не би навлегувал зошто толку многу ги има, но факт е дека на на мноштвото портали информациите се пренесуваат „copy-paste“, без да се направи интервју, осврт или макар да се земе изјава. Секако, комплексен е проблемот. Не зависи само од медиумите и од новинарите што информирањето за културата е спуштено на такво ниво. Не би можеле некого да обвиниме, но од друга страна сметам дека е недозволиво културата така да се третира. Тоа што ние би можеле најмногу да го извезуваме во светот е културата, тоа со што најмногу се браниме како држава, нација, идентитет - е културата. Ако ја немаме, значи многу лесно ќе бидеме избришани од светската мапа. Ако максимално не се вложи во поддржување на културата, со текот на времето ќе се газиме и поништуваме самите себе. Моќните, големите држави, енормно многу вложуваат во поддршка на сопствената култура и уште повеќе во извоз на истата. На пример, креативните индустрии (филм, музика, стрип, книжевност, сликарство, дизајн, мода) во Велика Британија зафаќаат голем процент од извозните продукти. Така, не само што се шири влијанието на Британија во светот, туку тие им носат и огромен финансиски профит.

Каде е нашиот проблем? Треба ли да почнеме повеќе да ја комерцијализираме?

-Нашиот проблем е што сме мала држава со мала финансиска моќ и што последниве години има други приоритети. Еве и бројот на новинари што следат култура е намален поради тоа што оние што почнуваат да се занимаваат со новинарство сакаат да се занимаваат со политика, а не со култура. Во толку исполитизирано општество луѓето си гледаат можност и интерес за развој во кариерата само ако се занимаваат со политика. Нешто помал е бројот за економија, а сосема мал процент е за култура, образование, наука, невладин сектор... Сите овие се притиснати на маргините и треба да се направи нивната поддршка да биде системска. Во однос на културата како дејност, си има системска поддршка од страна на Министерството за култура, но ако видите дека сите уметници, национални установи, локални установи аплицираат на годишниот конкурс, ќе ви стане јасно дека колкав и да е тој буџет нема да може да го издржи таквиот притисок на апликации за финансирање проекти. Затоа секоја годна по објавата на резултатите има толку реакции, затоа што сите чекаат од Министерството, а невозможно е сите да бидат поддржани. Постојано е нешто поважно, 30 години живееме со проблеми што ни се наметнати од надвор, а не успеаваме да се посветиме доволно на проблемите што ги имаме внатре.

Се случило да Ви пријде некој помлад колега за совет, за начинот на кој работите?

-Неколкумина колеги и колешки сме што ги следиме културните настани. Нема подмладок на повидок во тој круг, а сите ние се знаеме со години. Меѓутоа, кој и да ми пристапи на која било тема - тука сум. Ако на некој му користи мојот совет, секако ќе ми биде драго. Сепак, имам 30 години работно искуство и драго ми е што не дозволив да шетам низ рубрики и тематики. Јас знам ова да работам и да го сработам најдобро. Не дека ако ми дадете нешто друго, нема да го сработам. Но, сега да формирам некои нови кругови, не дека е невозможно, но ќе ми треба многу време.

Приватно, сакате да слушате совети? Да давате?

-Зависи каков е советот. Зависи од проблемот. Доколку е проблем со кој првпат се соочувам, практикувам да применам туѓи искуства. Ако за некој проблем веќе имаме решение, јас не се трудам за измислам топла вода, па одново да смислувам. И применувам туѓи искуства, иако најдобро е сопствените искуства да ги примениш на соодветен начин. Има луѓе со многу искуства кои не знаат како да ги предадат на друг или да ги применат на својата ситуација. Максимално се обидувам тоа што го имам како багаж со себе да го искористам во секоја наредна прилика. Во нашава професија, секое ново интервју е ново искуство. Со секој нов соговорник откривате нов свет. Невозможно е со едно интервју комплетно да се открие личноста на еден човек. Што е искуството што го носиме како багаж? На одредена личност, во одреден момент да ѝ ги поставиш вистинските не повеќе од 10 прашања. Ова е тоа што се однесува на нашата професија. Секако, важни се и техничките искуства кои го олеснуваат процесот на работата.

Фаќате забелешки рачно. Останувате доследни на овој „старомоден начин“, што денеска сè поретко може да се види кај новата генерација новинари...

-Тоа е најбрз начин на фаќање забелешки. Ако некогаш сум притиснат од рокови и треба што побрзо да го напишам текстот, само две-три белешки ми се сосема доволни да направам текст од шеесетина реда и можам за 20 минути да го напишам. Но, паралелно и ги снимам сите прес-конференции. Тонскиот запис секогаш ми е бекап. „Културен печат“ има осум страници кои треба да се сработат за седум дена, што значи има прилично работа и бара брзо темпо. Но, секогаш сум се трудел да ги избегнам оние стапици, „брзо, брзо, веднаш ако може објави го“. Не сум се натпреварувал да бидам прв во објавувањето на веста, многу повеќе ми било важно веста да биде коректна и точна отколку да биде прва.

Како гледате на категорија квалитет денес, во ерата на кликови и лајкови?

-Жално е што голем број од текстовите што имаат најголем број лајкови се најнеквалитетните, каде што се оди на психолошки моменти, на збунување на читателот со насловот или со интрига. Внесувањето на „вознемирувачко“, „шокантно“, „ексклузивно“, ќе го привлече читателот само да го прочита насловот. Уште понегативна последица од таквиот начин, да речам на пропагирање или рекламирање на текстовите, е што читателите често се разочарани од текстот што ќе го прочитаат внатре после таков бомбастичен наслов, бидејќи најчесто станува збор за текстови во неколку реда или максимум два или три пасуса. На долгорочен план, тоа внесе и ќе внесува недоверба на читателите кон кој било тип медиуми, што ќе се одрази лошо на читаноста. Собирањето лајкови не потекнува од медиумите, потекнува од сосема друга страна во борбата да се привлечат што повеќе комерцијални поддржувачи. Има бројки што маркетинг-агенциите ги бараат, па врз основа на тие лајкови агенциите одредуваат дали некој медиум вреди или не вреди за рекламирање... Базично, собирањето лајкови не потекнува ниту од новинарите ниту од медиумите, туку се создаде еден систем – „ќе направам шокантен наслов за да добијам повеќе лајкови, а тоа да го видат во агенцијата, па тие да ми дадат комерцијален оглас“. Шемата којашто е создадена, можеби и има некаква економска логика, но е шема која долгорочно носи огромна штета, особено за квалитетот на текстовите. Јас сум за тоа подобро да објавиш два текста дневно, што ќе бидат навистина квалитетни, отколку да објавиш сто текста од кои барем 50 ќе бидат со наслов „Шокантно“, 80 ќе бидат со два реда, а речиси 100 проценти од нив се „копипејст“. Но, новинарската фела е веќе навлезена во тој систем, не сум јас тој којшто може да пресече како да се извлече од него.

Светот го тресе пандемијата на ковид-19, но од што боледува културата?

-Културата се покажа како многу здрава во овие ковид-времиња. Уметниците, и во време на тие карантини што ги живеевме пролетта, излезе дека се многу продуктивни. Дел од нив истакнуваат дека животот и креацијата во самотија или во самоизолација е нивниот животен принцип. Ковидот само ги присили да останат повеќе дома и да искреираат многу повеќе отколку што претходно можеле поради други обврски. Излезе дека културата е здрава - се испродуцираа многу проекти и онлајн, а потоа и во живо. Излегоа и збирки поезија и концерти и изложби... Се случи и проектот на Град Скопје, „Култура во време на корона“. Последиците и денес ги чувствуваме од таквиот момент, од една страна наметнат, но од друга страна и креативен. И допрва ќе ги чувствуваме, допрва ќе излегуваат уметнички трудови, независно дали се на оваа или друга тема. А во однос на медиумите, мислам дека сите редакции отидоа едно ниво погоре. Сите сфативме дека може да се функционира (технички) и онлајн, исто како и претходно. Ние во „Културен печат“ комплетно сè онлајн сработуваме – со дизајнерката Елисавета Бејкова и со лекторката Виолета Караџовска-Стојанова функционираме како тим.

Го избравте Дебар Маало како место за средба, каде што, како велите, често го минувате времето. Колку Скопје е сменето од времето кога како млад чекоревте по неговите улици?

-Улиците од мојата младост не се многу сменети :). Дебар Маало е една од омилените дестинации, затоа што тука се случија и првите неколку години од моето детство, тука сум скокал преку тараби, сме играле граница, миженка низ цело маало со учениците од „Коле Неделковски“, иако само до трето одделение бев тука, потоа се преселив во друга населба. Меѓутоа, Скопје многу се промени во однос на својата инфраструктура, се случи прилив на луѓе... Веројатно, како се менуваат луѓето се менува и градот, но улиците останаа исти. Забележувам дека во последно време помалку налетувам на луѓето со кои порано сме се дружеле. Веројатно, секој е зафатен со својот живот. Не користам јавен транспорт, ниту велосипед, ниту модерните тротинети, секаде најчесто се движам пеш, така ги минувам улиците, и тоа многу го сакам. Така и забележувам дека некои улици од моето детство не се променети, иако градот има драстична трансформација, особено со некои новокомпонирани проекти. Никогаш не сум помислил да го напуштам Скопје, а веројатно и нема. Во октомври ми е најубав, веројатно тоа е поврзано и со мојот роденден, но и со колоритот, боите на есента. Најмногу го сакам во есенските денови... Некои нераскинливи врски човек има со градот, кои некогаш не може да ги протолкува, да ги дефинира, но функционираат. Невидливи сили што те влечат да останеш тука.

Како Вие се менувавте со градот? Постои ли некоја карактеристика што од младоста досега остана непроменета?

-Најтешко е човек да ги види промените кај самиот себе. И јас некогаш кога ќе се погледам себеси во огледалото, си мислам дека сум тој од тинејџерските години. Годините го градат карактерот. Карактерот е тој што ќе те одржи понатаму во живот. А на 50 години и не можеш да го менуваш карактерот. Некои принципи си опстојуваат од тие тинејџерски години. Тоа што мене ме одржува е тоа што никогаш не сум се борел за работите (не во смисла дека сум немал мотив да реагирам за некои ситуации), мислам на онаа класична борба со лактови, подметнување и сопки на други луѓе за ти да се издигнеш, туку сум гледал најдобро што знам и умеам да ја завршам својата работа. Нормално, секогаш кога и да имало потреба некому да се помогне, сум се обидувал да бидам тука. Но, и од друга страна, ако сум увидел дека јас немам како да помогнам, сум се повлекувал настрана, бидејќи нестручната помош би можела да биде и контрапродуктивна. Карактерот што си го изградил е тоа што те одржува и си свесен дека ќе те одржи и понатаму. Се обидуваш да ги задржиш убавите страни на карактерот. Се обидуваш максимално да ги елиминираш негативните аспекти на карактерот – несолидарноста, љубомората, злобата, нехуманоста..., максимално внимавам на такви работи, да не изреагирам на тој начин. Го следам животот. Никој не може да го испланира животот за да живее по еднонасочна патека. Животот е разгранета мрежа од патчиња, сокаци... Некогаш булевари, некогаш сокачиња. Во мојот живот имало и ќорсокаци, кога ќе тргнеш и ќе видиш дека веќе нема каде да одиш, значи мора да најдеш нова крстосница во животот, мора да се вратиш чекор назад за да продолжиш напред. Спомнав дека неколку пати сум останувал без работа и тоа се многу непријатни моменти. Доаѓа директорот и ти кажува од утре медиумот не постои. „Што ќе правам?“ е прашањето што ти се врти постојано следните неколку дена. Меѓутоа, таков е животот. Постојано излегуваат нови можности и избори, и карактерот е тоа - којшто е пресуден кога треба да се донесе некаква одлука. Силен карактер ќе донесе добра одлука, слаб може да залута, но и тоа не е крај на животот. Секогаш излегува некоја нова можност.

Три децении пишувате за културата, за други уметници, за туѓи дела... Пишувате ли нешто и за своја душа?

-Немам време за такво нешто, иако секое наше дело (текст) е мало уметничко дело, бидејќи се занимаваме со уметност и со култура. Секако, кога навистина ќе се посветиш, а јас се посветувам. Повремено сум помислувал на некакви анегдоти, скици, кратки форми. За поезија мислам дека не сум надарен, но некакви кратки раскази ми поминуваат низ мислите, но досега не сум имал време и можност нешто да составам. Тоа што го имам објавено се две книги со интервјуа, но тоа е повеќе последица на работата. За другото, не знам, можеби ќе излезе во животот некој таков момент, никогаш не се знае.

Објавено:
16 ноември 2020
Прочитано:
254 пати