Диригент

Уметноста не е забава, туку највозвишен израз на човечкиот дух и ум!

Интервју со
Сашо Татарчевски
22 јуни 2020

Привилегија е да се има за соговорник маестро Сашо Татарчевски, затоа што муабетот со него е и лезет и позитивно искуство и има што од него да научите. Привилегија е и што може да го наречеме НАШ, во сите негови светски походи и крунисувања на македонската култура и уметност низ светските музички метрополи. Кога патува низ светот со неговите ансамбли (раководи и со: Женскиот младински хор при Младински културен центар - Скопје, мешаниот хор при Факултетот за музичка уметност „Драган Шуплевски", симфонискиот и камерниот оркестар на ФМУ и професионалниот хор „ПроАрс"), речиси никогаш дома не се враќа без награда или признание (во долгата низа е и специјалната награда за најдобар диригент и Гран При на меѓународниот младински фестивал во Братислава). Му аплаудира светот, му аплаудираме и ние за сите негови ангажмани и како диригент и како професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде поминале многу генерации за кои и самиот ќе каже дека се негова гордост. За предизвиците на новото време, за перципирањето на уметноста, за локалната средина како творечки амбиент, за лекциите на кои ги учи своите студенти, но и лекциите кои самиот ги научил низ животот, во разговорот во продолжение...

Маестро Татарчевски како сте во овие „вонредни" времиња? Се промени ли текот на Вашето секојдневие? Како гледате на целата оваа ситуација?

-Прво да ви се заблагодарам за интересот и можноста за интервју во вашиот е-магазин. Добар сум здравствено, а и духот ми е задржан на прилично високо ниво. Можеби и затоа што имав доста работи за средување по дома (бидејќи претходно бев едноставно презафатен за да ги завршам и тие работи), па ете не ги почувствував толку трагично карантинските денови.

Моето секојдневие се промени драстично. Може и да замислите колку нештата се променети за човек кој веќе години и години со ред континуирано работи со три до четири ансамбли паралелно, има максимален број на студенти и часови на факултетот за музичка уметност во Скопје, често соработува со Македонската филхармонија и често патува на меѓународни настани, дали со своите ансамбли или како предавач и член на жири. Едноставно комплетно променет стил и темпо на живот. Искрено, се надевам дека брзо ќе заврши оваа ситуација. На почеток, сакајќи да пронајдам и нешто добро во лошото, имав надеж дека ова е можност за еден глобален комплетен ресет. Можност како човечки род да ја сфатиме својата улога и местото на планетава и да почнеме да се однесуваме многу поодговорно и потрезвено отколку до сега. Но, гледано од денешен аспект, не сум сигурен дека нешто многу ќе се смени во таа насока.

Посведочивме во време на социјална и општествена криза, колку е значајна обединувачката моќ на уметноста, па додека светот беше во карантин се користеше како универзален јазик на меѓусебна поддршка. Но, во стандардни околности, потценета ли е вредноста на уметноста во современото живеење?

-Моето чувство е дека уметноста, за жал, е секогаш потценета. Во случајов не зборувам за некаква финансиска поддршка, туку за перцепцијата на поголемиот дел од луѓето што таа претставува и кое е нејзиното место во едно општество. Можеби оваа ситуација ќе има некакво влијание за промена на таа перцепција, но досегашното искуство не ми дава да бидам премногу оптимист во врска со тоа. Уметноста не е забава, убивање на слободно време или бегање од секојдневието. Уметноста е највозвишен израз на човечкиот дух и ум. За жал, стилот на живот (или „живот") кој го имаат прифатено најголемиот број луѓе не дозволува да се избега од очекувањата за површност и надворешен ефект од уметничкиот израз, изедначувајќи го на тој начин со естрада.

Може ли да се конзумира уметноста онлајн? Ќе се променат ли навиките кај публиката после глобалното рестартирање? Каков е Вашиот впечаток?

-Прво, зборот „конзумира" никако не можам да си го поврзам со уметност. Може да се конзумира естрада. Уметноста се доживува. Краткиот одговор на прашањето би бил „не". Уметност онлајн може да биде само уметност која е создадена токму со цел да се презентира онлајн. Сите останати „класични" форми на уметност ја губат главната своја квалитативна компонента доколку се емитираат на тој начин. А тоа е токму моментот на создавање или ресоздавање (изведба) и следење на некое уметничко дело во живо. Технологијата и занаетската подготвеност на аудио-видео-техничкиот кадар денес дава многу можности за создавање на привид дека уметноста комплетно би можела да се префрли во дигиталниот простор, но тоа е сепак само привид. Ниту уметниците (особено во изведувачките уметности) се инспирирани кога треба да настапат само пред камери, ниту публиката може да ја почувствува вистинската атмосфера која може да ја пренесе пораката и емоцијата на уметничкото дело кога тоа го следат преку некаков екран. Разликата е како да јадете (на пример) домат од домашна бавча или индустриски домат од оранжерија.

Се споменуваат различни верзии за тоа каков во блиска иднина би бил амбиентот на пример на еден концерт во живо, при што поради запазување на физичката дистанца, капацитетот на публика во најмала рака би се преполовил. Дали според ова сценарио, уметноста би добила елитистички предзнак?

-Јас не мислам дека треба, како човечки род, толу лесно да си дозволиме да бидеме поразени од еден микроорганизам (без разлика дали е природно појавен или вештачки дизајниран да предизвика ваква катастрофа) и да дозволиме комплетно да ни се промени начинот на живот. Не би сакал да замислам ситуација каде уметноста би била достапна само за некаква елита. Напротив, уметноста треба да е достапна на секого во едно општество бидејќи пораките на уметноста се универзални и не познаваат граници на статус, боја на кожа, етничка припадност, пол, вера или било која друга биолошка или општествена поделба.

Имате импресивно портфолио, речиси никогаш дома не се враќате без награда од вашите гостувања низ светските музички метрополи, раководите со неколку ансамбли, а истовремено умешно ја обавувате и просветната функција. Но, вреднувани ли сте дома онолку колку што заслужувате? Сметате ли дека многу од Вашите интернационални успеси биле премолчани или само тивко „на прсти" пренесени? Зошто секогаш имаме проблем да ги признаеме сопствените квалитети, па дури и во случај кога таквите веќе се признаени и во светот?

-Успесите не ги правев за да се здобијам со некаква слава или финансиска корист. Внатрешната потреба да ја претставам македонската култура во најдобро светло надвор од нашите граници и желбата за бришење на комплексот на инфериорност кај нашите млади луѓе беа главниот мотив за да го правам тоа. Секако, голема улога тука игра и домашното воспитание. Иако бев свесен дека за многу помали (или дури и лажни) успеси некои „избрани" луѓе добиваат многу поголема видливост во нашето општество, никогаш не си дозволив тоа да ме одврати од она што го правам. Невреднувањето на успеси и величењето на медиокритети е, сепак, само слика на општеството во кое живееме. Ние сме, за жал, длабоко партизирано и етнизирано општество каде квалитетот и резултатите остануваат небитни (па понекогаш дури се сметаат и за проблематични) доколку не се ставени во функција на некаква политичка добивка. Вредностите се свртени буквално на глава и во таква средина е погубно по психофизичкото здравје човек да очекува некаква нормалност во вреднувањата на постигнатото и односите генерално. Можеби е само моја карактерна особина, но многу често тоа меко бојкотирање или комплетно игнорирање на постигнатите успеси наместо да ме разочара и да ме натера да се откажам ме правело уште поодлучен да продолжам со тоа што го работам.

Каква е нашата средина од аспект на творечки амбиент за еден диригент? Стерилна, плодна, демотивирачка, во развој...? Со какви „демони" еден професоналец треба да се избори за достојно да застане пред својот ансамбл?

-Моето искуство е такво да сум ги почувствувал сите ситуации кои ги наброивте. На почетокот многу полесно ми беше да застанам пред (на пример) најдобриот руски симфониски оркестар, кој воедно е и еден од најдобрите во светот, отколку пред наш ансамбл каде односот е оптеретен со предрасуди, клишеа, менталитетски стереотипи во врска со домашни (особено млади) диригенти и каде повеќе се борите со тие нешта, наместо да бидете диригент и уметник. „Демоните" со кои еден диригент треба да се избори кај нас се многу, и внатрешни и надворешни, но најбитно е човек да не им се исплаши и да не дозволи да го победат. Долги години сум се чувствувал (и реално сум бил) „поттурнат" на страна, не сум имал пристап до националните институции и мејнстрим настаните кои носат видливост. Но, секој кој е искрен кон својата професија и има неуништлив нагон да го извади од себе тоа што го носи ќе најде начин. Никој не може да го запре. Тежок е патот за пробивање доколку не сте од „избраните" или од „наше дете" категоријата, но од друга страна пак, откако ќе успеете, задоволството од немањето никакви „кредити" кон никого е огромно и односот со колегите со кои соработувате е неоптеретен со непријатен багаж.

Која е првата лекција на која ги учите Вашите студенти?

-Да сфатат дека не се ништо полоши или подобри од никого друг во светот само поради тоа што се родени тука и такви какви што се. Дека квалитетот и успехот кој можат да го постигнат во животот зависат само од нивната желба и подготвеност за здобивање на многу знаења и за работа. Со успесите кои ги постигнуваме со ансамблите на меѓународна сцена тоа на студентите им го докажувам и практично. Поголем проблем е човек да не звучи демагошки кога на студентите им кажува кои се вредностите кон кои треба да се стремат и да ги почитуваат кога ќе ги видат кај некој друг човек, а тие во секојдневието надвор од нашиот микро свет (предавања, проби, турнеи, натпревари, концерти) гледаат, слушаат и живеат сосема поинаква реалност. За да не звучам утописки отворено зборуваме и за нашата сурова реалност, но и дека тоа не е нешто кон што треба да се стремат и да го практикуваат и одобруваат. Интересно, кај повеќето од нив фаќа корен таквото воспитание без да им пречи премногу во нашава реалност. Искрено, многу сум горд на најголемиот број студенти кои поминале низ моите класи по различни предмети.

А кои се универзалните лекции што би сакале да ги споделите со нас, а сте ги научиле низ својот личен професионален прогрес, од аспект на диригент од Македонија кој пропатувал и го освоил светот во доменот на своето делување?

-Тоа што треба да се знае е дека луѓето се секаде исти кога станува збор за основните инстинкти, потребите и емоциите. Секаде ќе сретнете добри, рамнодушни или злобни луѓе. Секаде постои солидарност, завист, љубов, омраза. Разликите во појавноста на овие работи се предизвикани од историско-културолошките услови на развој на секоја средина, финансиската моќ и системот на организираност на едно општество. Тука се разликите. Подобро организираните системи помалку дозволуваат на површина да испливаат медиокритети и неквалитетни луѓе, а повеќе ги ценат и поддржуваат успешните и квалитетните. Сфатиле дека од нив има многу поголема заедничка корист и напредок. Се надевам дека еден убав сончев ден и кај нас ќе почне да владее принципот на меритократија наместо овој хаотичен систем кој веќе може да го наречеме и систем на корумпирана свест.

Како ја одржувате Вашата креативна кондиција?

-Колку и да не сакам тоа да го правам, последниве три месеци работам онлајн. Држам предавања, проби, консултации, разговори на различни теми со студенти, членови на моите ансамбли и колеги од странство. Ни од далеку не е блиску до вистинската работа, но ситуацијата наложи да морам тоа да го правам на тој начин со цел да ја одржам и својата, но и кондицијата на сите мои студенти и соработници во ансамблите. Се надевам дека ќе можам брзо да се вратам на вистинскиот начин на работа. Во живо.

Каде го пронаоѓате својот личен спокој?

-Во семејството, секако. Со сопругата заедно студиравме на ФМУ, па многу добро се разбираме во врска со работата. Првиот син е веќе возрасен човек кој е пред дипломирање, а двете близначиња, женско и машко, се на возраст од седум години и секојдневно ми го разубавуваат животот со нивната детска искреност и безусловна љубов. Секој слободен миг им го посветувам ним. Тоа ме оспокојува, ми дава сила да продолжам уште поинтензивно со тоа што го работам и ми дава поинаков, многу подлабок смисол на животот вооопшто.

Веројатно актуелната неизвесност не е баш најсовршениот амбиент прецизно да се планира иднината, но тоа не значи дека не треба да имаме некоја своја проекција за периодот „потоа". Што е на врвот на Вашата агенда за „потоа"?

-Неизвесно изгледа се' во моментов, да... Но, како што можеби и препоставивте од претходните одговори, не сум човек кој лесно се предава. Веќе имам покани и преговори за сите ансамбли со кои работам. Иако многу ќе зависи од условите поврзани со прогласената пандемија, уште во август ги планираме првите активности после паузава. Планирам концерти со нови програми со сите ансамбли со кои работам, турнеи на кои ќе ја продолжиме успешната презентација на македонската творечка и исполнителска посебност пред странската публика и уште повеќе контакти и соработки со колеги од странство.

Објавено:
22 јуни 2020
Прочитано:
433 пати