Поетеса

Валентина Бакти: За мене поезијата е неопходна слобода

Интервју со
Валентина Бакти
29 јули 2022

На Скопје пред некој ден му се случи една убава поетична вечер под дождот. Музика, уметност, фотографија и поезија, се испреплетуваа со убавата енергија на публиката која присуствуваше на поставувањето на изложбата „Скопски колажи" во организација на издавачката куќа „Готен", а како дел од претставувањето на нивната гостинка од Србија, Валентина Бакти која месецов е на резиденцијален престој во Скопје.

„Скопски колажи" е еден вид омаж на Валентина Бакти посветен на Скопје. Се состои од изложба на колажи и писма кои се разменувани за време на нејзиниот резиденцијален престој во Скопје со српскиот актер Ѓорѓе Живадиновиќ Гргур. Колажите пак, се направени од фотографии што ги имаат создавано таа и фотографот Диме Данов.

 

Валентина Бакти (Прокупље, 1995) е поетеса, преведувачка, актерка и фотографка. Нејзината прва двојазична книга поезија, „Помеѓу", ја има објавено издавачката куќа „Антолог" од Скопје, а втората, „Да се скршат коските", издавачката куќа „Дибидус" од Белград. Таа е една од организаторите на Скопскиот поетски фестивал, а ги уредува и списанијата за книжевност и култура astronaut.ba и bludnistih.com.

Неделава имавме убава прилика да поминеме едно пријатно претпладне со неа во Старата скопска чаршија, за која вели дека ѝ е едно од омилените места во градот. Поводот беше „Скопски колажи", но низ нашиот разговор отворивме и други теми од нејзиниот колоритен и поетичен живот.

Валентина, периодов работно престојуваш во Скопје. Што те донесе тука овојпат? А што постојано те враќа во градот?

Овој месец сум дел од книжевната резеденцијална програма на издавачката куќа „Готен" која е поддржана од страна на европската мрежа за превод и книги „Традуки". Тука постојано ме враќаат случувањата, настаните, пријателите, но и јас сама себе се враќам.

Како изгледа твојата дружба со Скопје деновиве? Како ти е исполнето секојдневието?

Скопје и јас сме стари другари, уживам со останатите пријатели, но понекогаш и самотијата добро ми доаѓа.

Времето главно ми е исполнето со создавање и во движење: ја преведувам книгата на Иван Шопов која ќе биде објавена во Србија. Со Диме Данов ги подготвувавме фотографиите за колажите, организиравме настан, поставивме изложба... Би сакала да им се заблагодарам на Марија Димулкова, Евгенија Здравевска, Владимир Лукаш и културниот центар „Јадро", за безусловната помош.

Ќе кажеш дека „Скопски колажи" е еден омаж на Скопје кој на публиката треба да ѝ остави простор за попоетичен поглед на градот... Деновиве беше поставена и изложбата, меѓу другото и како прилика директно да комуницираш со публиката и да ги согледаш нејзините реакции? Успеа ли во намерата, какви беа впечатоците?

Не знам дали успеав, но сигурна сум дека сѐ може да се види ако се сака. Благодарна сум им на сите луѓе кои дојдоа на изложбата и беа дел од настанот, благодарана сум за прекрасните реакции и прегратки. Посебно со своето присуство ме израдува Никола Маџиров.

Кога фотографијата станува поезија? А кога поезијата станува филм? Во твојата уметност има една таква природна флуидност...

Уметноста е највистинска кога е искрена.

Какви коментари најачесто добиваш од твојата читателска публика, како ја доживуваат твојата поезија? А како ти лично ја доживуваш, што е поезијата во твојот живот? Кои емоции ги создаваат нејзините бои?

Најрадосна сум кога публиката ќе ја препознае, затоа и ја споделувам поезијата, слушањето е сѐ. За мене поезијата е неопходна слобода, затоа што ме соочува, прифаќа и разделува. Поезијата е сѐ она што ѝ дозволувате да биде.

Фотосесијата за нашето интервју ја направивме во Старата скопска чаршија и не погрешивме што ја избравме токму оваа локација. Некако твојот карактер и појава како да припаѓаат во целиот тој колорит од бои, мириси, култури, живост...

Благодарам, изборот беше сјаен. Чаршијата е едно од моите омилени места во Скопје. Уживав асполутно.

Што те држи будна и ангажирана?

Живот и смрт.

Кој е следниот битен датум заокружен во твојот календар?

Што се однесува до важните датуми, 31 јули е резервиран за семеен ручек, за што многу се радувам. Во однос на работните планови, во август ќе бидам дел од поетскиот фестивал во Велестово, потоа нѐ очекува вториот Фестивал на поезијата во Скопје, изложба на колажи во Белград, а би сакала и на море во меѓувреме...

 

Објавено:
29 јули 2022
Прочитано:
226 пати