Блог @vkusniprikazni

Важно е да се чувствувате добро, не само најадено

Интервју со
Весна Ѓурковска Каеска
13 јули 2020

Чинија полна со семејни приказни, доживувања, секојдневие... Ем здрава, ем убава за око, ем вкусна. Весна Ѓурковска Каеска е „раскажувачот" кој стои зад популарниот Инстаграм профил и блог @vkusniprikazni, со мисија на еден креативен и достапен начин да ја пренесе идејата и концептот за здравиот начин на живот, што приоритетно ја вкучува и здравата исхрана.

Во разговорот со неа, продискутиравме за многу дилеми со кои се соочуваат младите родители во однос на начинот на исхрана на своите деца, но се осврнавме и на потесната релација во нејзиното младо, четиричлено семејство, кое има клучна улога во започнувањето на нејзините вкусни приказни.

Здравјето нема цена, но бара голема посветеност и грижа, ова е резимето од нашиот инспиративен разговор што во целост го читате во продолжение...

Весна земајќи ги предвид сите предизвици со кои актуелната ситуација нè соочува, како сте? Најдовте ли некоја своја формула или одбрамбен механизам како да го заштитите Вашиот интимен свет од „бурата" околу нас, па да ни ја посочите како позитивен пример?

-Бурите однадвор се мирно море ако внатре ни е тивко и спокојно. Мојата формула е непостојана, менлива и минлива. Исто како и ситуацијата која нѐ засега сите. Мантрам дека сé поминува и наздравувам за животот :).

Имунитетот е клучна превентива во различни ситуации загрозувачки по нашето здравје? Приметувате ли тренд на зголемена посветеност на градење имунитет, особено периодов како последица на здравствената криза? Мислите ли дека генерално како нација настапуваме со задоцнети реакции по тоа прашање или може да се пофалиме дека не ни е потребна „криза" да нè потсети свесно да внимаваме на имунитетот?

-Во почетокот нацијата живееше од „ брашно ". Дури, зачудувачки беше колку генерално се влезе во некој survival mood, кога ништо не беше целосно затворено, вклучувајќи ги и местата од каде што можеме да се снабдиме со свежа, жива храна. Но, секој различно ги доживеа промените. И добро е ако луѓето се свртеа кон сопствената нега и готвење на подобра храна. Моето мени не претрпе промена и среќна сум што е така. Мислам дека кај нас има сериозна заблуда за тоа што претставува имунитетот и се поврзува со една до две работи, а всушност е комплексен показател на гените и на квалитетот на животот, како и условите во кои живееме. За да бидеме здрави, пред сѐ, треба да сме среќни. Останатото, е бонус.


Здравата храна има значајно, ако не и клучно влијание за здрав живот. Во оваа област Вие сте ѝ добро познати на јавноста. Можеби генерализирам но, постои ли некое основно објаснување што е здрава храна?

-Во последно време и самата се '' фаќам" себеси како не сакам да им објаснувам на луѓето што е здрава храна, иако и самата ја применувам, пропагирам и несвесно објаснувам. Тоа се должи на агресивниот тренд на форсирање здраво v.s нездраво, па до некаде и контраефективно со вистинската кауза за здраво хранење. Здравата храна треба да е начин на живот, доколку некој навистина го сака тоа. Или накусо кажано, да си го зготви од нула, тоа што сака да го изеде или испие.

Тоа, најпластично би го објаснила со тоа, ако ве прави среќен. Мене ме прави среќна голема чинија салата, која самата ќе си ја приготвам. Или супа. Важно е да се чувствувате добро. Не само најадено. Мислам дека луѓето често одбираат здрав начин на хранење, само ако мораат, за жал. А, тоа пак кажува дека е многу тешко да се искоренат навиките.


Вие докажавте дека здравата храна може да биде ем вкусна ем убаво да изгледа. Кои се тајните „зачини" за една ваква складна комбинација?

Љубовта и посветеноста со малку спонтаност.
Јас не сум совршен готвач. Ниту пак совршен уметник.
Но, знам да земам дел од двете пасии што мене најмногу ми прилега и вешто да го преточам во приказна. Јас сум раскажувач со многу промашени оброци, неправилни форми и бујна фантазија.
Луѓето не сакаат стерилност.
Премногу дезинфицираме други полиња. Во изразот, за среќа, нема дезинфекција.

Вкусните приказни пренесени во чинија, се всушност приказните на Вашите деца?

-Нивни, мои, на нашето семејство. Случки, важни настани, интересни патувања. Накратко, сето она што се случува надвор од виртуелниот свет на нашето четиричлено семејство.

Вашиот блог, а воедно и Инстаграм профил, прави умешна комбинација на гастрономската уметност и здравата исхрана пропратени со приказни од Вашиот приватен живот. Се покажа ли овој концепт како успешен, во остварувањето на Вашата идеја – да ги пренесете здравите животни навики до што поширок аудиториум?

-Да! Иако понекогаш се прашувам дали и до крај се читаат моите приказни, секогаш сум со мислата, дека вистинскиот следач ќе најде минутка плус за да го прочита текстот. Јас така ги пренесувам емоциите , рецептите и идејата. Мислам дека успевам.

Кој е првиот чекор што родителите треба да го преземат кога детето ја одбива здравата храна?

Да не паничат :)
И да не се откажуваат.
Знам, звучи контрадикторно, но на долг рок, ова се покажува како win-win комбинација. Тоа значи дека, креативноста може да дојде до израз, дека децата ќе го добијат сигналот дека мама/тато не креваат раце, значи е добро. И секако, без агресивни методи. Сите деца имаат фази. Како и ние денови :).


Кои прашања на Вашиот блог најчесто Ви ги поставуваат родителите на мали деца, со кои проблеми во однос на исхраната најчесто се соочуваат?

-Во последно време мнооогу пораки за помош при одржување на лактација и доење, како да послужат храна за бебињата кои се хранат по BLW методот, како да го победат стравот од нивните очекувања за тоа колку треба да јадат децата, како да го одбијат бебето од цицање и сл. Многу теми :) но, дефинитивно " нејадачите " кои јас ги нарекувам " јадачи со карактер " , се најчестата тема. Тоа се всушност децата кои ќе ни покажат како да се справиме со себеси во предизвикувачки ситуации.

Која е најголемата заблуда или мит во однос на храната што некогаш сте го слушнале/прочитале во бројните дискусии и дебати во кои сте често присутни?

-Има многу :) ние сме тло на кое успешно се раскажуваат многубројни митови и заблуди за секакви ситуации, зашто така останало од дамнина.

Еве неколку:
Му ставив сол на осуммесечното бебе, бидејќи ми ја одбиваше храната, оти е блуткава и без вкус /Бебињата не знаат што е солено, додека не им понудите. А, нудење на бебиња сол и шеќер пред навршена година е штетно и непотребно.
Децата повеќе прифаќаат овошје, одошто зеленчук/ Не постои универзална дефиниција за детскиот вкус. Дел од тоа е наследно, дел го примаат како информација додека им ја нудите/служите храната, дел кога гледа како домашните се однесуваат со храната и последниот дел е дали дента се расположени за тоа или не :).
Не давајте риба на детето пред да прозбори, оти ќе остане немо ( рибата не зборува )/ Непотребно е да се лишуваат децата од извор на Омега 3 масни киселини заради некои митови кои се нелогични :).

Велите дека пред да се остварите како мајка, никој не Ве подготвил за целиот ритуал околу доењето. Сте се соочиле со многу прашалници и самите сте си барале одговор, веројатно како и многу млади мајки. Но, што од лично искуство сакате да им предочите на оние жени што допрва треба да се остварат како мајки? Што есенцијално треба да знаат околу доењето на своето дете?

-Прво, да се информираат од вистински извори за доењето за тоа што претставува и каков процес е доењето и да го сфатат како процес за кој треба време. Некому повеќе, некому помалку. Да не се потпираат на туѓи искуства, особено оние кои се помалку и демотивирачки, туку да се обратат на советници за доење кои ќе им ги даваат насоките. Да се подготват психички и да бараат помош за домашните обврски. Сосема е оправдано да не мораме веднаш да станеме и да зготвиме ручек. Заедно со партнерот да ги поминуваат долгите ноќи и многуте прашалници.

И многу важно, да се опуштат така што ќе си веруваат себеси дека можат да дојат, ако искрено си одговорат дали сакаат да дојат :)


Како треба да се храни една доилка?

-Треба да се храни со разновидна, свежа и балансирана храна, која и онака би ја конзумирала. Свежи намирници, течности, да одмара колку што може. Да ја прифати новонастанатата ситуација како нормална, но поинаква од претходната и да забрани да се однесуваат со неа како да е болна :).

Не постои цврст доказ дека храната која ја конзумира доилката е поврзана со грчеви. Млеко ќе има секако, но е важно во постнаталниот период да се храни квалитено за сопственото здравје. Преку млекото бебето добива сé освен Витамин Д кој се суплементира. Затоа исхраната на мајката е важна уште во бременоста. Не мора да јаде за двајца. Нека јаде за себе, ама квалитетно и разновидно, за да му овозможи на бебето уште во утробата да се сретне со различни мириси и вкусови :).

Планирате ли Вашиот водич за здрава храна да добие можеби и печатена, видео или некоја друга верзија?

-Да. Имам толку многу планови на темава, а толку малку животи. Хахахаха :). Со ситни чекори, но се движам. И едвај чекам да се пофалам.

Објавено:
13 јули 2020
Прочитано:
1.560 пати