Креативци

Во колоритниот свет на Farina’s handmade

Интервју со
Farina's handmade
6 септември 2016

Боите ни го прават животот весел. Таков е и карактерот на нивните уникатни рачни изработки: ведар дух, разигран, колоритен, темпераментен – токму како малата и секогаш љубопитна хероина од нашето детство, Фарина од „Малите палавковци". Тие се Марина, Надица, Елена и Марјан и творат зад препознатливото име Farina's handmade.


Добредојдовте во нивниот колоритен свет.

Раскажете ни за почетоците на Farina's handmade. Како се создаде приказната?

Приказната за Farina's handmade започнува уште пред околу 5 години кога изработувавме чанти и накит од најразлични материјали: фимо, глинамол, мониста, жица... и ги продававме на тезга, а поретко на базари на локалните фестивали во Струга. Подоцна ја откривме и епоксидната смола која можеби стана пресудна да се фокусираме на изработка на накит исклучиво од глинамол.

Што е карактеристично за вашите рачни изработки?

Карактеристично за нашите изработки се необичните форми и шарениот колорит на нашите дизајни кои сами ги осмислуваме и рачно ги израбоуваме.

Какви модни додатоци и асесоари се изработуваат во вашата креативна рaботилница?

Изработуваме брошеви, прстени, обетки, ланчиња и чанти, но по барање на купувачот некогаш нашите дизајни ги аплицираме и на запалки или ги врамуваме во рамка како слика.

Каков тип на материјали најчесто користите при нивната изработка и дали се соочувате со проблеми во однос на нивната достапност на пазарот?

Накитот го изработуваме од глинамол, го сликаме со акрилни бои и го премачкуваме со епоксидна смола и досега сме немале проблем во однос на достапноста на овие материјали. Другиот тип на накит го изработуваме од форекс, аплицираме слика на него и на крај ги премачкуваме со смола.
Кај чантите се соочуваме со мал проблем поради малиот избор на материјали кај нас, но сепак наоѓаме начини преку сликање на текстилот, да го постигнеме она што сме го замислиле.

Каде може да се најдат вашите производи?

Сите наши производи веднаш по изработката ги обајвуваме на нашата Facebook страна преку која комуницираме со купувачите. Продавницата се наоѓа во Струга и тука може да се види она што моментално го имаме на залиха. Инаку за оние кои не се во можност да не посетат праќаме по брза пошта до сите градови низ Македонија.

Која таргет група е најголем љубител на вашите шарени производи?

Досега нашите производи ги купувале и девојчиња и повозрасни жени, но како најчести купувачи би ги издвоиле девојките од 20 до 35 години кои воедно и ни се таргет група.

Какви нови изненадувања ни подготвувате?

Се надеваме ќе изненадиме со самостојна изложба или со она што го подготвуваме за претстојната есен.

Објавено:
6 септември 2016
Прочитано:
1.136 пати