Во морето неубави и стресни вести изминатиов период, низ медиускиот простор кај нас остави трага и една убава - Македонка освои „Еми“ награда. Имено, Александра Кочоска, заедно со сопругот Анте Дековиќ и Џејсон Зимерман, освоија „Еми" за специјални визуелни ефекти за серијата „Star Trek: Discovery".
Успехот кај нас не се простува лесно, но нејзиниот беше проследен со аплауз не само од оние што минатиот месец се најдоа во „Мајкрософт“ театарот во Лос Анџелес, туку и од јавноста дома.
И токму оваа дама која чекори по „Ѕвезени патеки“ е нашиот соговорник, а нејзината инспиративна приказна водечка за месец октомври.
Разговаравме за гламурот на „Еми“, за тоа како е да се биде жена во индустријата на креативни уметности, но и за тоа дали нејзиниот успех може да се нарече остварување на „Американскиот сон".
А разговорот читајте го во продолжение:
Александра, стивнаа ли впечатоците? Како изгледаше овој период по добивањето на „Еми“ наградата?
-Големата еуфорија стивна, но драго ми е што сè уште добивам пораки и честитки за постигнатиот успех. Морам да кажам дека сум благодарна на сите за одвоеното време и внимание. За мене беше несекојдневно искуство да добивам толку покани за интервјуа и разговори. Се надевам дека добро се покажав.
Како изгледа да се биде дел од таква преснижна манифестација, која ние ја проследуваме само преку екраните и објавите во медиуми? Дали е навистина толку гламурозно како што ние го доживуваме?
-За мене ова искуство беше како на филм, иако веќе сум била на „Еми наградите“. Но, ова е првпат да освоиме награда. Се чуствував како славна личност, еден вид селебрити. Моментот додека чекорите по црвениот тепих и има голем број фотографи, ве прави да чуствувате дека сте во некој друг свет, барем за еден миг. Оваа година, салата беше помала поради пандемијата. Сепак, се чуствуваше гламурот и беше свечено како и претходни години. Повеќето гости се номинирани за некоја награда, па вечерта има посебна енергија и тензија кој ќе си замине со статуетката на крајот. Постојано се делат комплименти и честитки за веќе постигнатиот успех. Самиот факт дека сте во номинираните и најдобри пет е веќе огромен успех.
Чекорењето по црвениот килим со статуетка во рака може да се рече дека е чекорење по „ѕвездени патеки“, на кои им претходи необична и судбинска приказна...
-Па приказната вака кога ќе се опише звучи филмски. Сè почна во 2010 година кога заминав во Њујорк, да работам како бејбиситерка која живее со семејство (Au Pair). Заминав преку една наша агенција за посредништво, со една основна желба - да патувам, да излезам надвор од границите на Балканот и да ја видам Америка. Во тој период заминаа и некои другарки. Моја блиска другарка беше во Лос Анџелес. После година ипол, јас заминав да ја посетам за да го видам и Западниот брег на Америка.
Таму го запознав мојот иден сопруг, Анте Дековиќ, кој во тој момент работеше како супервизор за визуелни ефекти. На некој начин, во ист момент почна и нашата лична приказна, како и мојата професионална приказна. Анте е „виновникот“ кој ме воведе во приказната за визуелни ефекти.
Сепак, морав да работам и јас лично на себеусовршување и преквалификација. Запишав на UCLA Extension и земав две дипломи за да добијам шанса во филмската индустрија: Business and Management of Entertainment Certificate и Development Certificate. Додека студирав, дел од програмата е да добиете пракса директно во полето на интерес. Така добив шанса да работам на мојот прв проект, „White House Down“. За време на праксата и студирањето работев со супервизори со огромно искуство како Марк Вајгерт (исто така добитник на Еми), Вокер Енгел (добиник на Оскар за „Independence Day“) како и режисерот Роланд Емерих. Клучен момент во мојата кариера е запознавањето со Џејсон Зимерман. Тој ми ја отвори вратата во светот на ТВ сериите и ние сме сега долгогодишни соработници.
Како ја замислуваше својата иднина додека уште беше во Македонија, и колку сегашните околности ги надминуваат или се во рамниште со твоите претходни замисли и цели?
-Додека живеев во Македонија не се замислував дека ова ќе биде тоа што ќе го работам еден ден. Студирав Англиски јазик, но заминувањето во Америка ми ги отвори вратите и идеите за многу други професии. Дури и додека студирав или почнував, не замислував дека еден ден ќе дојдам на сегашната позиција.
Прва Македонка си што освоила „Еми“, со што испишуваш историја... Млада си, жена си, мајка, успешна, доаѓаш од мала земја од Балканот, каде постојано има турбуленции ... Како ти гледаш на овој свој успех, свесна ли си за истиот?
- На еден начин „Еми наградата“ ја доживувам како одлично одбележување на сиот вложен труд во претходните години, како и оваа година. Фановите го гледаат крајниот резултат на часови и часови труд и енергија. Овие моменти на слава се прекрасни и инспиративни за да работиме уште подобро и уште повеќе. Навистина ми е драго дека шириме убави вести во мојата родна земја. Реакциите на македонската јавност се само уште еден доказ дека имаме квалитет. Мое мислење е дека сепак треба да се остане скромен и да се продолжи со уште повеќе работа. На пример, после доделувањето на „Еми“ наградите, веќе следниот ден имавме нова епизода на работа која моравме да ја доставиме до студиото. Самата работа ве тера да се вратите многу брзо во колосек. Нема многу време за летање во облаци.
Сега повеќе од било кога потребна е самодисциплина, упорност, и фокус на главната цел, да се достави најдобрата верзија од секоја епизода.
Колку жени генерално има во оваа индустрија, во твојот тим? Како изгледа градењето кариера во оваа област, имаш ли можеби некој совет, искуство кое би го споделила?
-Не можам да зборувам генерално за сите, но кај нас во „Стар Трек“ тимот нема никакви предрасуди. Сите се убаво прифатени и почитувани. Делата и квалитетот говорат сами за себе без разлика на пол, возраст, националност, или било кој друг критериум. Можам да кажам дека ние денес ја исполнивме визијата на Џин Роденбери од 60тите години кога ја создавал серијата. Неговата визија за разновидност, и сите да бидат рамноправни и прифатени живее денес во „Стар Трек“ тимот.
Александра со колешките од работа
Можеби ти веќе некому си му инспирација, да започне да се занимава со ова, да покаже истрајност и посветеност... Кој тебе ти беше мотивација, инспирација...?
-Прво и основно е семејството и нивната поддршка и љубов за да го направам првиот чекор со заминување во Америка. Потоа тука се сопругот Анте Дековиќ и Џејсон Зимерман кои ми даваат постојана поддршка и мотивација во овие осум години. Среќна сум дека ја крунисавме соработката со „Еми“ и се надевам на уште успеси. Морам тука да ја споменам и Кејт Мулгроу, позната како Капетан Џејнвеј. Таа е прва Капетан жена. Во тој период и „Стар Трек“ станува прва серија која користи CGI специјални ефекти, за разлика од претходните серии кои користеле минијатурни модели.
Со кои предрасуди, стереотипи, навики мораше да се збогуваш кога почна да работиш во Холивуд и во оваа индустрија?
-Со тоа дека во Македонија се работи многу, но во САД се работи уште повеќе. Во моментов работам од дома и имам повеќе време и флексибилност па можам да посветам повеќе време на синот Лука. Но, во канцеларија знаевме да работиме и меѓу 12 и 16 часа. А и снимањето е толку долго. И за актерите, а и за луѓето позади камерите, оваа работа бара многу вложен труд.
Како изгледа еден твој ден денес?
-Најдобар начин да се опиште работата на продуцентот е „the money guy/woman“. Или просто кажано, тој што одлучува за која сцена какви ефекти ќе бидат потрени и која ќе биде цената. Има две страни од продуцентската работа во визуелни ефекти. Првата е студио страната, кога работите директно за продукцијата и вие сте клиентот. Или, втората, работите за компанија која ги изработува визуелните ефекти. Во вториот случај, барате клиенти кои би ви дале потенцијални проекти.
Двете страни имаат своја убавина и предизвик. Во случајот со „Стар Трек“, работиме директно со CBS, а соработуваме со многу фирми кои ги изработуваат кадрите. Една од нив е македонската компанија „Fx3X“ од кои сме многу задоволни. Имаат одличен тим и соработката ни е одлична. Во еден ден може да бидете на различен дел од процесот на создавање на крајниот производ зависно која епизода до кој дел е стигната. Јас сум вклучена во секоја етапа од процесот, а тие вклучуваат:
- Ја читате скриптата и создавате листа со потенцијални кадри кои ќе се појават во епизодата (VFX script breakdown)
- Го одредувате буџетот според листата и заедно со супервизорот, режисерот, и продуцентите ја финализирате бројката на кадри кои се потрени
- Праќате листа со кадри и барате понуда за цена (bill package) до повеќе компании кои работат специјални ефекти
- Повторно се советувате со режисерот, продуцентите, и супервизорот за да одберете компанија или повеќе компании кои одговараат
- Најчесто супервизорот за визуелни ефекти е присутен на сет за време на снимањето
- Магијата започнува кога ќе се сними целиот материјал и се предава во рацете на артистите. Тогаш почнува пост-продукцијата, каде мора да водите сметка да останете во рамки на буџетот, да имате добар распоред, и да доставите сè во предвидениот рок
Во текот на целиот проект, без разлика дали е филм или серија, продуцентот соработува со супервизорот за визуелни ефекти (VFX Supervisor) кој е задолжен за креативниот и техничкиот аспект од работата.
Александра со синот Лука
Ти недостасува ли Македонија? Што оттука секогаш носиш со себе ?
-Ми недостатува топлината, дружењето со пријателите, и убавата кујна. Секогаш носам домашен ајвар од мојата мајка кога се враќам во Америка,.
После освоено „Еми“, што тебе ти претставува предизвик?
-Секако се надевам и посакувам уште повеќе номинации и победи. Оваа година имаме три различни „Стар Трек“ серии: втора и трета сезона „Стар Трек Пикард“, четврта сезона „Дискавери“, и прва сезона „Њу Ворлдс“. Работиме напорно за да имаме добар материјал со сите три серии.
Многу од медиумите пишуваа дека го живееш американскиот сон. Би се согласила ли ти со тоа?
-Америка е позната како земја каде соништата се остваруваат. „Американскиот сон“ и „Земја на Можности“ се термини кои постојат и во реалноста. Но, за нив треба да работите напорно и да вложите многу енергија. Со труд и посветеност, дефинитивно може да се доживее „Американскиот сон“. Но, морам да напоменам дека секогаш ми значи поддршката од македонските медиуми и луѓето дома.
Колку е далеку Македонија од „ѕзведените патеки" по кои сега чекориш?
-Морам да напоменам дека ние како народ имаме многу квалитет. Вистински пример е компанијата Fx3X, македонска компанија со која ние имаме долгогодишна соработка. Тие се рамо до рамо со сите други компании со кои соработуваме од целиот свет. Секогаш уживам кога се враќам дома во Македонија.
Фото извор: Фотографиите се од приватната архива на соговорникот, користени со дозвола