Декан на факултетот за Дизајн и мултимедија, сценограф

Во време на борба за кликови, културата не е привлечна тема

Интервју со
проф.д-р Марија Ветероска
14 септември 2020

Нејзиниот потпис стои на дел од најимпозантните сценографски приказни на домашната, но и интернационалната уметничка сцена. Нејзиниот ракопис како графички дизајнер низ годините обликуваше идентитет со свое писмо и јазик, автентичен и свој, а истовремено разбирлив и кристално јасен во комуникацијата. Искуството собрано низ годините и низ сите професионални предизвици, сега го пренесува на своите студенти како декан на Факултетот за дизајн и мултимедија при АУЕ ФОН. Проф.д-р Марија Ветероска е нашиот соговорник во септемвриското насловно интервју, во кое разговаравме за широк спектар на теми од богатиот хоризонт на познавања на нашата соговорничка, од предизвиците во образовниот систем како последица на вонредната ситуација, до параметрите што го одредуваат квалитетот на сценографијата. Помеѓу просветната функција и профилот на авангарден уметник, следува разговорот со Марија Ветероска.


Човек што ја следи Вашата кариера има проблем со која тема да го започне разговорот со Вас, затоа што спектарот на области во кои диригирате со Вашата креативност и професионално искуство, е богат и импресивен. Затоа, приоритет ќе оставам на актуелниот предизвик со кој вие просветните работници се соочувате генерално, а особено пред стартот на академската година. Најдовте ли механизам што ќе го амортизира влијанието на целата непосакувана ситуација како последица на пандемијата?

-Ситуацијата со која се соочи светот оваа година влијаеше на сите сфери на општественото делување, а со самото тоа наложи на секој од нас да го репрограмираме кодот на однесување во секојдневието. Предизвиците секако беа големи, но не беа ненадминливи, особено во високото образование. Со гордост можам да посочам дека на Факултетот за дизајн и мултимедија на АУЕ ФОН, адаптацијата кон формите за далечинско учење ги воведовме многу брзо и успешно, без последици за текот на академските процеси. Тука голема улога одиграа неколку фактори: желбата, посветеноста и дигиталната писменост која ја поседуваат и професорите и студентите, како и современите комуникациски стратегии кои и без ваквите вонредни услови се применуваат во практикувањето на дизајнот. Со ваквиот, на некој начин наметнат приод во дизајн едукацијата, се додаде и дополнителна вредност. Секако, ништо не може да ја замени личната, индивидуална комуникација на професорот со студентот, но во дадените услови, ваквиот тип на далечинска комуникација ги обучи и студентите за реалниот предизвик во професионалните води кај што ќе треба да комуницираат со своите клиенти на далечина.

Што како просветен работник, а што како уметник и што како човек, научивте од вонредната димензија во која светот е „парализиран" речиси половина година? Имам чувство дека уметноста, која инаку е често потценета, во критичните моменти како да ги доби своите „пет минути" покажувајќи ја својата вистинска вредност...

-Што се однесува до уметноста, мислам дека доживеа голем удар во пандемијата. Во природата на уметничките дела е да живеат кога се во контакт со публиката. Згаснаа театрите, изложбите, кината, концертите... Но, овој дарвиновски предизвик еволуираше во нови форми на презентација и доживување на уметноста. Во основа многу хумани и сплотувачки, но најмногу го покажаа решителниот дух на уметниците да не застанат, туку да продолжат понатаму, без разлика кои се пречките.
Како професионалци се прилагодуваме на дадените услови. Во оваа ситуација, во моменти во кои светот се соочи со вонредна ситуација во која секој треба да ја понесе одговорноста да се заштити и себе и своите блиски, во ситуација во која далечината е израз на љубов и грижа, кога една мала, најмала „жртва" на носење на маска, одржување дистанца и лична хигиена значи солидарност и човекољубие, би сакала да мислам дека ова најмногу влијае на нас како свесни битија и дека од ова ќе излеземе како подобри луѓе.

Живееме во визуелен свет, но колку го разбираме визуелниот јазик? Визуелната комуникација е Вашето есенцијално поле на делување, па што говори искуството низ годините? Потребно ли ни е описменување во таа насока?

-Одговорот зависи од тоа кој треба да се описмени. Визуелната комуникација се заснова на веќе поставени културолошки норми вметнати во нашиот социјален код. Поради тоа и визуелната комуникација ја доживуваме интуитивно, па било каква наметната писменост ќе биде збунувачка. Ова е од аспект на конзумент. Неговата перцепцијата треба да се обликува постепено, внимателно, ненаметливо... Тука би можеле да започнеме со издржан дизајн на учебниците во основните и средните училишта. Од рана возраст да ги тренираме очите на функционална, фино обликувана естетика.
Од аспект на дизајнер, обликувач на визуелната комуникација: да! Дизајнерот треба да ја научи азбуката, па граматиката, па да го прошири речникот, да научи да составува прости, па проширени реченици... за да може да пишува раскази, па романи. А ваквата едукација е потребна со цел да создаде јасна, функционална и естетски издржана визуелна комуникација, но уште побитно: да ги има сите потребни знаења за да објасни на клиентот зошто тој дизајнерски приод е правилен.

Офенбах „Хофманови приказни“, МОБ, 2013

Како надоврзување на претходното прашање, постојат ли параметри што дефинираат дали една сценографија е успешна или не? Како се толкува нејзината архитектура и вредност?

-Една сценографија е успешна доколку е функционална и доколку се надополнува со сите останати елементи на претставата: приказна, режија, костим, светло (и да влегува во буџет). Сценографијата добива на вредност доколку е и досетливо решена и влијае на доживувањето на емотивната поставеност на дејствието. Но секако, првото е услов за второто воопшто да биде анализирано.

Моцарт „Дон Џовани“, МОБ, 2011

Низ Вашето повеќе од деценија искуство како сценограф, сте поставиле дела импозантни и по број и по тежина и вредност. Постои ли некое кое може да го посочите како пресврт во Вашата кариера, дело кое го дефинирал Вашиот профил како сценограф?

-Па секоја претстава, секоја сценографија носи своја тежина. Времето и посветеноста која ја давам на секоја од нив е со ист фокус и љубов да се изнесе најдоброто решение. Ако се земе предвид дека една претстава ја подготвувам неколку месеци, па некогаш и повеќе од една година, сфаќате дека секоја од нив опфатила значаен дел во мојот живот. Со секоја од нив сум растела, и секоја од нив претставувала нов предизвик, нов проблем кој треба да се реши. Тоа е убавината на театарот, проблемите не се повторуваат, а предизвикот е секогаш нов и возбудлив. Од сопствениот ракопис не можам да избегам, но стилот секогаш е различен. Така ќе е и понатаму.

Вашиот труд и дела и како графичар и како сценограф многупати биле верифицирани со престижни признанија и награди. Стручната јавност исто така секогаш ја потврдувала Вашата неприкоснованост. Но, низ домашните медиуми со ретки исклучоци, секогаш наидуваме на дефицит на информации. Како гледате на оваа медиумска стерилност?

-Во време на огромен број на медиуми и борба за кликови, културата не е привлечна тема. Дури и да се објави во медиумите за културен настан, ако истиот не е проследен со некаква сочна сензационалност, поминува незабележително. Внатре пак во фелата, во последно време особено недостасуваат и издржаните критички осврти за културата. Чест на исклучоците - ги има, не е се така стерилно.

„Дива љубов“ и „Помеѓу овде и сега“, дизајн на плакат

Со оглед на Вашето портфолио, знаење и квалитети, сте биле ли некогаш во искушение да заминете од тука некаде во светот?

-Не. Природата на мојата професија дозволува да работам на меѓународни проекти за кои времено патувам, а некои ги реализирам со комуникација на далечина. Така ја гасам таа жед на професионално поле.

Графичкиот дизајн е атрактивна професија, особено во оваа дигитална доба. Но, кој може да биде графички дизајнер, какви квалитети треба да поседува?

-Со соодветна, правилно поставена едукација, животна посветеност на учењето, исклучителна работна етика, страствена љубопитност и критичка мисла, секој може да биде графички дизајнер. Секој оној кој смета дека претходно наброените карактеристики се „онака, ништо посебно", ги нема квалитетите да биде графички дизајнер.

„Љубовна напивка“, дизајн на плакат

Што ја окупира Вашата професионална агенда периодов?

-Во периодов во полн ек се подготовките за новата академска година. Од друга страна, правам некои технички адаптации на оперска сценографија, проект кој требаше да биде реализиран летово со Државната опера во Пловдив, а поради пандемијата беше одложен за следната година.

„Тајно моја“, дизајн на постер

А што за Вас подразбира квалитетно потрошено слободно време?

-Ова ќе биде мојот најклише одговор на сите времиња, но дефинитивно е така: квалитетно потрошено слободно време е време потрошено со моите блиски драги луѓе, правејќи баш што било.

Објавено:
14 септември 2020
Прочитано:
771 пати