Волнени и колоритни зимски аксесоари со македонски потпис

Интервју со •
3 јануари 2015

Никогаш не е доцна да ја изнесете уметноста од себе. Девиза на која треба да се потпрете доколку чувствувате потреба од скриениот талент. Водена по сопствената естетика и потреба за креативен израз,  госпоѓата Елизабета Костова која стои зад етикетата Amethyst design е пример дека во секое време може  да го покажете талентот.  По вокација дипломиран психолог, но најголем дел од своето слободно време таа се посветува во изработката на специфични шапки и разни женски аксесоари во филц техника. Нејзината омилена пракса за која како што вели доста истражувала и усовршувала во поглед на изработката.

 

Сепак, најголем предизвик и претставува создавањето на шапки со мал обод кои се меки, колоритни и специфични сами по себе. Уникатните и креативни шапки секогаш во фокусот ја имаат својата маркантност, а познато е дека  се еден од најомилените додатоци  на жените.  Елизабета како ракотворец засега своите производи ги промовира на социјалните мрежи, учествува на базари за ракотворби,  а неодамна нејзините зимски додатоци беа поставени и во концептуалната продавница Lotus Design во трговскиот центар Сити Мол во Скопје.

-Јас отсекогаш сум се интересирала за уметноста, а пред 10-тина години почнав да обработувам текстил и свила, односно да сликам на нив и да усовршувам разни техники. Веќе  три години сум комплетно посветена на изработката на разни женски аксесоари претежно од филц односно обработена волна, а станав и член на здружението МАТА . Најпрвин почнав да ги изработувам шапките и за нив доста истражував, се поврзав и со доста ракотворци на социјалните мрежи и на некој начин индиректно се едуцирав од нив. Почетоците секогаш се врзани со експерименти, затоа се консултирав и со шапкарите бидејќи се водев по тоа  дека од секој човек може нешто ново да се научи, раскажува Костова  за своите почетоци и потенцира дека времето секогаш е репер за подобрување во секој поглед.

-Волната е чудотворна ткаенина, а обработката кога е (не)предена навистина не е едноставна. Механички се врши притисок и се постигнува цврстината што можете да ја видите како краен резултат. На почетоците не можев да ја видам совршеноста, но сфатив дека не можам да се натпреварувам со машините, а токму рачната обработка за мене стана поспецифична. Затоа посветувам поголемо внимание на дизајнот, формата и боите. Целосната изработка е рачна и навистина бара време.  Пет до шест часа се потребни за изработка на еден ваков волнен производ. Формата, односно малиот обод е некако универзален кој може да се прилагоди и на возраста и имиџот на клиентите, а верувам дека секоја жена сака да има убава шапка во гардероберот. Преферирам да им се посветам на своите клиенти при изборот во рамките на моите познавања, а бидејќи сум психолог многу ми е полесно да воспоставам комуникација, вели таа.

Топлите волнени шапки како и секоја зима така и оваа се задолжителното парче за сите стилски префинети припаднички на понежниот пол. Доколку сè уште не сте ја пронашле вистинската за вас, ова е совршениот предлог за да го  истакнете својот специфичен моден избор. Во продолжение разгледајте ја галеријата и изберете ја вистинската шапка, шал –јака или ракавици.

Објавено:
3 јануари 2015