Дури и 400 години од неговото раѓање, универзалниот сарказам во делата на маестралниот француски писател Молиер, може да го отслика современото живеење и аномалиите на денешницата.
Како би „звучеле" „Мизантроп", „Тартиф" или „Дон Жуан", на јазикот на современата мода?
Токму тоа беше и предизвикот за обемниот проект „МОЛИВЕРЗУМ/MOLIVERS", на Технолошко-металуршкиот факултет во соработка со Филолошкиот факултет при УКИМ, под менторство на професорките Лидија Георгиева, Ирина Бабамова и Снежана Петрова.
Оваа амбициозна приказна беше реализирана во три фази кои вклучуваа инсталации, изложби и наградно патување во Париз за тројцата студенти од отсекот за Дизајн и инженеринг на облека при ТМФ: Анастасија Петрески, Кристијан Арсовски и Моника Боцевска, кои всушност се и главните протагонисти во оваа возбудлива авантура низ Универзумот на Молиер.
За сите нивни доживувања и предизвици при проучувањето на комплексните дела на Молиер, за средбата со познатата декоратерка на излози во Париз, Солин д'Абовил и за личните импресии од оваа шестмесечна авантура која заврши со модна инсталација и декорирање на излозите на Францускиот институт во Скопје, разговаравме со Анастасија, Кристијан и Моника.
Со инсталација во Францускиот институт, ја завршивте и последната фаза од изложбата „Моливерзум/Molivers"? Како изгледаше патувањето низ Универзумот на Молиер? Објаснете ни ја идејата и темата кои ве водеа низ креативниот процес и во колку фази се состоеше овој обемен проект?
Анастасија
-Овој проект се состоеше во три фази, и тоа прво работевме на изложбата во НУБ Св. Климент Охридски во Скопје, втора фаза беше изработка на излог во агенцијата за сет-дизајн во Париз "Manymany" како и посета на Париз, и за крај изложба во Францускиот Институт во Скопје која е последна и сѐ уште трае така што може да ја посетите. Цел овој процес траеше околу 6 месеци, најпрво баравме инспирација во делата на Молиер со помош на професорките и студентките од Филолошкиот факултет, при што секој од нас си избра свој извадок од текстовите што најмногу го инспирира, потоа преминавме на истражување каде што јас дополнително ги истражував костимите од тој период кои ми беа главна инспирација за овој проект, скици, и на крајот следуваше реализација на избраните скици.
Кристијан
Изложбата во Францускиот институт беше третата и последната фаза од овој обемен и амбициозен проект кој траеше шест месеци. Патувањето низ универзумот на Молиер би го опишал како еден долг возбудлив, истражувачки, креативен и колаборативен процес. Процес на вдишување и издишување уметност на секој чекор од патувањето.
Инспирирани од комедиите на Молиер, преку нашите креации сакавме да прикажеме како би изгледале неговите ликови денес, односно да направиме паралела помеѓу тоа општество и денешното, да ја прикажеме универзалноста на нештата, а со тоа воедно да ги оживееме самите стихови кои ги одбравме поединечно.
Нашите дизајни најпрво, како прва фаза од проектот, ги презентиравме во националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски". Во втората фаза се одвиваше наградното патување во Париз каде што со моите колеги имавме чест да присуствуваме на предавање од страна на познатата уредничка на излози Солин Д'Абовил, кое заврши практично со работилница и изложба каде што ги применивме стекнатите знаења.
Моника
Најпрво морам да кажам дека беше голем предизвик да патуваш во времето на Молиер, во ера на страшно голема суетност и на начинот на кој творел Молиер кој е доста впечатлив и кој се издвојува. Не очекував дека би можела да создадам креација инспирирана од цитати, но што повеќе истражував во самиот Моливерзум, толку подлабоко и навлегував во самата идеја и смисла која вшусност Молиер сака да ни ја пренесе. Овој проект се состоеше од три фази и во секоја фаза нашите креации беа изложени на различен начин или со повеќе детали. Ова ви кажува дека инспирацијата црпена од Молиер е многу длабока и незапирлива.
Како го доживеавте Молиер со оглед на неговата комплексност? Кој беше најголемиот предизвик во интерпретирање на неговите дела во модниот дизајн?
Анастасија
Самиот повод за овој чин односно 400 години од раѓањето на Молиер, еден од најголемите писатели и автори на светската книжевност, беше восхитувачки. Претставуваше предизвик, но и голема чест да се твори за еден таков настан, да се искаже нашата дизајнерска способност дека може да се инспирираме од сé, па дури и од текстови.
Кристијан
Делата на Молиер навистина се доста комплексни и слоевити, но сепак нудат огромна сликовиост која за нас дизајнерите е од големо значење. Мислам дека најголем предизвик за мене лично беше визуелизацијата на самиот амбиент кој сакав да го прикажам, бидејќи во едно дело во исто време се разработуваат повеќе клучни теми. Овој предизвик го надминав со правење на уште подлабока истрага.
Моника
Читајќи ги неговите дела, го доживеав како човек кој користи многу сарказам, но тоа и прилега за лицемерието на човечкиот род. Неговите дела, секој човек би ги сфатил на најразличен начин, бидејќи интерпретира на еден покомплексен начин ако можам да кажам, кој за мене беше предизвикувачки. Затоа читав внимателно и повеќе пати за да дојдам до вистинската смисла на зборовите и да ги доловам во мојот дизајн во стилот на Молиер.
На што ставивте посебен акцент во вашите дизајни? Објаснете ни го вашиот личен пристап при создавањето на креациите.
Анастасија
Главна инспирација при креирањето на дизајните ми беа костимите од тоа време односно 17-иот век и сакав да ги претставам на еден футуристички начин, односно како би изгледало сето тоа ако би се случувало во денешно време. Сакав да ги задржам главните елементи на облеката од тоа време како на пример широките ракави и златните додатоци, исто така да се истакне женското тело преку давање акцент на широките рамена и малиот струк без користење на корсети во кои жената не се чувствува удобно, туку со визуелно додавање и одземање на волумен таму каде што е потребно, и секако геометријата како главен водич.
Кристијан
Бев инспириран од стиховите на Молиер во кои тој го величи кралот Луј XIV. Toa ме натера да го истражам костимот од седумнаесетиот век кој ми служеше како главна инспирација и почетна точка во креирањето. Преку ројалната пурпурна боја и „фрез" јаката се обидов да ја прикажам кралската моќ и праведност. Сивата боја излеана како оклоп од течна жива врз строгите форми го претставува металот кој го обвиткува човековото срце, а воедно и среброљубието кое е еден од главните мотиви за кои Молиер пишувал.
Моника
Од Молиер ги избрав цитатите кои се извадок од делото ,,Мизантроп". Се инспирирав од суетноста на човечкиот род за која говори Молиер, за лажливото ликување на луѓето кое на моите дизајни го претставив со најразлични маски. Преку златниот корсет претставив една моја интерпретација на овенат цвет кој Молиер во неговото дело ги споредува луѓето како овенат цвет кога ќе се измешаат во сиот свет. Направив метафора каде симболот на правдата (вага) го претставив преку големите волуминозни ракави и внатре во нив ги внесов тие ликови (лицемерие) со цел да ја претставам неправдата која владее токму како што пишува Молиер. А таа голема корпа, е онаа корпа која во 17-тиот век сите ја криеле под нивните фустани , па решив да направам контраст и таа да дојде до израз.
Овој обемен проект вклучуваше соработка и со студенти и професори од други факултети при УКИМ? Најдовте ли заеднички јазик во толкувањето на делата на Молиер?
Анастасија
Имавме голема помош од професорките како и студентките на Филолошкиот факултет во толкувањето на делата на Молиер, остваривме беспрекорна соработка и најдовме заеднички јазик, а покрај тоа и дружба.
Кристијан
Да, имавме прекрасна соработка со студентите и професорите од француски јазик при Филолошкиот факултет во Скопје. Ева и Марија ни помогнаа доста многу со тоа што направија извадоци на карактериистични цитати од самите дела кои подоцна ни служеа како инспирација, а исто така и професорките Ирина Бабамова и Снежана Петрова кои несебично дадоа се од себе да ни го доближат творештвото на Молиер. Голема благодарност до сите нив.
Моника
Тие ни беа една огромна поддршка каде ни ги преведоа извадоците од Молиер и заедно со нив успеавме во нашата цел, да го истакнеме творењето на Молиер според негови стандарди преку креации кои сами по себе ќе зборуваат за неговото време, но и за нашето, бидејќи иако тој творел во тој период, тоа што го кажува се случува и денес.
Втората фаза од проектот вклучуваше наградно патување во Париз. Со какви искуства се вративте од таму? Пренесете ни ги вашите доживувања од градот кој живее за модата?
Анастасија
Мислам дека Париз е тешко да се долови преку зборови, мора да се посети за да се почувствува магијата. Имавме доволно денови да ги посетиме сите знаменитости како и музеи за мода, а како обожавател на брендот нешто што ми остави најголем впечаток беше посетата на изложбата на Скјапарели во Музејот за декоративни уметности.
Кристијан
Нашиот престој во Париз траеше една седмица, и за тој период успеавме да посетиме голем број на места и имавме време за различни активности. Како омилени случувања би ги издвоил посетата на изложбата на брендот Скијапарели, во музејот за декоративни уметности, прошетката на Монмартр кој плени со својата вонземска убавина, возењето со брод на реката Сена, погледот од врвот на Ајфелова кула, исто така морам да напоменам дека без здив ме остави внатрешноста на „Опера Гарние".
Моника
Ахх....Париз....па тој сам по себе е приказна, а за мене уште поголема. Привилегија е да направиш изложба на модни креации во градот на модата, а посебно кога црпиш искуства од реномирани дизајнери. Беше едно големо доживување кое би сакала да се повтори. Самиот дух на градот ти дава инспирација да твориш, гледајќи ги сите убавини и препознатливи работи за него.
Во Париз имавте прилика да се сретнете со познатата декоратерка Солин д'Абовил. Што ви остави најголем впечаток од таа средба?
Анастасија
Имавме чест да изработуваме излог со една од најпознатите декораторки во Париз, Солин д'Абовил, која има своја агенција за сет-дизајн и соработува со едни од најпознатите брендови од кои Dior, Cartier, Hermes и многу други. Тоа беше големо ателје каде што не само со Солин, туку се запознавме и со нејзиниот тим кој исто така ни помагаше во реализацијата на излозите. Покрај работата, оствариме една прекрасна дружба и имавме прилика заедно да го споделиме денот со многу успешни луѓе.
Кристијан
Дефинитивно самата презентација од страна на Солин, просторот и атмосферата во која се работеше, во нејзиното студио имаше луѓе од различни креативни професии и сите работеа, пиеа кафе и ручаа заедно како семјество. И ние имавме чест да бидеме дел од тоа. Исто така големиот број на (за нас новооткриени) материјали и гаџети кои нудат безброј опции и идеи за дизајн на еден излог.
Моника
Ја имавме таа чест да соработуваме и креираме во агенцијата MANYMANY на модната креаторка Солин д'Абовил, која ги креира најпознатите излози низ улиците на Париз. Таа нѐ пречека како што доликува и буквално ни го препушти нејзиното ателје во наши раце, каде ја инсталиравме нашата изложба. Нејзиното искуство беше многу од помош за нас. Работевме во една многу пријатна атмосфера, запознавајќи го стилот на француските детали околу еден излог, потоа инсталација која ја остваривме преку нашите идеи и опрема за која до сега не сме знаеле. Солин се стремеше кон тоа да ни го пренесе нејзиното знаење на што посликовит начин, за на целиот крај, нашите излози да се претворат во уникатна слика за која ни ние не бевме свесни дека сме ја постигнале.
Со оглед на тоа дека веќе ги привршувате вашите студии на Дизајн и инженеринг на облека, какви се вашите амбиции на кариерниот пат? Како и каде ја замислувате вашата професија?
Анастасија
Мислам дека желбата на скоро секој дизајнер е иста, а тоа е еден ден да има еден успешен бренд каде што ќе може да го презентира својот препознатлив стил пред публиката. Секако после факултетот добро би било прво да стекнам работно искуство, да се запознаам со тоа како функционира една фирма и тимска работа.
Кристијан
Со оглед на тоа дека отсекогаш сум го сакал дизајн делот повеќе отколку инженерингот, се гледам себе си како моден дизајнер. Имам голема желба и почит кон занаетчискиот и уметнички пристап кон модата, но сепак во последно време имам и голема љубопитност кон дигиталната мода.
Моника
Се стремам кон тоа да направам нешто свое, препознатливо и различно секако, бидејќи уживам во креативниот дел и сакам да се инспирирам од најразлични нешта. Модна дизајнерка со свое ателје, која сама ги креира нејзините излози исто како оној во Париз..па зошто да не? Веќе ви ја кажав својата цел, што значи пола е веќе остварена.