графички дизајнер, фотограф, дизајнер на игри

За 10 години посакувам да не објаснувам која сум

Интервју со
Нина Георгиева
23 февруари 2016

Во 2016 година, покрај другите интересни содржини, интервјуа и приказни, Fashionel ќе презентира и еден циклус разговори со успешни и креативни Македонци низ светот.

Имињата на некои од нив можеби не се толку звучни во нашата земја, но трудот и успехот што го оствариле надвор од овие граници, е доволна причина да поразговараме со нив и да ги запознаеме и со домашната публика.

Денеска ќе ви ја презентираме приказната на младата Нина Георгиева, или попозната како Геометриева. Таа е скопјанка која живее во Сингапур и се занимава со графички дизајн, фотографија и брендирање.

А еве како започна нашиот разговор:

Нина, во Токио на одмор

-Во моментов работам како главен креативен директор на најголемата апликација за романтични состаноци од Југоисточна Азија. Живеам во Сингапур и цела година се мачкам со крема против сонце. Во слободно време работам на iOS игра со сопругот. Постојано се прехранувам со овошје и не ни забележав кога почнав да користам стапчиња за јадење. Повремено си зборувам со седумгодишниот брат на „Скајп“. И тој сака да прави игри кога ќе порасне – ми раскажа Георгиева.

Инаку, апликацијата на која што работи во моментов е медитативна игра, каде корисникот игра со малечок вселенски брод и ја истражува големата вселена. Како вели Нина, играта би требало да се објави на App Store за неколку недели.

Сингапур, Централна Бизнис Област

Нејзината непосредност, што се чувствува и преку пишаниот разговор, прави да се почувствувате како да разговарате со некој што одамна го познавате.  А всушност за Нина дознав неодамна. Сосема случајно прочитав дека е една од 26-те жени-дизајнери што се најдоа на престижниот веб сајт за графички дизајн 216digital.com. Таму ја опишуваат како „ѕвезда во подем, што носи силно чувство за геометрија во својот дизајн, исто како и во нејзиниот фотожурнализам“. И да, тие ја исконтактирале и ја прашале дали може да ја вклучат во нивната топ листа. Тоа ме заинтригира да најдам повеќе информации за неа и за тоа што го работи. Резултатите не беа охрабрувачки, што беше уште една причина повеќе да се запознаеме со неа. И ние и јавноста.

- Додека бев во Македонија студирав Информатика на Електро-техничкиот факултет во Скопје, но прекинав да одам на часови после втора година бидејќи тогаш открив дека постои нешто што се вика Дизајн! Тој период не само што престанав да одам на часови, туку и престанав да правам музика со бендот, да се дружам со луѓе и воопшто, да излегувам од дома. Беше чуден период, ништо не правев цели денови освен дизајнирање. Ама се исплатеше, бидејќи шест месеци подоцна ја добив првата работна понуда од македонска компанија. После таа работа почнав да работам „фриленс“ и имав супер искуства со интернационални клиенти и тимови. Многу научив од тоа и „фриленс“ му препорачувам на било кој што сака да стекне светско искуство. Потоа отидов во Виена каде што работев како Арт директор во маркетинг агенција, па пак продолжив со „фриленс“. Наредната година отидов во Берлин, а во меѓувреме со една екипа од Лос Анџелес почнавме стартап, но не ни успеа – раскажува Нина.

По Берлин се враќа во Македонија, а потоа ѝ се случува Сингапур.

 Сингапур, плажа (Нина лежи на средина на мостот)

- На сопругот и мене, Сингапур ни беше логичен чекор. По неколкумесечен престој во Виена, а после тоа и Берлин, решивме да отидеме во Азија и да останеме таму подолго време. Тесниот избор беше помеѓу Токио, Хонг Конг и Сингапур, но сепак решивме тоа да е Сингапур бидејќи беше најблиску до нашите критериуми. Во март 2014 се вработив во една сингапурска компанија што беше купена од „Зендеск“ (Сан Франциско) и оттогаш сме тука. Сингапур е едно од најбезбедните места на планетата, многу е чист и среден, ултра развиен и многу бргу се крева на светскиот пазар. Мајчин јазик е англиски, иако тоа не ме спречи да научам нови јазици. Почнав да одам на курс по кинески и уште ми е чудно што луѓето реагираат кога ќе направам низа чудни звуци со устата -  你好(здраво)! Како бонус поени, Сингапур е идеален микс на култури, раси и религии каде што сите се почитуваат. Цела година е лето и има сè, од дива џунгла, преку убави плажи, до прекрасни архитектонски чуда – објаснува младата дизајнерка.

Сингапур, џунгла

А иако има 24 години, нејзината младоликост ги збунува луѓето.

-Интересно е што дури и во Азија, каде што луѓето изгледаат 10 години помлади од тоа што се, многу често мислат дека имам 17 години. Порано ми пречеше тоа, но сега ми е интересно, понекогаш ги оставам да си мислат дека имам 17 години. А всушност имам 24 (се смее).

Ја прашав и како изгледа животот на млада Македонка како неа во Сингапур.

Сингапур, кај најпознатата улица за шопинг

-Животот е супер. Понекогаш ни недостасуваат планини и зима, но не се жалам. Најголемиот проблем со бидување Македонец во Сингапур е што константно треба да објаснувам што е тоа Македонија. И многу често луѓе реагираат со: „Супер, баш сакам фудбал!“ и ми требаше некое време да сфатам дека погрешно ме слушаат - "Barcelona” наместо “Macedonia“. Тие што знаат што е Македонија веднаш го спомнуваат Александар Македонски. Од кога сум во Сингапур сфатив колку сум всушност конзервативна за храна. Кога прв пат стасав овде, јадев само пица. Сонував бурек со месо и печен спанаќ со кисело млеко. Кога и да одиме заедно на ручек со колегите, секогаш мене ме прашуваат каде да одиме бидејќи знаат дека сум најселективна. И постојано ги влечкам по сендвичари. Катастрофа сум (се смее). Во однос на културата, Сингапур не е типичен азиски град, туку е западно-источен микс. Воопшто не е тешко човек да се навикне да живее тука – искрена е Нина.

Нина во Сингапур. Воздухот е загаден еден месец во годината поради пожари во Индонезија и луѓето носат заштитни маски

Нејзиниот работен ден најчесто започнува околу 10.30-11 часот.

-Тогаш доаѓам на работа.  Секој ден на пладне имам состанок со дизајн тимот што работи на продуктот заедно со главниот гиректор на технологија, каде што дискутираме за прогрес, идеи и планираме што да се работи следно. По состанокот следи ручек. Периодов актуелни ми се јапонски ресторан, тајвански, средноисточен или европска салата. Во текот на денот имам улога на семафор помеѓу тимот од графички дизајнери и маркетинг тим, а исто така работам директно и на самиот продукт – објаснува Георгиева.

Тимот на соработници на Нина, собрани на скара

За жени дизајнери v.s мажи дизајнери, сепак „гласа“ за мажи.

-Жени дизајнери има се повеќе и повеќе и можеби наскоро ќе се сменат работите, ама факт е дека најталентираните дизајнери сè уште се мажи.

Дамјан, сопругот на Нина и загаден Сингапур во позадина

За пет до десет години се гледа како успешна и самостојна.

-За 5-10 години сакам да имам своја компанија, да работам на свои апликации и да имам мал, но избран тим. Исто така, се надевам за 10 години нема да морам да одговорам на прашањето: „Која е Нина Георгиева”(се смее).

Нина и Сингапур, навечер

А ние ѝ посакуваме желбите да ѝ станат стварност!

Објавено:
23 февруари 2016
Прочитано:
3.298 пати