Уметница

За публика жедна за уметност која провоцира – Мултидимензионалниот свет на Ирена Пејовиќ

Интервју со
Ирена Пејовиќ
19 јули 2022

Минатиот месец во Културно-социјалниот простор „Центар-Јадро" домашната публика имаше прилика да посведочи на една мултидимензионална уметничка поставка која иако е создадена од сè она што нам ни е секојдневие и е реалност која нè опкружува, сепак делува вонземски, како временски сегмент од некој друг универзум. „Форми на повторно создавање" ја има токму таа идеја во својот концепт: да го натера набљудувачот да стане активен и ангажиран учесник со сите сетила, да му даде свое толкување на уметничкото дело, да постави прашање и да ја продолжи неговата визија и живот. Со оваа изложба, македонската уметница Ирена Пејовиќ од Њу Џерси се врати накратко во Скопје, за да го заскокотка урбаниот дух на градот, да ја однесе публиката на едно патување низ мултимедијално доживување на моментот кој се повторува, а никогаш не е ист.

Нашата соговорничка (родум од Гевгелја), живее и работи во Кранфорд, Њу Џерси. Завршила Ликовна академија и магистрирала на Државниот универзитет Монтклер во Њу Џерси каде сега и работи како професор. На своите студенти сега им ја пренесува нужноста да размислуваат над и надвор од она што само им е понудено, како што прави и самата. Да си создаваат своја перцепција и како алхемичари од навидум обичното да создаваат нешто што нема да биде само рутинско.

Ирена Пејовиќ

Токму тоа ја прави посебна нејзината комуникација со публката.

Пејовиќ создава настани кои водат надвор од визуелниот аспект, кореографирајќи движења кои ја претвораат публиката во истражувач на еден свет кој е активен и во создавање, како збир на релациони односи, на начин на кој тие го немаат доживеано претходно. Во нејзините дела, публиката се движи со сензори, користејќи вид, звук, навигација, чувство на текстура, боја, големина, и е подвижна и неподвижна.

Таа била и дел од перформансот SWIM на познатиот американски уметник Роберт Витман, искуство кое значајно ќе и го збогати уметничкот дух и видик.

Изложувала од Гевгелија до Њујорк, преку Загреб и Њу Џерси.

Нејзините дела се дел од колекцијата за Современа графика во Музејот за уметности и занаети (Muzej za Umjetnost i Obrt) во Загреб, Хрватска. Пејовиќ е добитник на неколку значајни награди за својата уметност: 2021 год.: Државната награда за помош на индивидуални уметници од Советот за уметности на Њу Џерси; 2020 год.: 2020 Artist Relief Fund Grant, иницијатива организирана од Academy of American Poets, Artadia, Creative Capital, Foundation for Contemporary Arts, MAP Fund, National YoungArts Foundation и United States Artists; 2018 год.: Државната награда за индивидуални уметници од Советот за уметности на Њу Џерси; 2014 год.: Наградата од Обединетата македонска дијаспора: Џон Битов Македонско културно наследство; 2013 год.: Step Beyond Travel Grant од Европската културна фондација.

Изложбата „Форми на повторно создавање" беше поводот за нашиот разговор низ кој начнавме и теми кои задираат во нејзиниот профил како уметник, професор и како човек, зборувавме како таа се менувала на патот од Гевгелија до Скопје и од Скопје до Њу Џерси и што е она што ја држи будна, љубопитна и ангажрана...

„Форми на повторно создавање" повторно Ве врати во Македонија и до неодамна овој мултидисциплинарен настан беше достапен за публиката во КСП Центар-Јадро. Кои се идејата и концептот?

„Форми на повторно создавање" е мултидисциплинарен настан кој наметнува перцептивни методи на организација при изработката на делото. Ја бара еластичноста во видеото како медиум и користи акции на повторување како повторени движења, повторени звуци, поделено пресликување, селективна поделба, селективно гледање и селективно слушање, за да го прошири разбирањето на субјектот од едно единствено тело во настан на формирање релации.

 

Форми на повторно создавање е дел од „Методи на организација: Перцепцијата како начин на организација", тековен проект кој ја истражува перцепцијата како метод на организација и ја смета како намерна импровизација низ селективно постоење.

Перцепцијата станува изведувачки чин на повторување, во кој да се повтори, значи да се следи настанот во формирање. Овој пристап им дава на содржината и формата флуидност во нивното значење и начините на создавање. Активира реципрочна врска помеѓу активното и активирањето. Го менува нашето разбирање за секоја материја како единствен настан – наместо тоа, ни помага да го разбереме светот како настан на формирање релации.

Форми на повторно создавање започна за време на една перформативна вечер во галеријата Гласхаус во Бруклин, Њујорк во 2015 година, каде беше поставено прашањето за повторувањето во перформансот. Делото претставено во Гласхаус беше насловено Форми на повторување. За мене повторувањето не постоеше, секој настан го гледав како нов настан. Бидејќи бев дел од таа перформативна вечер, морав да најдам одговор на прашањето за повторување, што е тоа повторување? И тука дојдов до одговорот, дека повторувањето не повторува. Да повториш е да следиш. Да повториш е да се движиш-со. Да повториш е да го следиш настанот во формирање. Еден настан се повторува за да се создаде. Овој одговор ми даде шанса да направам дело кое беше живо и ги следеше своите постапки за да се создаде.

Подоцна во 2019 година, отидов до плажата Сенди Хук во Њу Џерси, каде одам често да снимам видеа, и тука наидов на многу исфрлени предмети како палети, пластични кофи, дрвени лајсни и градежни материјали, бродски плочи, а и природни материјали како гранки, дрва итн. Низ нивниот изглед беше евидентно и нивното патување низ океанот и изложеноста на временските услови. Кога се наоѓаат на оваа плажа, овие предмети се претворуваат во кореографски објект. Почнав да правам интервенции и да ги фотографирам истите како чин на повторување на формата.

Самите интервенции креираа сцена, низ која потоа почнав да движам и да снимам кратки видеа. Иако проектот започна со фотографијата, видеата ми беа предизвик и мислев дека од нив можам да извлечам многу повеќе. Во изработката на видеата користев повторување како начин на формирање и доаѓање до мултиплицитет, а и методи на органиција на луѓето како што се секвенционалното гледање и развивање на настанот, секвенционалното слушање и развивање на настанот низ повторување на звуци (и посебна изработка на звукот со додавање на звуци од други места), низ повторување на форми како квадратот кој се повторува во формата на огледалото, повторување на движечкото тело, превртување на редоследот на видеото, и повторување на видеата. Следните видеа ги снимив во близина на езерото Паљурци во Богданци, и тука како движечко тело беше и мојата ќерка Зара. Формално, уметниците работат со димензии, и релации помеѓу големи, мали и средни форми, па таа релација измеѓу моето тело и телото на Зара кое е многу помало, направи еден многу убав момент, а и нејзините движења кои беа многу искрени. Зара несвесно го повторуваше тоа што јас го правев. Нејзините движења беа форма на повторно создавање.

Како реагираше публиката? Идејата е преку овој проект да се стимулира нејзината љубопитност и ангажираност и да ја претвори во активен истражувач?

Моите дела се планирани да се доживуваат како настани, да имаат времетраење, а не како статични објекти. Во нивното времетраење делото се открива, и зависно колку време некој ќе помине со делото, толку и ќе открие од истото. Реакциите беа многу позитивни, некои од постителите рекоа дека се чуствуваат како да се на друга планета, во некоја дистопија, коментар кој беше многу интересен затоа што целото дело е формирано од збирка на видеа, звуци, движења и потези кои се дел од нашето секојдневие. Овие состојки од нашата реалност, мултуплицирани и организирани на начин на кој нашата перцепција би ги организирала, создадоа чуство на дистопија. Тука може да се постави и прашањето за нашата реалност како дистопија.

„Форми на повторно создавање" ја продолжува приказната на „Ти си мобилна архитектура" што беше поставена во 2018 во МСУ. Како двата концепти се поврзуваат? Може ли да се толкуваат засебно?

Ти си мобилна архитектура во Музејот на современа уметност во Скопје, 2018 година, беше 3-месечен мулти-сензорен настан, кој кореографираше движења преку предлози како што се: наметки, модуларни форми, фотографскиот предмет, звукот како локација, материјалноста како настан, техники на организирање од природата и луѓето и тоа што се појавува. Густиот амбиент на изложбата од материјали, медиуми и активности произнесе нови и важни прашања во врска со перцепцијата и светот што го создаваме низ нашите импровизирани селективни процеси. Тука започна барањето на еластичнста во видеото како медиум, фотографијата, и самото дело бараше продолжување, посебно во делот на видеото.

Ти си мобилна архитектура и Форми на повторно создавање произлегуваат од моето основно истражување на постоењето како колективен процес. И двата проекти комуницираат со публиката преку кореографија на објекти, простор, звуци, движења и видеа. И двата проекти креираат хаптичен простор кој е жив и бара отворен процес на создавање, форма која е во формирање.

Ти си мобилна архитектура започна на островот Милос во Грција, каде заминав со мислата за кореографија во природата [специфично островите: водата се движи - карпите поделуваат], улогата на временските појави и подредувањето во природата, како начин на градење. Таму наидов на нова агенција во средините на движење: силен ветар. Ти си мобилна архитектура – започна како резултат на пронаоѓањето на ветрот како нова агенција во градењето и е тековно истражување низ средините на движење. Форми на повторно создавање се заминимава специфично со повторувањето и перцепцијата како перформативен чин и ја наметнува како начин на создавање на делото.

Вашата уметност е во постојано движење и трансформација. Ја оправдувате ли оваа констатација?

Ја споредувам мојата уметност со временските услови кои се секогаш во некоја транзиција. Во временските промени како тековен настан не постои кулминација, туку постои константна суптилна транзиција.

А како лично си ја доживувате сопствената уметност? Можеби е неблагодарно ова прашање но, имате ли понекогаш потреба да ја објасните соствената творба?

Немам потреба да ја објаснувам затоа што низ неа не раскажувам. Но, ја набљудувам, критикувам, и секако ја доживувам и јас како публика, иако јас сум авторот на делото. Јас лично уживам во релациите кои се формираат помеѓу предметите, звуците, движењата и она што се појавува. Уживам во транспарентните движења, во повторувањето, во изненадувањата кои и јас за прв пат успевам да ги видам. Кога работите со дело кое е живо, делото зазема улога на автор во еден момент и те води, и тогаш се случуваат нешта кои неможе да се испланираат.

Се обраќате до сите сетила преку различни медиуми. Која форма на комуникација Ви е најголем предизвик и зошто?

Еластичноста во видеото како медиум ми е најголем предизвик, заедно во релација со звуците кои ги вметнувам во видеото. Моментално видеото ми нуди многу можности и начини да се развива суптилноста во движењата. Видеото дозволува визуелниот простор да се продлабочи и растегне. Мислам дека уште поголем предизвик би ми бил истиот тој простор кој произлегува од видеото да биде создаден низ експериментално театарско дело.

Од Гевгелија до Скопје. Од Скопје до Њу Џерси каде живеете и работите, а претходно Магистриравте на Државниот универзитет Монтклер. Ве менуваше и менува ли ова животно патување како човек и како уметник?

Секако. Моето образование во Америка придонесе многу во развојот на мојата уметничка пракса, бначини на размислување, и промени кои се појавија во последните 10 години. Во Македонија го стекнав формалното образование, но во Америка научив како да размислувам, како да бидам повеќе отворена кон импровизација, а со тоа да ја будам креативноста. Како човек, сигурно се променив, и продолживам да се надградувам како личност, но во исто време сфатив дека сум тоа што сум од таму од кај што сум. Како имигрант многу е важно да живееш во вистината и да успееш повторно да ја наоѓаш во сите нови средини, влијанија, култури.

Бевте дел од перформансот Пливање (SWIM) на познатиот американски уметник Роберт Витман. Со какво искуство се збогативте?

Искуството во театарското дело Пливање (SWIM) на Роберт Витман (Robert Whitman) беше неверојатно. Тоа е еден од тие настани кои се случуваат само еднаш во животот. Јас бев еден од главните перформери во Пливање. Тоа што го научив од Витман е моќта и софистицираноста во едноставноста на нештата и во нивното постоење. Витман не ги менуваше работите, туку ги претставуваше како што се, и од нивната автентичност доаѓаше оригиналноста во неговото дело. Ние како перформери не глумевме, туку при одењето и перформирањето на задачите во Пливање, тој побара од нас да ги извршуваме сите задачи онака како што би ги правеле во нашето секојдневје.

Ми беше огромна чест да работам со уметник како Роберт Витман, а и да му направам интервју кое беше подоцна издадено во мојата монографија Во кореографија со. Роберт Витман е врвен американски уметник, роден во 1935 година, чии плодотворни и континуирани дела се не-расказни, сликовити театарски дела. Неговите театарски дела се богати со визуелни и аурални слики, со инкорпорирање на перформери, филм, видео, слајдови, звук и евокативни реквизити во средините на нивното создавање. Почнувајќи во 1960 година, Витман има реализирано повеќе од четириесет театарски претстави во САД и во странство. Витман беше еден од десетте уметници од Њујорк кои учествуваа во серијата перформанси „Девет вечери: Театар и инженерство" во 1966 година, и е ко-основач на Експериментите во уметноста и технологијата – фондација која им овозможи на уметниците соработка со технологијата. Тој продолжи да соработува со инженери и научници кои во неговите инсталации и дела вклучуваат нови технологии, како ласери, напредна оптика, а од неодамна и специјализирани програми за видеомобилни телефони. Пливање (Swim) беше наменето за слепи и лица со оштетен вид, и се одржа во Театарот „Александар Кассер", како дел од PeakPerformances, на Државниот универзитет Монтклер во 2015 година.

Работите како професор? Колку вашата педагошка улога е во хармонија со уметникот во постојана потрага по нови димензии?

Како професор, имајќи уметничка пракса која се заснова на процеси, развив наставна филозофија која поттикнува експериментирање и импровизација преку намерни селекции во концептот и материјалот. Мојата формална обука во цртање и графика спои два важни дела во моето креирање: формалниот - имајќи дисциплина, познавање на техниката, материјалот, композицијата и концептуалното - овозможувајќи делото да израсне од својот предуслов. Со ова искуство, ги охрабрувам студентите да бараат повеќе од она што е дадено. Ги охрабрувам да ги активираат сите сетила и да ја активираат перцепцијата на објектот, односот помеѓу објектот, просторот и нивното тело и да придонесат кон подобро разбирање на дејството кое го набљудуваат.

Што ве прави љубопитни, активни и ангажирни?

Природата и сè што произлегува од неа, временските промени, морето, океанот, брановите, снегот, ледот кој се топи и крцка, паднатите дрвја, песокта, сенките, звукот на возот кој поминува, звуците од природата.

Каде ви е насочена креативната енергија периодов?

До пред некоја недела бев целосно посветена на Форми на повторно создавање. Би сакала да поработам на документацијата за која ќе ми требаат сигурно неколку месеци. Продолжувам со собирање на нови звуци, барање на нови моменти во природата, нови видеа, фотографии и цртежи.



Објавено:
19 јули 2022
Прочитано:
286 пати