Запознајте ја Лумтурије и нејзината винтиџ преобразба во новото време

Интервју со •
13 јуни 2013

Нејзиното име е Лумтурије Камили, родена е во Германија во градот Дортмунд, а неколку години живее во Македонија. За себе вели дека би се опишала како две личности. Едната е срамежлива, тивка и обична, додека другата живее во минатото време и со својот изглед се труди да се претстави на интересен начин во опшеството. Иако, студира бизнис и администрација, се надева дека еден ден модниот дизајн ќе и стане примарна професија. Нејзината приказна околу креативноста и модата ни ја раскажа со голема радост, пред се поради пораката што сака да ја прати до луѓето преку облеката што ја презентира.

-Многу од моите модели што се ставни на фејсбук,  му припаѓаат на винтиџ стилот  не само поради изгледот, туку и поради староста. Тоа е стара облека која е купена пред многу време во Германија. Токму пронаоѓањето на овие парчиња облека кои и припаѓале на баба ми, се причината поради која јас почнав да се занимавам со дизајн. Сакајки да ја искористам облеката и да создадам нешто ново, јас добивав се поголема инспирација. Имало случаи каде што облеката сум ја шиела сма почнувајки од нула. Мојата порака зад ова е дека не мора да потрошиме могу пари за да изгледаме прекрасно и уникатно, можеби токму тие уникати кои ние прескапо ги плаќаме се во плакарот на нашите баби. Затоа јас ги објавувам сликите на разни веб страни, за луѓето да сватат дека облеката на “бабите” всушност може добро да се искомбинира. Мојата цел е да ги мотивирам младите да не се срамат да ги облечат таквите парчиња облека, порачува Лумтурије.

Да беше модата машко сигурно ќе се омажев за него! Со оваа реченица младата креативка ја опишува својата голема љубов кон модата и вели дека  пасијата  не е случајна туку е длабоко врежана во гените.

-Баба ми и мајка ми се занимавале со шиење облека и можам да кажам дека талентот сум го наследила од нив. Не можам да замислам каков живот би имала да не се занимавав со мода, јас сум моден фанатик, како што банџи џампинг на другите им го подига адреналинот, така мене модата. За мене секој ден е модна ревија, за да  комбинирам парчиња облека на најинтересен можен начин и невозможното да го направам можно! Мојата инспирација не е ограничена на едно, туку  доаѓа од секаде. Многу ми се допаѓаат старите традиционални облеки на многу народи и деталите од истите за  да ги комбинирам во мојот стил, правејки еден интересен имиџ на старо и ново. Исто така гледам многу креации на дизајнери, но никогаш не се трудам да земам пример  да дизајнирам нешто слично, туку се трудам да креирам спротивно од тоа што го гледам, дизајнерите ме инспирираат позитивно на наопачки начин, раскажува Камили.

Дизајнерката Мила Кадриу е сограѓанка на Лумтурије, тие двете освен што ја делат истата пасија кон модата и дизајнот, често заеднички ја надградуваат модната идеја.

-Со Мила Кадриу се знаеме од порано, многу сме блиски и таа има важна улога во мојата работа. Јас ја имав честа својот талент дa го надградувам токму во нејзиното ателје и за тоа сум и многу благодарна. Вољата, мотивацијата и храброста да се занимавам со стајлинг ги научив од неа. Мила е една oд дизајнерките која се посветува во својата работа со цело срце и душа и со голема сериозност, вели Лумтурије.

Трендовите за актуелната облека и не и се некоја голема преокупација, таа ретко купува нови парчиња а и кога ќе ги купи, има визија да ги преобрази и да им даде личен печат. Камили ја добива поддрдшката од најблиските и вели дека воопшто не и е важно кога на некој нема да му се допадне нејзиниот имиџ.

-Мојот плакар е полн со мои креации, јас речиси воопшто и да не купувам облека дури и ако купам мора да ја преправам за да одговара на мојот стил. Ги носам скоро сите мои креации низ град затоа што тоа е облеката на мојот живот, се чуствувам среќно и исполнето. И навистина јас не сум јас, ако се облечам нормално. Постојат и личности на кои мојот стил не им се допаѓа, не можат да го разберат и им изгледа смешен, но јас целото тоа го земам за позитивно во најмала гледна точка јас сум причината за нивните насмевки.

Се надеваме дека ви се допадна специфичноста и уникатноста на Лумтурије, доколку е така, применете ја нејзината модна порака и излезете од границите на комерцијалноста.

Објавено:
13 јуни 2013