блогерка и колумнистка

Зборот „не“ не постои во мојот речник!

Интервју со
Ела Дворник
1 март 2016

Уникатната блогерка и колумнистка Ела Дворник веќе некое време живее и работи во Лондон каде ја пронајде својата среќа со сега веќе нејзиниот вереник Чарлс Пирс. Во ексклузивното интервју за Fashionel, таа говори за нејзиниот татко Дино Дворник како еден од најголемите музичари на Балканот и нејзина најголема животна инспирација. Ќе каже дека обожува да патува, да пишува за тоа и да ужива во малите нешта што ѝ го исполнуваат секојдневието. Нејзиниот блог „I am Ella“, има повеќе од 200.000 месечни посети од луѓе од целиот свет кои сакаат да видат каде оваа девојка патувала последно. За Fashionel вели дека не сака голема свадба, туку интимна венчавка со најблиските бидејќи воопшто не сака големи церемонии. Нѝ откри и која е нејзината следна туристичка дестинација, дали некогаш би се вратила во родниот Загреб и кое е најголемото наследство што ѝ го остави нејзиниот татко.

Уживајте!

Ја пронајдовте ли среќата во Лондон?

Ако мене ме прашувате, местото не е поврзано со среќата. Не е важно дали сум на Карибите, во Загреб или во Лондон. Среќата е она што сама си го правам и можам да бидам несреќна било каде. Во Лондон научив навистина многу, но не ме прави нешто посреќна од било кое друго место. Лондон има свои маани и предности баш како и сите останати места на светот.

Би се вратиле ли некогаш дома?

Сакам да се враќам дома бидејќи сѐ ми е познато и драго ми е да се вратам на место каде сите ги познавам, така што, секако би се вратила, само по можност, малку поуспешна.

Што е она највредното што Ви го остави Вашиот татко?

Искуството и знаењето. Научив многу за луѓето додека живеев со татко ми. Ги видов сите позитивни и негативни работи што му се случуваа и тоа дефинитивно ме научи на многу работи. Неговото животно мото сите би требало да го применуваат, бидејќи нему му беше најважно да го работи она што го сака и другите да го сакаат тоа. Тој не се грижеше многу за негативните работи бидејќи знаеше дека истите не може да ги промени, па низ животот одеше како што знаеше и умееше, без стрес и премногу размислување.

Што е она што прво Ви паѓа на памет кога ќе помислите на него? Раскажете ни некоја интересна случка...

Се сеќавам дека еднаш дојде да ме земе од училиште во пижами и жените што чистеа го избркаа бидејќи мислеа дека е некој лудак. Тие беа многу изненадени кога јас излегов и потрчав да го прегрнам и сето тоа беше навистина смешно, бидејќи тој беше буквално облечен во пижами и собни влечки. Жените што чистат му одржаа лекција и му кажаа да не му се повтори тоа, но тој им објаснуваше дека пижамите во суштина се панталони и маичка од посебен вид ткаенина и само принтот ги разликува од нормалната облека. Многу ми се допадна како размислува, бидејќи кога подобро ќе размислиш, разликата е навистина таа.

Се доживувате ли себеси како бунтовничка?

Па веќе не. Сакам предизвици, тоа е вистина и кога некој ќе ми каже дека нешто не можам, јас секогаш им го докажувам спротивното. Тоа е повеќе за да си докажам себеси дека луѓето не знаат што зборуваат и дека сите ги ставаат во исти „кош“. Не сме сите исти, некои од нас сѐ уште сакаат да мечтаат и не сакам луѓе кои се негативни и кога постојано велат „не можам“, „не сакам“... зборот „не“ не постои во мојот речник.

Зошто на луѓето им е толку важно што Вашиот партнер е постар од Вас 13 години?

Затоа што бараат причина да се чувствуваат подобро во врска со себе. Тие тоа го сметаат како нешто негативно, што значи дека се хранат со негативни работи, но мене сето тоа ми е толку позитивно и тој број не ми значи ништо. Чарлс и јас сме компатибилни во животот, забавата и работата и тоа е она што ми е најважно. Колку тој или јас имаме години е во втор план. Нормално дека ми беше малку чудно на почетокот, но кога ќе ја запознаеш личноста, повеќе не размислуваш за тоа. Од друга страна, јас сум многу позрела од своите врсници, а тој понекогаш е многу подетинест од своите, така што, ако мене ме прашате јас велам дека и двајцата имаме 30.

Среќна ли сте?

Да, среќна сум и многу задоволна и секое утро се будам мислејќи „како е ова можно“, но престанав да го преиспитувам животот и сега само уживам.

Планирате ли некоја голема или интимна венчавка?

Мала венчавка со најмногу 50 гости... не сакам големи венчавки, односно не сакам венчавки воопшто.

Вредеше ли сето она што го направивте, за денеска да бидете таму каде што сте?

Сѐ вредеше и сѐ би направила од почеток. Имав многу подеми и падови и беше навистина возбудливо, понекогаш разочарувачки, но сето тоа е дел од животот. Ќе успееш ако ги донесеш вистинските одлуки, а за да знаеш кои се вистинските, понекогаш мораш да донесеш и погрешни.

Која е Вашата следна туристичка дестинација?

Паузирам до летото. Евентуално можам да отидам до Будимпешта или Белград и некои такви локации, бидејќи сакам да се одморам од авиони и далечни дестинации. Да се одморам можеби звучи чудно, бидејќи сето тоа е одмор, но мене патувањата ми се работа, односно и кога патувам, работам.

Кое место што го посетивте Ви остави најголем впечаток?

Бали е дефинитивно најубавото место на кое сум била досега. Не сум била на други острови од тој вид, но би сакала. Преубаво е, како да си во рајот, едноставно совршено место.

Кога почнавте со работа на блогот? Какви беа реакциите на Вашите обожаватели?

Блогот официјално започна со работа во април 2015 година. На почетокот реакциите беа измешани, бидејќи ни сама не знаев што правам, но сега е супер. Имам околу 200.000 месечни посетители на блогот и не можам да се бунам. Мислам дека на сите им е интересно понекогаш да отидат во некој туѓ свет, не со причина да го проживеат, туку да се потсетат дека и тие можам истото да го прават ако донесат вистински одлуки. Некогаш е подобро да отпатувате некаде, отколку да купите скапа облека. Јас сакам да собирам сеќавања, а не работи и тоа е пораката што им ја пренесувам на сите.

Што значи за Вас модата?

Искрено, модата за мене е нешто со што се претставуваш тој одреден ден. Зависно како сум расположена, така и се облекувам. Мене ми е важно да се истакнам, а понекогаш сакам и да ги преплашам луѓето. Кога немам многу самодоверба, се облекувам како да имам и веднаш ми се променува расположението. Делува, навистина!

Објавено:
1 март 2016
object(stdClass)#456 (8) { ["nid"]=> string(5) "13118" ["ga_count"]=> string(4) "3057" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1687212000" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1687212000" ["fb_count"]=> string(3) "459" }
Прочитано:
3.057 пати