Жени во АРМ: Униформата на АРМ е чест, а бисерите задоволство (прв дел)

Интервју со •
25 февруари 2015

„Да ја носите униформата на Армијата на Република Македонија истовремено е гордост, чест и достоинство, но и огромна одговорност“, вака го започна разговорот Маријана Симоновска-Трајкоска, по чин постар водник во АРМ, која беше нашиот домаќин во еднодневната посета на Fashionel на Воената болница во Скопје.

Уште со првата средба со жените во униформа на АРМ кои имавме можност тука да ги запознаеме, јасно можевме да ја дефинираме нивната лојалност и достоинство, но и грациозност, кои ги прочитавме во начинот на кој се движат, зборуваат, одмереноста во комуникацијата, дисциплината... Дел од тоа се препишува на нивниот карактер и воспитување, но дел со сигурност и на нивната професија за која и Маријана ќе каже дека ја учи на вистинските вредности во животот.

Маријана Симоновска-Трајкоска со Командантот на воено медицински центар,
полковник Др. Душан Стојановиќ

„Пред се, она што најпривин се учи во оваа професија е почитување на вистинските вредности“, вели нашата соговорничка која  топло не прими во нејзиниот кабинет исполнет со семејни фотографии и признанија за нејзините досегашни професионални достигнувања..

Истиот ден кога го реализиравме интервјуто, во тек беше и регрутирањето на нови членови во АРМ. Она што пријатно не изненади беше и големиот број на девојки кои застанале рамо до рамо со своите потенцијални колеги и се во очекување да одговорат на еден нов животен предизвик. Да, бројот на жени во АРМ драстично се зголемува.

Но, пред 12 години, периодот  кога Маријана се подготвувала да влезе во АРМ, ситуацијата била поинкава и тогаш се’ уште било невообичаено да се видат жени во униформа на АРМ.

„Јас влегов во АРМ во период кога се’ уште не беше многу актуелно да се видат жени во војнички униформи, беа многу мал процент. Секако кога влегов овде беше еден огромен предизвик бидејќи претходно не знаев што се случува зад капијата. Денеска ситуацијата е поинаква. И драго ми е што во последно време бројката на жени во АРМ се повеќе се зголемува“, се присети таа.

Ја вративме уште подалеку во нејзините сеќавања и ја прашавме Маријана, кога за прв пат го почувтвувала поривот и потребата да ја облече униформата на македонската армија.

„Не би сакала да звучи како клише, но поривот секако потекнува од детството. Таа желба за униформа и рамноправност со мажите.... А она што го научив овде со текот на годините е пред се човечноста и колегијалноста, одлична соработка со колешките и колегите. Тука постои една несекојдневна дружба и поддршка  и секогаш и во секој момент може да се потпреш на своите колеги. Постојт и такви ситуации на терен кога не е едноставно да се функционира, меѓутоа кај нас не постојат кавги или нетолеранција.  Кога одиме на терен меѓусебно комуницираме, и  никоаш не се чувствуваш сам и секогаш имаш поддршка. Едноставно се работи за луѓе – тимски играчи. Како единка може да функционираш само во ситуации кога немаш избор, а тоа е исклучително“, со страст зборува за својата професија Маријана.

Канцеларијата на Маријана е исполнета со   фотографии и цртежи од нејзините деца Канцеларијата на Маријана е исполнета со фотографии и цртежи од нејзините деца

Кога сте дел од семејството на Армијата на Република Македонија, не постојат ниту привилегии ниту дискриминација – независно од полот, сите застануваат рамо до рамо и мажи и жени.

„Сум се соочила со многу предизвици. Кога сум се подготвувала за мисии сум била рамо до рамо со мажите и целиот тој терет сите тие вежби беа подеднакво исти како за мажите, така и за жените. Подлегнуваме на исти физички проверки, три пати неделно имаме физички подготовки со цел добро да ја одржуваме нашата здравствена физичка кондиција и да покажеме добри резултати на оние официјални проверки што се спроведуваат два пати годишно. Внимаваме на исхраната и секогаш сме во форма. Самата професија го бара тоа од нас. Во спротивно, не би можеле да ги извршуваме задачите. Затоа, не смее да се отскокнува од тие стандарди што се пропишани кај нас. Мислам дека секоја жена која дошла во АРМ овде е пред се од љубов, ако не постои искрена посветеност и љубов кон оваа работа не би можел да се издржи теретот“ вели Маријана.

Секојдневието во АРМ функционира во една поинаква димензија во која редот и дисциплината го имаат приоритетот на нештата. Ја прашавме нашата соговорничка, како изгледа еден вообичаен тек на нејзиното работно секојдневие.

„Најпрвин задолжитлно ја обелкуваме нашата униформа. Потоа следува кревањето на знамето, имаме смотра. Од таму секој ги прима своите тековни задачи од својот претпоставен, па како ние ги примаме задачите така ги пренесуваме на останатите и така почнува да функционира денот“, објаснува Маријана.

Со оглед на тоа дека униформата на АРМ има и суштинско значење, покрај неговата основна функција – да ја означи припадноста, не интересираше што значи дрес код во една државна институција како што е АРМ.

„И машките и женските униформи  се исти и се состојат задолжително од чизми, панталони, палто. Кај жените исто така постои правило косата да биде соодветно прибрана, шминката секогаш да биде минимална, нападна шминка во никој случај не е дозволена, значи уредноста е пред се. Накитот исто така е ограничен и сведен на минимум.  Значи основната цел е вашата појава да биде дефиниција за дисциплина, ред, сето она што нашата професија го бара“, го опишува дрес-кодот на своето работно место, постариот водник Маријана.

Од мисијата во Кабул Од мисијата во Кабул

Во периодот од 2011 до 2012 година, Маријана се соочи со еден значаен предизвик кој остави влијателен печат во нејзината професионална кариера. Таа беше дел од специјалната единица „Шкорпиони“ кои тогаш беа на мировна мисија во Кабул, Авганистан, што уште еднаш го потврди фактот дека се работи за една од најхрабрите жени во редовите на АРМ.

„Во Кабул бев во мировна мисија во 2011 година како дел од екипата на заштита на базата, на силите на НАТО. Имав повеќе должности од контрола на влегување во базата до претставување на нашето знаме, нашата земја. Кога ќе ви доделат една таква задача не е лесно, чест е и треба да си ја претставиш татковината достоинствено и да внимаваш на секој ческор. Движење, зборување, комуникација…За тоа се подготвуваме со самото влегување во АРМ, а тоа се пренесува и во цивилството, во нашиот приватен живот“ раскажува Маријана која за овој нејзин храбар и достоинствен чекор добила орден за заслуга за дејствијата во Кабул.

Oрден за заслуга за дејствијата во Кабул

Порцесот на подготовка за Кабул тарел околу 6 месци. Тоа е доволен период една индивидуа физички и психички да се подготви, што меѓу другото вклучува и одвојување од семејството како еден процес.

„Благодарение на таа подготвеност ниту јас ниту моето семејство не почувствувавме одвоеност “, вели Маријана која покрај тоа што е лојална на својата Армија, дома исто така има уште една одговорна функција – мајка на две малолетни дечиња.

„Имам две дечиња и секако со нив и со моето семејство сакам да го поминувам слободното време. Секако и колешките. Како што поминуваме квалитетно време на работа, сакаме и приватно да се дружиме и тоа е уште една бенефиција на нашата професија. Сите сме едно големо семејство. Успехот во нашата работа е току тоа, меѓусебната поврзаност.  Ние го почитуваме тоа што сме се соочиле со сериозни предизвици и свесни сме дека животот е еден, а тоа го почитуваме.  Затоа тоа почитување на вистинските вредности е многу значајна лекција“, го продолживме нашиот разговор со Маријана, но овој пат во нејзиниот дом и во пријатната атмосфера на нејзиното семејно опкружување.

Тука ја видовме и онаа другата нејзина страна што ја прави комплетна жена. Маријана покрај тоа што има одговорен војнички чин, таа е жена која ја сака модата, ужива во сите оние ситни женски марифети, а бисерите и се омилен моден детаљ.

„ Во мојот индивидуален стил, препознатлив печат е добра висока потпетица. Но и добра спортска опрема. Омилени ми се бисерите и ги вкопувам во различни варијанти во различни стилови“, вели Маријана додека ги правеше комбинациите со нејзините омилени парчиња во подготовките за нашата фотосесија.

Забележавме дека поголемиот дел од нејзините коктел и свечени фустани беа во црна боја, па со насмевка ни изјави дека црната за неа е далеку од депресивна боја, напротив жените што носат црна боја, имаат колоритен живот.

Со оглед на тоа дека голем дел од професионалните навики се рефлектираат и во приватниот живот, ја прашавме Маријана како професијата влијае врз нејзиниот личен животен стил.

„Од професијата можам само позитивното да го извлечам и да го рефлектирам во мојот личен животен стил.  Практичност пред се, така јас го имплементирам рационалното размислување. На пример кога одам нешто да купувам тоа го правам брзо и прагматично, точно и конкретно знам што ми треба, по брза проценка. Инаку во приватниот живот, функционирам сосема нормално. Мојот стил или тоа како ќе се облечам зависи пред се од пригодата, каде ќе одам, дали се работи за службена средба каде треба да се појавам запазувајќи одреден дрес код. Но кога дозволуваат ситуациите, секако правам трансформација  и на пример кога одам на коктел тогаш облекувам високи потпетици и  луѓето ретко не препознаваат во тој преод од униформа до елегантен фустан на пример. А тоа го правиме вешто“(се смее) нашата домаќинка.

Вториот дел од нашето интервју го реализиравме во касарната „Илинден“ за што ќе читате во продолжение....

Објавено:
25 февруари 2015