проектна координаторка и правна советничка

Жените жртви на семејно насилство и нивните деца сѐ уште се стигматизирани кај нас

Интервју со
Ана Аврамоска Нушкова
25 ноември 2020

Здравствената криза која започна од март во Македонија преставуваше дополнителен ризик фактор за жените жртви на семејно насилство. Со оглед на тоа дека главните препораки за спречување на ширењето на вирусот беа во насока на тоа сите кои се во можност да останат дома, се создаде дополнителна неповолна околност за жртвите на родово базирано насилство за кои домот истовремено не значи и безбедна средина. Токму во тој контекст треба да се потенцира дека, Ковид-19 пандемијата не смее да биде причина за ограничување на целокупната, вклучлително и институционалната поддршка на жртвите на родово-базирано насилство, туку напротив да биде постојано достапна на оние на кои им е потребна и за време на пандемијата.

Ова е само една од темите во нашиот разговор со Ана Аврамоска Нушкова - проектна координаторка и правна советничка во Националната Мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, а по повод кампањата 16 дена активизам против насилството врз жените, која започнува денеска на Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените.

Фото: UN Women

Дали како систем и како општество, сме доволно гласни против родово базираното насилство?

Нашиот законодавно-правен систем проблемот со насилството врз жените и семејното насилство го регулира и во граѓанските закони и кривичниот законик на Државата. Имено во 2014 година, се донесе Закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство кој започна да се применува во 2015 година. Во самите законски одредби е предвидено одговорното и должно постапување на институциите и здруженијата, нивната меѓусебна координација и соработка, заради превенирање и спречување на семејното насилство и обезбедување на заштита на жртвите. Цел на законот е преземање на мерки насочени кон превенција и заштита на жртвите на семејно насилство, почитување на основните човекови слободи и права, живот, личен интегритет, недискриминација и родова еднаквост, со должно внимание на интересите и потребите на жртвата. Во однос на гласност голема е активностa на граѓанскиот сектор посебно во спроведувањето на кампањи за зголемување и подигнување на јавната свест, дестигматизација во општеството како и во делот со родовата еднаквост. Исто така граѓанските здруженија се на прва линија за да им пружат помош и поддршка на жртвите. Имено има голем број на случаи кои се пријавуваат во здруженијата кои работата директно со жртвите од причина што се подостапни и жените повеќе им веруваат. Посакуваме како граѓански сектор активна соработка со надлежните државни институции во насока на заштита на жените и децата жртви затоа што само со заедничко дејствување на сите во општеството ќе бидеме доволно гласни и достапни за сите ранливи жени во државава.

Во рамките помеѓу 25 ноември, Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените и 10 декември, Денот на човековите права, се обележуваат 16 дена активизам против насилството врз жените. Што велат статистиките и вашите сознанија, колку овие активности придонесуваат за свесноста и препознавање на насилството и од друга страна ги охрабруваат ли жртвите да пријават или барем да сигнализираат за проблемот со кој се соочуваат?

Кампањата 16 дена активизам има за цел да ја подигне општествената свест и да поттикне на размислување за индивидуалниот и колективниот придонес во борбата за спречување на родово базираното насилство. Во овој период се одржуваат голем број на настани, промоции на национално ниво со цел да се подигне јавната свест, да се идентификуваат проблемите, да се назначи дека семејното насилство не е приватна работа туку е проблем кој го тангира целокупното општество да се намалат/искоренат родовите стереотипи. Нагласувам и дека овие 16 дена со кои ја означуваме кампањата за борба против насилство врз жените е во насока да се зборува за истото, да не се срамат жените да пријават, да не го трпат истото под страв дека некој ќе ги осудува. Целта ни е преку оваа кампања да се зборува и да се превенира насилството врз жените во текот на целата година. Ги повикуваме сите да направат сè што е во нивна моќ за да стават крај на семејното насилство, на сексуалното вознемирување, на раните бракови и на сите форми на насилството врз жените. Насилството врз жените е извор на страдање за сите што се засегнати, кривично дело и повреда на човековите права. Во однос на вашето прашање за статистиката колку оваа кампања која секоја година се одржува кај нас влијае на свесноста и препознавањето ние како Мрежа не располагаме со ваква статистика. Исто така комплицираност во мерливоста за тоа дали една кампања е успешна сметаме дека до сега нема направено ниту една организација и/или државна институција. Подигнувањето на свеста и јавното мислење за овој проблем е долгорочен процес. Националната Мрежа против насилство врз жените и семејно насилство од оваа година воспостави три сервиси со даватели на услуги(психолошка, правна и за прашања поврзани со права од социјална заштита) каде директно им помагаме на жените жртви на насилство. Нашата помош кон жените жртви е секогаш насочена кон нивно правилно информирање и запознавање со основните законски процедури. Одлуката да го пријави насилството ја носи секогаш самата жртва.

Дали вонредната ситуација со Ковид-19 пандемијата е дополнителен ризик фактор за жртвите?

Здравствената криза која започна од март во Македонија преставуваше дополнителен ризик фактор за жените жртви. Имено, Мрежата уште на самиот почеток од пандемијата кога една од главните препораки во насока на спречување на ширењето на вирусот беше сите граѓани кои можат да останат во своите домови, ја истакна својата загриженост поради тоа што домот за многу жени кои се жртви на семејно насилство и на интимно партнерско насилство не е сигурно место на живеење. Со овие мерки, жените жртви на насилство и нивните деца (доколку ги имаат) се ставаат во многу тешка и во некои случаи и во животно загрозувачка ситуација. Во држава во која е прогласена вонредна состојба, децата се дома цел ден, затворени се сите кафулиња, ресторани, кафеани, затворени се и спортските обложувалници, како и сите останати можности за социјални активности, пријателите се дома со своите семејства, затворени се сите места каде може да се канализира агресијата и единствено што останува достапно е семејството, сопругата/партнерката, децата, родителите. Исто така апелиравме до сите надлежните институции – Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи и Министерство за здравство независно од моменталната состојба, да постапат професионално при пријава на насилство и да ги преземат сите мерки што им се на располагање во насока на заштита на жртвата и нејзините деца (доколку ги има). Сите повици за пријава на семејно насилство треба да бидат третирани како највисок приоритет и да се преземат сите мерки за заштита. Понатаму поднесовме и неколку барања до техничката Влада и поднесовме документи со предлог за усвојување на Итни мерки за заштита на жени и деца жртви на семејно насилство додека трае вонредната состојба, чие итно донесување ќе овозможи заштита на жртвите на семејно насилство во услови на оваа криза, но и ќе го подготви системот на заштита за постапување при случаи на семејно насилство по завршување на кризата. Документот ги посочува ризиците кои се специфични за семејното насилство и дава предлог итни мерки за справување со истото.

Фото: UN Women

Во едно Ваше интервју подвлековте дека во период на карантинот во март, април и мај, Центрите за социјална работа ги затворија своите врати за жените жртви, а телефонските броеви не секогаш беа функционални. Дали со тоа се зголемува недовербата на жртвите во институциите и како оваа ситуација може да се коригира?

Меѓу надлежните институции кои треба да постапуваат и да пружат помош и заштита на жените и децата жртви на семејно насилство е Министерството за труд и социјална политика-Меѓуопштинските Центри за социјална работа. За време на здравствената криза, Центрите останаа затворени за клиентките. Имено поради превенција и спречување на ширење на вирусот, државната администрација ги ограничи своите човечки ресурси за работа и го намали работното време. Исто така, освен известувањето на Министерството за труд и социјална политиката упатено до жртвите на родово базирано насилство и семејно насилство, каде што се наведуваат броеви за пријавување насилство, ниту една итна мерка не е изречена ниту предложена за оваа посебно ранлива категорија граѓанки. Апелираа да не се доаѓа во институцијата туку да бидат контактирани преку телефон или емаил. Дополнително Министерството за труд и социјална политика упати соопштение до јавноста со кое се препорачува двајцата родители да се договорат за гледањето на детето/децата со родителот со кој не живеат, но без притоа да утврдат на кој начин треба да постапат родителите кои не се можност да се договорат, што е особено важно за жртвите на семејно насилство. Во однос на коригирањето на нивната работа пред нас е втор бран на ситуацијата со КОВИД-19 и можноста да ги поправат пропустите кои беа направени со првиот бран. Нивните обврски и должности за работа произлегуваат од законските и подзаконските акти, па согласно нив треба да постапуваат.

Што досега во пракса се покажало како успешен механизам во соочување со проблемот на родово базираното насилство?

Доколку прашањето се однесува на постапката за решевање на проблемите кои произлегуваат од насилство врз жени и деца и семејното насилство, најдобар механизам е секој професионалец односно секоја надлежна институција да постапи согласно законските предвидување и во меѓустекторска соработка да има кохезија и синхронизираност во постапувањето.

Каков систем на организација применувате како Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство? Колку институционалната поддршка е присутна во реализацијата на вашата мисија?

Националната Мрежа против насилство врз жените и семејно насилство е мрежа на организации кои дејствуваат на национално ниво од 2010 година. По последното годишно собрание одржано во октомври оваа година, Мрежата се прошири со шест дополнителни организации и сега брои 23 организации членки. Мисијата на Мрежата е координирано делување на граѓанските организации кон унапредување на политиките и праксите во борбата против насилството врз жените и семејното насилство. Целта на Мрежата е признавање и унапредување на човековите права на жените во Република Македонија, а визијата на Мрежата е да создаде општество без насилство, во кое жените ќе можат целосно да ги развиваат своите потенцијали и активно да учествуваат во креирањето на заедници на еднакви можности. Организациите-членки на мрежата се со различна големина, од мали грас-рут организации до поголеми организации кои работат на национално ниво. Членките се од различно етничко потекло и обезбедуваат поддршка на жените од сите етнички групи, независно од нивниот социо-економски статус.
Пристапот кон насилството врз жените и семејното насилство се темели на препознавање и заштита на човековите права на жените во согласност со релевантните меѓународни конвенции и декларации; родово-сензитивен пристап кон насилството врз жените и семејното насилство; осуда на секој вид на родово базирано насилство бидејќи не постои оправдување за каква било форма на насилство врз жените, вклучително и за семејно насилство; застапување на интересите на жртвите; пристап кој се темели на функционални практики; солидарност и соработка помеѓу организациите-членки и транспарентност во работењето на Мрежата. Извршната канцеларија на Мрежата оваа години отвори и три сервиси за помош и поддршка на жените жртви на насилство и тоа преку телефонско јавување и директни средби со жените. Сервисите се во насока на правилно насочување и информирање на жените жртви и нивните деца кои се нивните права и каде да се обратат. На почетокот од март месец 2020 година Мрежата ја отвори и првата Куќа од отворен тип на домување за жени жртви на насилство со финансиска помош на Град Скопје, која како достапна услуга е прва од ваков вид во Западен Балкан. Главна цел на проектот е рехабилитација и реинтеграција на жени жртви на семејно насилство кои ја напуштиле насилната средина и нивно целосно јакнење за самостоен живот. Со низа предвидени активности и во ситуација на задоволени егзистенцијални потреби корисничките и нивните деца ќе бидат подготвени полесно да се соочат со нови предизвици, надвор од насилната средина и без ризик од бездомништво. Конкретно, со услугата се обезбеди отворено или транзитно домување од моментот кога тие ќе ја напуштат насилната средина се додека жртвата не биде целосно интегрирана во општествениот живот. Исто така, им се обезбедува психолошка поддршка и советување, како и помош при вработување преку унапредување на работните вештини и образованието. Во текот на КОВИД-19 Владата на Република Северна македонија-Генералниот Секретаријат даде поддршка на Мрежата преку проектот Помош и поддршка на жртви на семејно насилство во пост-кризен период.

Фото: UN Women

Што е со жртвите по излегувањето од шелтер центрите? Дали постои разработена стратегија за нивна заштита и реинтегрирање во општеството, а притоа да не е само на хартија?

Сместувањето во Центрите за згрижување на жени жртви на насилство (засолништа) е краткотраен процес во кој жената жртва се сместува во времетраење од 3 месеци со можност за продолжување од уште 3 месеци, но не повеќе од една година. За жал по излегувањето на жената од шелтер центар во овој момент нема ниту законски ниту подзаконски акти (протоколи, стратегии) како поуспешно да се реинтегрира и рехабилитира во општеството. Не е мал бројот на случаи кога жените жртви кои биле сместени во шелтер по напуштањето на истиот повторно се враќаат во насилсната средина. Со новиот закон за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, кој носење е во согласност со ратификацијата на Истанбулската Конвенција и Националниот Акциски план (2018-2023) за спроведување на истата, се предвидува овој модел на реинтеграција и рехабилитација во насока на превенирање жената жртва повторно да се врати во насилната средина, исто така се превенира и потенцијално бездомништво, нејзино психолошко зајакнување, како и нејзина лична доквалификација и преквалификација со цел поуспешно и поконкурентно вклучување на пазарот на трудот.

А што е со децата со трауматични искуства од нездрави средини каде семејното насилство ја заменило хармоничната семејна атмосфера? Колку и како се вложува во нивната заштита и дали се мониторира нивниот развој, со цел да се превенираат дополнителни нарушувања на нивните права?

Кога во едно семејство постои насилство децата во секој случај се жртви на насилство независно дали се директно инволвирани или индиректно. Насилството, запоставеноста и злоупотребата на децата особено во најраните години,може да остави трајни последици врз развојот на нивниот мозок. Ова може да резултира со тешкотии во учењето и ограничени социјални вештини. Во моментов, постојат национални системи за превенција, откривање, упатување и одговор на децата-жртви на насилство и злоупотреба. Меѓутоа, има многу недостатоци кои ги спречуваат да работат онолку ефикасно колку што е потребно односно многу често изостанува координација меѓу различните институции, што води кон активности кои не се во најдобар интерес на детето, како што се пролонгирани постапки и повторни испрашувања на децата-жртви на насилство, а што може да ја влоши нивната веќе многу стресна ситуација. Потребно е да се воспостави ефективен процес за идентификација и упатување во случаите на насилство врз деца, поврзувајќи ги образованието, здравството, судството, полицијата, социјалната заштита и граѓанските организации. Исто така потребни се и дополнителни едукации и обуки за професионалци кои ќе работат со децата и нивните родители/старатели. Недостига и едукација на родителите и децата за важноста од создавање средина без насилство и злоупотреба, како и на стручните лица кои работат со случаи на насилство врз деца.

Дали како општество сѐ уште стигматизираме?

Да, за жал сѐ уште жените жртви на насилство и нивните деца се стигматизирани кај нас. Повеќето од жртвите на семејно насилство не го пријавуваат насилството баш од страв дека ќе бидат осудувани, стигматизирани, отфрлени прво од најблиските, а потоа од околината. Истражувањата покажуваат дека секоја четврта жртва го пријавува насилството. Така што можете да замислете колкави се бројките. Тука е и нашата цел преку кампањи, едукација и директна поддршка на жените жртви да ги извадиме од таа „сива бројка" на непријавени случаи. Непријавувањето има и длабоки психолошки причини. Најголем дел се базира на тоа што ќе рече средината, како ќе се прифати во социјалната средина, станува збор за стереотипи. Можеби станува збор и за недоверба во своите поддржувачи, во своите блиски, недоверба во институциите.

 

Објавено:
25 ноември 2020
Прочитано:
373 пати