Уметник, режисер, асистент на УКЛА

Женското тело континуирано е објективизирано

Интервју со
Филип Петковски
3 ноември 2020

Мултимедијалната изложба „vita." која периодов е во фокусот на домашната културна јавност, е темелно поставување на паралелата преку која се компарира жената и женственоста како објект наспроти нејзината комплексност како субјект. Режисерот и творецот на овој слоевит и исклучително вреден антрополошки проект, Филип Петковски, предизвикан од погрешната визија на луѓето за тоа како изгледал животот на жените од нашето поднебје во минатото, прави фасцинантен контраст со кој ѝ дава видливост на емоцијата на жената поставена во современ контекст. Така тој едни наспроти други ги „соочува" фотографиите од минатото и сегашноста. Првите црно-бели со невидлива емоција, додека другите интензивно обоени и со емоција и со раскошниот колор на традиционалните носии и со длабоката експресија на жените протагонисти. Со тоа, творецот и режисер на изложбата, отвора прашања и простор, публиката да ги преиспита своите сфаќања на темата и поимот женственост, најчесто сврзуван со одреден тип на естетика.

Филип Петковски е докторант на Катедрата за светска уметност, култура, и танц на Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес, каде што работи и како асистент и предава предмети поврзани со танц и изведбени уметности. Воедно, тој е промотор на традиционалната македонска музика и игра и човек кај кој природно се вродени љубовта и интересот за нашето културно наследство, што го профилираат и како вреден примерок на млад и успешен човек кој ја знае точната форма без да банализира, како на светот да му раскаже за своите корени. Во продолжение следува разговорот во кој тој одблиску ни образложува како се роди „vita." и со каков концепт и визија ќе продолжи да живее.

Филип Петковски

Со мултимедијалната изложба „vita.", воедно и Ваша прва изложба, поставувате една комплексна тема која во фокус го има објективизирањето на женското тело и ја истражува слоевитоста на женската емоција. Кој беше основниот предизвик што ја иницираше потребата да ја истражувате, а потоа и визуелно да ја спакувате темата која бара темелност и исклучително сериозен пристап?

-Основниот предизвик ми беше многу погрешната визија на многу луѓе со кои сум разговарал, па и генерално, пошироката македонска јавност, за тоа како изгледал животот во минатото, особено на жените кои биле подложени на патријархални норми кои им ги правеле животите тешки. Во принцип, кога зборуваме за македонските традиции, од денешен поглед, се почесто се третирани како опресивни, а поради нивното поврзување со десничарски идеологии, па и пропаганда, на многу луѓе им се одбивни. Конкретно кога станува збор за објективизирањето на женското тело, преку овие стари фотографии кои ги изложувам, жената е третирана како објект, односно, често фотографирана поради костимот кој го носи. Во други примери, таа е фотографирана бидејќи изгледала како егзотична на авторите на фотографиите. Нејзината емоција е невидлива, нејзините лични податоци се анонимни, и малку знаеме за нејзиниот живот. Токму поради овие причини, сакав да направам еден контраст каде што женското тело ќе го третирам како субјект, односно фокусот ќе биде на нејзината емоционална состојба и што таа ни кажува за нејзиниот живот. Додека сме навикнати да поимот женственост го сврзуваме со одреден тип на естетика, се надевам дека мојата изложба ќе начне разговор за други, поинакви сфаќања на оваа тема. Оваа тема ја истражувам веќе долги години, особено за потребите на мојата докторска дисертација, но точно е, тематиката бара сериозен пристап, па затоа се консултирав со стручни лица кои многу подобро ја познаваат оваа тематика од мене.

Изложба vita. - МКЦ, 26.10-01.11

Кои се жените од мултимедијалното платно на „vita."?

-Жените се македонски актерки и танчерки, односно Наталија Теодосиева, Ана Мојсовска, Слаѓана Вујошевиќ, Анастасија Данчевска, Мими Поп-Алексова, Симона Спировска, Наташа Петровиќ и Долорес Поповиќ—бескрајно талентирани и успешни уметници кои одлично ги доловија сите емоции кои сакав да ги прикажам. Ним бескрајно им благодарам. Жените на црно белите фотографии не ги познавам—нивните имиња никој не се сетил да ги запише и остануваат анонимни. Многу од фотографиите се направени во почетокот на 20 век, голем дел од жените не се повеќе меѓу живите, а за да дојдам до нивните лични податоци, би морал да патувам низ селата во Македонија и да ги прашувам луѓето кои живеат таму дали ги познаваат овие жени, што е долг, а можеби и невозможен поход. Секако, во галеријата постои еден disclaimer на кој пишува дека ако некој од посетителите препознае некоја од жените, да ме контактира за да ги наведам нејзините лични податоци.

Фото: Жарко Чулиќ

И во контекст на модерното живеење, сведоци сме дека жената и женското тело се стигматизирани. Па и покрај се погласниот феминизам и либералните погледи, објективизирањето на жената, особено во комерецијалната индустрија е често присутно?

-Моето лично мислење е дека женското тело е континуирано објективизирано. Благодарение на феминистичкото движење и присуството на либерални дискурси и идеологии, сведочиме за некаков прогрес, но многу војни сѐ уште се војуваат и треба да бидеме благодарни на сите феминистички платформи и здруженија. Јас лично сакам да сум и пробувам да бидам сојузник во овие борби и се сметам за феминист, но со оваа тематика не се бавам долго, односно само неколку години, а ова е прв проект во кој сакам и да ја истражам оваа тема. Бидејќи сум маж и не можам да појдам од лично искуство, секогаш ќе сум лимитиран во многу погледи, но постојано читам и истражувам, па затоа и решив да заземам некој личен став. Сметам дека конкретно во нашата држава, постојат два примери на објективизирање, односно, примери во кои голото или разголеното женско тело е казнувано и забранувано. Постојат и други примери каде што само "згодното" женско тело, секако, по некакви стандарди кои ги наложуваат социјалните медиуми е фаворизирано, додека други типови на голи и разголени тела се исмевани или ретко видливи на јавноста. Од друга страна пак, покриеното женско тело, во случаи на забулување, носење бурка или буркини итн. е исто така исмевано, критикувано и стигматизирано бидејќи се коси со идеалите и нормите кои ги поставуваат доминантните ставови на оваа тема. Секој случај е многу комплексен бидејќи, на пример, носењето бурка може да биде и наметнато, но може да биде и личен избор и еден начин на изразување на некаква женственост кои многу луѓе не би можеле да го разберат. Исто така, верувам дека постојат и случаи каде што разголувањето на женското тело, особено во комерцијалната индустрија, како што сугерирате, е наметнато, без разлика дали се работи за профит, лајкови итн. Конкретно во мојата изложба говорам за објективизирањето на женското тело преку фотографија направена во едно време кое поминало, но сепак, тој процес на објектификација и понатаму постои, иако можеби во некоја друга видоизменета форма.

Во процесот на подготовка на изложбата, ги најдовте ли одговорите на прашањата што на почетокот си ги поставувавте, за комплексноста на животите на ликовите од фотографиите, во строгите патријахални општествени норми?

-Прашањата, впрочем, ѝ ги поставувам на публиката и се надевам дека преку целокупната замисла на изложбата, тие самите ќе пронајдат некакви одговори, ќе размислат за некои теми и дека можеби ќе дојдат до нови заклучоци. За комплексноста на животите на ликовите на црно-белите фотографии, како што напоменав, знаеме малку, но бидејќи долго време се бавам со фолклористика и антропологија, и бидејќи често одам на теренски истражувања, можам самиот да сугерирам на некои заклучоци. Она што многу нѝ е потребно се подетални истражувања во родовата и сексуалната анторпологија кои би нѝ дале многу одговори на многу прашања поврзани со животите на овие луѓе. Сите информации за патријархалното уредување се резултат на етнографски истражувања каде што етнографите (најчесто мажи) ги набљудувале секојдневните животи на овие луѓе и носеле заклучоци врз база на нивните обзервации. За жал, многу жени никогаш ништо не биле прашани, многу прашања биле занемарени па затоа и малку знаеме. Дека животите им биле комплексни, во тоа сум сигурен, бидејќи иако биле подложени на патријархални норми, сепак и тие воделе многу војни, за нас невидливи и незнајни. Носијата која ја носеле, која се менувала во секоја декада нѝ дава некакви податоци за постепеното олабавување на тие норми. Пример се кошулите кои ги носеле кои веќе во педесеттите години стануваат пократки, исфрлањето на многу облековни елементи кои го правеле женското тело да изгледа габаритно, постепеното исфрлање на покривање на главата со марами и многу други промени кои можеби се некаков бунт на патријархатот.

Зошто решивте современите жени да ги облечете во традиционални народни носии? Колку тука е присутна и модната анализа поставена во различни општествени и временски рамки?

-Носиите на фотографиите ни укажуваат на модни трендови, односно мода од едно друго време која е стриктно врзана со нашето поднебје. Исто како што е модерно и прифатливо за една жена да носи vintage парчиња, на пример, од дизајнери од 50те, зошто да не е прифатливо таа да носи и некој преубаво исткаен појас или марама кои денес може да се искомбинираат на интересен начин? Зошто она што го сметаме и промовираме како модерно, мора да биде продукт на странски дизајнери и трендови, а не и нешто што е автентично за овој регион? Замислата да овие актерки и танчерки да бидат облечени во носии е еден обид да направам некаква паралела помеѓу минатото и сегашноста. Многу сегменти кои не можеме да ги видиме во црно-белите фотографии, можеме да ги видиме во фотографиите и снимките каде што субјект се баш овие девојки кои се олицетворение на минатото, на модата во тоа време, и ни даваат некаков хинт за какви животи живееле жените во минатото.

Фото: Жарко Чулиќ

Во една прилика ќе изјавите дека уште од Ваша 14-годишна возраст сте колекционер на македонски народни носии. Дел од нив искористивте и во изложбата. Кој е фасцинантниот момент кај нив што најмногу Ве купува?

Ме фасцинира нивната безвременост, нивната нетипична естетска вредност, нивната непроценливост... понатаму ме фасцинираат верувањата за нив, стриктните кодекси за која носија кога се носела, како се носела и зошто се носела. Впрочем, сите верувања и орални истории за нив се далеку покомплексни од онаа облека која ја носиме денес. Ме фасцинира моментот дека се изработени од природни материјали, односно секој дел од нив е рачно изработен, најчесто од жените кои го носеле... Ме фасцинира моментот дека многу од нив се наследувани низ генерации на жени, дека се чувани и третирани како да се скапоцени и дека биле сè што овие жени имале да носат.

Фото: Жарко Чулиќ

Како го одбравте тимот со кој соработувавте за изложбата?

-Со многу од девојките од тимот за прв пат соработувам и им благодарам на довербата и на професионалноста. Многу сум благодарен и горд сум што работев со едни од најдобрите актерки, танчерки, фотографи во земјава, а ги поканив на соработка токму поради тоа што им се восхитувам на нивните дела и успеси.

Во каква форма и со каква визија ќе продолжи да живее „vita."?

-vita. понатаму имам планови да ја прикажам и во неколку други македонски градови, како и во Белград, Загреб и Берлин. Инаку vita. е дел од една трилогија, односно на пролет ќе го работам вториот дел насловен vitro. а летоска и последниот дел кој е насловен vulgus. кои ќе бидат со слична тематика, односно фокусот ќе биде на женското тело, но планирам да ги истражувам и политиките на секојдневното движење, додека ќе ставам и акцент на танц.

Фото: Жарко Чулиќ

Вие сте докторант на Катедрата за светска уметност, култура, и танц на Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес, каде што работите и како асистент и предавате предмети поврзани со танц и изведбени уметности. Со широк распон на уметнички израз и професионално максимално ангажиран, што сакате да му кажете на светот, а особено на Вашата генерација преку Вашето творештво?

-Во принцип, секој проект има своја порака или теза, но немам некоја универзална порака што сакам да ја испратам кон публиката. На пример, театарските претстави кои ги работев се со доста различна тематика и секоја претстава е приказна за себе. Танцовите проекти и кореографиите се пак друг пример каде што акцентот е ставен на корпореалноста и движењето на телото. Во vita. мислам дека пораката е јасна. Ништо никому нема да му порачам, само се надевам дека ќе инспирирам, како што мене ме инспирираат луѓето со кои работам.

Концепт и режија: Филип Петковски
Камера и фотографија: Жарко Чулиќ
Монтажа: Кирил Манчевски
Дизајн: Ивана Мојсовска и Филип Петковски
Учествуваат: Наталија Теодосиева, Ана Мојсовска, Слаѓана Вујошевиќ, Анастасија Данчевска, Мими Поп-Алексова, Симона Спировска, Наташа Петровиќ и Долорес Поповиќ.
Костимите се дел од приватните колекции на Филип Петковски, Антонио Стојчески и Ване Наков.

 

Објавено:
3 ноември 2020
Прочитано:
400 пати