Адвокат

Животниот пресврт ми донесе нови предизвици, но и ми докажа дека умот и телото немаат лимит

Интервју со
Мирјана Марковска
1 септември 2023

„Не можам" никогаш не била опција за познатата адвокатка и жена-менаџер Мирјана Марковска, која и откако пред извесен период се соочи со голем животен пресврт и здравствен предизвик, излезе како победник во кој многу луѓе и нивните блиски кои се соочуваат со иста или слична состојба, веруваме дека ќе препознаат позитивен пример и надеж.

По мозочниот удар, г-ѓа Марковска се соочува со состојба наречена афазија - стекнато комуникациско нарушување кое ја нарушува способноста на лицето да говори, но не влијае на интелигенцијата, што кај неа уште повеќе ја засилила страста кон животот и љубовта кон секој нов ден.

Круна на нејзината секојдневна борба и упорност, е основањето на Здружението за помош и поддршка на лицата со афазија, ХОУП.

ХОУП е надеж и помош за сите кои се соочуваат со афазијата, но и Здружение кое активно работи на препознавање и превенција на здравствени состојби кои може да доведат до афазија.
Целта и примарниот фокус на ХОУП е преку интегриран пристап за да им го отвори патот на лицата со афазија и нивните најблиски, тие полесно да стигнат до целта како победници.

Животот е чудо!

Адвокат, основач на Адвокатската канцеларија "Марковска&Андревски", жена менаџер и основач на Здружението на жени-менаџери „Елит" – животен стил што подразбира постојана динамика, усовршување, исполнет ден од утро до вечер... Пред извесен период, ви се случува животен пресврт кој ви носи нови предизвици, но заедно со нив и уште поголема страст кон животот? Раскажете ни ја вашата приказна во која веруваме многу луѓе ќе пронајдат мотивација и позитивен пример.

- Животот е полн со пресврти, вклучително и со непријатни кои се негов составен дел. Но, животот е да се живее, секој ден и секој миг, најмногу и најдобро што можете. Се согласувам со Вашата констатација, животниот пресврт ми донесе нови предизвици. Но, и уште повеќе ми покажа и докажа дека умот и телото немаат лимит и дека ништо не е невозможно доколку имате волја, прскос и мотив.
Како адвокат кој ја основа и етаблираше Адвокатската канцеларија "М&A" како препознатлив бренд, речиси четврт век наназад се соочувам со бројни предизвици, со истата лична и професионална страст и волја. Чинам дека можеби и тоа е една од причините што со личниот здравствен предизвик се соочив како со нешто што се случило, со кое мора да се носам и да се изборам како најдобро знам и умеам. Да не звучам нескромно, засега ми оди одлично и воопшто не се сомневам дека ќе биде се' подобро и подобро. Особено сум горда и прилично емотивна што "M&A" не застана, јас не застанав, напротив годинава славиме 25 години раст и развој, со многу тековно генерирани нови проекти и предизвици.
Дополнителна круна на мојата битка е Здружението за помош и поддршка на лицата со афазија ХОУП, кое го осмислив и релизирав со огромна помош и поддршка на моите соработници и драги луѓе, кога размислував како помагајќи си себеси можам да им помогнам и на другите лица кои се соочуваат со ист или сличен здравствен животен предизвик.

Што всушност е афазија? Како се манифестира оваа состојба?

- Афазија е стекнато комуникациско нарушување кое ја нарушува способноста на лицето да говори, но не влијае на интелигенцијата. Нарушувањето на говорот и степенот на нарушеност на говорот се различни и по типологија и по степен на засегнатост (од неможност за говор, неразбиливост на говорот, до потешкотии во пронаоѓање на зборови). Афазијата не е болест, туку е состојба или последица на мозочни нарушувања, најчесто мозочен удар (како во мојот случај), но, исто така и на механички повреди на главата, односно трауми или други заболувања кои ги засегаат мозочните функции. Од големо значење е брзо да се реагира и да се отпочне со третирање на состојбата веднаш или непосредно по нејзиното настапување. Затоа и во континуитет и упорно преку ХОУП објавуваме корисни информации и за превенција и препознавање на една од најчестите причини за афазијата - мозочниот удар (кој во последно време е во фрапантна експанзија, со поразително намалување на возрасната граница на засегнати лица) и третирањето и рехабилитација доколку, за жал, дојде до таква состојба.

„Не можам" воопшто не беше опција за Вас? Какви се предизвици надминавте и сѐ уште надминувате?

- Кога станува збор за активност, работа, предизвик, "не можам" за мене никогаш не било, ниту е' опција. Сум размислувала и сум си правела ревизија наназад. Со исклучок кога станува/ло збор за нешто што било или е' во спротивност со вредносни норми и принципи и евентуално при воспитувањето на мојот син кој сега е ревносен студент на Правниот факултет и иден колега, "не можам" не сум употребила во комуникација, ниту со себе, ниту со другите.
Краток период на почетокот, најголем предизвик ми беше да се консолидирам. Потоа, секој нов ден беше предизвик или нова можност, како единствено и гледам на животот отсекогаш. Упорно вежбам и работам, истражувам за афазијата, а примарно сум фокусирана во "M&A" и ширење на деловните можности и активности бидејќи ангажираноста и љубовта кон работата е мотив и лек. Треба само волја и упорност.

Како изгледа процесот на рехабилитација? Колку упорноста и вербата се клучни фактори?

- Рехабилитацијата подразбира соодветна терапија и добра лекарска грижа. Клучни се вежбите со физиотерапевт бидејќи физичките вежби / моториката се од суштествено значење за борбата со афазијата. Работењето со логопед е повеќе од нужно. Упорноста и вербата се императив. Пасивноста, летаргијата или индиспонираноста се однапред загубена битка. Мојата упорност и пркос се најзаслужни за моето брзо закрепнување и враќање кон секојдневните активности.

Вашата борбеност ја создаде и идејата за „HOPE"? Која е стратегијата и мисијата на Вашето Здружение?

-Да, ХОУП е моја идеја на чијашто реализација работиме со одличен тим на соработници. Отсекогаш сум имала и имам безброј идеи, умот не ми мирува. Среќна сум што речиси сите ги остварувам во пракса. Некогаш треба повеќе време, но замислена идеја не останала нереализирана.
ХОУП го осмислив водејќи се од крајната цел - да им се помогне и да се охрабрат лицата кои се нашле во иста или слична ситуација како мојата и нивните најблиски или лицата кои се грижат за нив, бидејќи тие се исто така засегнати од секој можен аспект, а се клучен фактор во помошта и поддршката на борбата на лицата со афазија.

ХОУП е Здружение за помош и поддршка на лица со афазија. Здружението е независно, доброволно и непрофитно здружение на граѓани формирано со примарен фокус на остварување, заштита, унапредување и усогласување на правата, потребите и интересите на лицата со афазија како и на лицата кои водат грижа и нега за нив.

ХОУП е надеж и помош за сите кои се соочуваат со афазијата, но и Здружение кое активно работи на препознавање и превенција на здравствени состојби кои може да доведат до афазија.
Целта и примарниот фокус на ХОУП е преку интегриран пристап за да им го отвори патот на лицата со афазија и нивните најблиски, тие полесно да стигнат до целта како победници. ХОУП има за цел на подигнување на свеста кај јавноста за афазијата, заштита и зајакнување на правата на лицата со афазија, почитување на нивната личност и достоинство, помагање, поддршка, обединување, насочување, едукација и информирање на лицата со афазија, нивното адаптирање и интегрирање во општествениот и социјалниот живот.

Каква е структурата на здружението – кој се може да членува? Какви сегменти опфаќа?

-Основачи на Здружението се лица од различни профили и дејности, сите максимални професионалци во областа во која работат и благородни луѓе и алтруисти.
Член на ХОУП може да биде секое заинтересирано лице кое доброволно и слободно ќе пристапи во членство, со потпишување на пристапната изјава и прифаќање на Програмата и Статутот на Здружението, програмските цели и дејствување.

Зачленувањето се врши преку пополнување на пристапница и издавање на потврда за членство.
Ги опфаќа сите сегменти кои се' или би можеле да бидат во врска со помошта и поддршката на лицата со афазија и лицата кои се грижат за нив.
Сите информации за ХОУП се јавно достапни на комуникациските алатки, каде секојдневно се објавуваат корисни информации и видеа.
Бидејќи Здружението е основано од неодамна, во оваа фаза, помошта и поддршката која ја нуди ХОУП е со совети, сугестии, препораки, контакти, упатувања – за полесно да се дојде до најсоодветна помош, поддршка и нега. Во моментов се работи на неколку проекти и иницијативи (правна / институционална рамка).

Веќе работите на конкретни активности?

-Да. ХОУП има за цел да земе за учество во повеќе проекти кои би требало да се реализираат во иднина. Откако ќе биде направена целокупната организација, ХОУП ќе ги сподели сите детали за понатамошните активности и проекти.

Како се дијагностицира оваа состојба и дали воопшто може да се превенира?

- Афазијата се дијагностицира од страна на стручни медицински лица од референтната област, врз основа на говорната способност и други аспекти.
Бидејќи не е болест, туку состојба или последица на други причини како што споменав погоре (мозочни нарушувања (најчесто мозочен удар), но, исто така и на други заболувања кои ги засегаат мозочните функции), нејзината превенција е можна преку грижата и можноста од превенција на причините кои довеле до афазија. Откако ќе настапи афазијата како состојба, од суштинско значење е веднаш да се отпочне со соодветен третман и рехабилитација како состојбата би се подобрила или целосно рехабилитирала.

Што најмногу ви помогна да излезете како победник во оваа голема животна борба?

-Чинам карактерот и умот кој не мирува и најинтензивно работи кога се соочува со предизвици, потпомогнато од најголемата помош и поддршка, трпението, разбирањето и силата на моето семејство и пријателите и лојалноста, упорноста и газењето напред на колегите од "M&A" и Клиентите на "M&A". На сите сум им бескрајно благодарна.

Останавте верна и на Вашиот препознатлив дамски имиџ. Комплименти! Како уште еден показател дека животните предизвици само уште повеќе ја засилуваат љубовта кон себе, кон животот и кон секој нов ден?

-Благодарам.
Имиџот никогаш не бил доведен во прашање. Тој е дел од мене, независно на се'. Кога се грижите за себе, се негувате и сте доследни на својот имиџ, се чувствувате добро.
Во облеката секогаш доминира црвената, црната и белата боја. Преферирам фустани.
Секодјневно не практикувам шминка, само во исклучителни ситуации или при одредени поводи или веселби. Исклучок е само црвениот кармин кој е неизоставен дел од мојот имиџ и секако, обетки и ланче, изборот претежно секогаш е на бисерите.

Каква охрабрувачка порака би им упатиле на луѓето кои се засегнати од оваа состојба и на нивните семејства со кои заеднички ја водат борбата?

-Животот е чудо. Нема откажувања. Придружете му се на ХОУП.

 

Објавено:
1 септември 2023
object(stdClass)#447 (8) { ["nid"]=> string(5) "30842" ["ga_count"]=> string(1) "0" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(1) "0" ["ga_count_week_start_date"]=> string(1) "0" ["ga_count_day_start_date"]=> string(1) "0" ["fb_count"]=> string(1) "0" }