Златно славејче

„Златно славејче“ е синоним за квалитет, детската радост, талент и искреност

Интервју со
дел од учисниците на фестивалот
22 октомври 2020

Во 1971 година од страна на неколку членови на Советот за грижа и воспитување на децата – Александар Џамбазов, Васил Пујовски и Благоја Јордановски, се раѓа идеајата, а потоа и реализацијата на фестивалот „Златно славејче“. Првото издание се случило на 23 мај токму таа 1971 година, а кон крајот на септември годинава, се одржа концерт кој претставуваше ретроспектива на некои од најголемите детски хитови од фестивалот, со што се одбележаа 50 години од постоењето на „Златно славејче“.

Ние одлучивме да се потсетиме на „златното време“ на фестивалот, кога песните се изведуваа во живо, со оркестар и секако хор.

Дел од приказната и тоа мошне значаен, со голем придонес за тоа како го паметиме фестивалот, беше и композиторот и професор Томислав Таневски, кој раководеше и со „Славејчињата“ од хорот.

-Мојата активност на Фестивалот „Златно славејче“ започна уште од 1980 година, како композитор и аранжер, а од 1981 година и со директно вклучување во работата со новоформираниот, во тоа време, хор „Златно славејче“. Да потсетам дека претходните години солистите ги пратеше хорот „Развигорче“. Кога ќе размислам директно мое учество во реализацијата на фестивалот има околу 30 години што секако не е малку и воедно буди силни емоции и сеќавања – вели Таневски.

Разговорот го продолживме во насока, што значело во тоа време да се биде раководител на хор, кој воедно важеше и за еден од најголемите и најуспешните.

-На фестивалот покрај тоа што сум бил еден од раководителите на хорот, бев вклучен и во директната организација на самиот фестивал, во раководните структури на фестивалот и Сојузот за грижи и воспитување на децата на град Скопје, како основач и организатор. Некако, имав можност да работам со солистите и хорот заедно со моите драги колешки Даница Георгиевска уште на самиот почеток, а потоа и со Летка Димовска Полизова. Задоволство е да се работи со надарени деца, посебно на еден меѓународен фестивал со висок рејтинг во тоа време. Фестивалот „Златно славејче“ во тоа време беше во рангот на италијанскиот детски фестивал „Златна паричка“ и нормално е да се чувствувате горд  и благодарен пред сè на луѓето кои ви ја дале довербата. Како млад човек и ентузијаст тоа многу значело за тоа време – посочува композиторот.

Томислав Таневски со дел од хористите и солистите во 90-тите години

Подготовките за секое следно издание вели Таневски, траеле и цела година. Таа посветеност и сериозност при пристапот е една од клучните алки кои го направиле овој фестивал бренд.

-Последниве 7-8 години не учествувам на фестивалот ниту како композитор, ниту во организацијата на фестивалот и не сум запознаен какви им се подготовките. Но, можам да говорам за времето до 40-иот јубилеен фестивал каде што подготовките траеа цела година, односно, започнуваа веднаш по завршувањето на фестивалот.

Секако најнапред се распишуваше конкурс за избор на нови песни, се формираше комисија од еминентни имиња, како во музиката, така и во педагогијата и литературата. Се внимаваше на секој збор, ритам, акцент, да биде секоја песна со посебна порака и воопшто да има апликативна вредност, што во денешно време тоа е запоставено. Нормално потоа се вршеше аудиција на солисти од ЦЕЛА МАКЕДОНИЈА, се одредуваше кој и каков ансамбл ќе ги прати солистите и хорот во живо, се подготвуваа аранжмани и секако на крајот се избираа конечно кој солиста ќе ја изведува која песна. Изборот на солити и подготовка на хорот беше во детското одмаралиште „Сутјеска“ (денес Славејче) во Охрид – раскажува професорот.

На прашањето пак, кои години ги смета за „златни години“ на фестивалот, ќе рече:

-Секако најзначајни години за фестивалот е самиот почеток од 70-тите, но секако значајни беа и годините до 2000-та година, во изборот на квалитетни песни. Морам да напомнам дека значајни беа и годините од кога се започна и разигрувањето на хорот на сцена а тоа започна од 1992 година и од тој момент се ангажираше професионален балетски кореограф. До тогаш за секоја песна имаше балетска кореографија изработена од познати балетски кореографи, професори во МБУЦ „Илија Николовски Луј“ од Скопје. Во тие години се појавија многу значајни имиња за македонската музика. Ќе земам пример неколку, не сакам да ми се замери, Калиопи Буклевска, Ана Дурловска, Симон Трпчевски, Маргица Христовска, Маја Гроздановска Панчева и секако Тоше Проески. Ги има уште многу подоцна како Влатко Илиевски и многу други.

Дел од фестивалот во тие златни години била и Бранка Костиќ –Марковиќ, етномузиколог, новинар и музички критичар, првпат во 1984 година, а потоа и следната година на 15-годишниот јубилеј.

Бранка Костиќ - Марковиќ, настап од 1984 година

- Јас два пати пеев соло и многу пати во хорот „Развигорче“. Сите видни писатели и композитори пишуваа песни за деца, а нè придружуваше Ревискиот оркестар на МРТВ, засилен со музичари од Македонска Филхармонија. Имаше песни и на турски и на албански, а имаше и интернационална вечер со деца од сите републики и пошироко. Тие спиеја кај нас и така создававме пријателства. До денес сум пријателка со Вики од Гевгелија. Инаку, нè бираа на аудиција по основните училишта, а потоа со строга селекција во Пионерски дом, а потоа ни доделуваа песнички. Запро Запров нè задржуваше во хорот „Развигорче“. Секое дете без пари, само со талент, можеше да стаса до сцената на „Универзална сала“ - нагласува Марковиќ.

Таа 1984 година се појавува на сцената во фустанче со виолински клуч.

-Фустанчето го креирав, нацртав сама, а тетка ми мораше да ми го сошие. И чизмите од „Чик Куманово“ мораа да ми ги купат, беа модерни тогаш – низ смеа раскажува Бранка.

фотографии од настапот на Бранка од 1985 година

А ние ја најдовме и нејзината пријателка Виолета Петкоска од Гевгелија, која не ја криеше возбудата што може да сподели некои од најубавите спомени од детството со нас.

- Јас пеев во 1984 година. И ако ми верувате и денес ги знам сите песни од тоа издание на „Златно славејче“. Знам и други секако и им го пренесов тоа и на моите деца. Мојот татко е пензиониран наставник по музичко и кај нас секогаш е весело и се пее. Јас исто така сакав да запишам Музичка академија, но растев во време кога други професии беа повеќе ценети, за жал. Од „Златно славејче“ имам прекрасни сеќавања и сега кога зборуваме по повод 50 години од неговото постоење, навистина сум среќна што сум дел од таа традиција. Ја пеев песничката, „Татковино, сонце мое“. Инаку, за разлика од сега, кога е поважно кого познавате и колку сте имотни за да му овозможите песна на вашето дете, во тоа време песничките се добиваа благодарение на талентот – вели Петкоска.

„Татковино, сонце мое“ е песничката која во 1984 година ја изведе Виолета Петкоска

Aудицијата се сеќава и денес, ja помни како искуство полно со исчекување:

-Томислав Шопов, Запро Запров и Александар Џамбазов беа во комисијата и аудицијата траеше цел ден. Беше напорно, имаше многу кругови, за на крај јас и уште едно девојче да бидеме избрани. Многу бев среќна и многу сакав да пеам. Тогаш немавме автомобил, па јас со татко ми во Скопје пристигнав со воз. Тој ме остави во МТВ каде што се одржуваа пробите, а јас бев многу исплашена бидејќи тоа беше првпат да бидам сама и опкружена со возрасни. Имав 9 години. Тогаш се запознавме во Бранка Костиќ Марковска. Бидејќи беше потребно да се остане една недела и да се вежба за настапот, јас престојував таа недела кај неа, а комуникацијата ја одржуваме до денес. Јадевме суви сливи и не зборувавме премногу за да го зачуваме гласот. Сè како што требаше, бевме дисциплинирани – посочува Виолета, која денеска работи како професор по историја.

Таа додава дека пристапот кон фестивалот бил неверојатно професионален и сериозен.

-Беше чест да се пее, искуството со оркестар во живо беше прекрасно. Кога ќе си ја погледнам снимката, има едно место каде што од трема сум згрешила интонација, но тогаш сè одеше во живо и продолжуваш како да не се случило. Денес живеам во Кичево и од неодамна има еден детски фестивал. Се понудив да им помогнам за што ѝ да треба, секако од чист ентузијазам, бидејќи тој не треба да нè напушта. Денес кога ќе ги прашам моите ученици, што е тоа татковина и зошто се нарекува така, тие не знаат да објаснат, што е тажно. И честопати знаеме меѓусебе да си замериме што често за минатото зборуваме дека е поубаво. Убаво е и сега, но она што ни недостасува е искреност. А сè би било многу поубаво и едноставно кога би биле искрени – вели Виолета.

Фестивалот сведочел и на промените што ги носело времето.

-Постојано се бара новини кои ќе бидат интересни за децата, композиции кои ќе соодвествуваат со наставните програми по музичко воспитание и образование на градинките и училиштата, се водеше грижа за правилна употреба на литературниот македонски јазик и секако раздвижувањето на хорот. За жал голем дел од сето напоменато денес не е во функција. Ниту една песна од фестивалот не се наоѓа во наставните програми по музичко образование во училиштата, што е загрижувачки педагошки момент. Кореографијата на хорот ја изгуби својата свежина, се повторуваат исти движења кои не ја отсликуваат содржината на текстот и ритамот на песната. Секоја песна е со своја содржина и секако таа треба соодветно да се прикаже. Тука има најголем недостаток. Исто така, се повторуваа како солисти исти деца со што се занемарува барањето нови таленти. Тоа во минатото не можеше да се случи. Сето ова нè доведува до размисла дали можеби премногу се комерцијализира детската песна, а со тоа и фестивалот „Златно славејче“ – посочува композиторот Таневски.

Од презентацијата на монографијата по повод 40 години „Златно славејче“

Подготвувајќи го овој текст, се соочивме со фактот дека официјалната страна на „Златно славејче“ не е во функција, а релевантни и хронолошки податоци речиси е невозможно да се најдат. По повод 40-годишнината на „Златно славејче“, Таневски подготви монографија посветена на фестивалот и тоа веројатно претставува еден од ретките документи кои сведочат за начинот на постоењето на фестивалот. Оттаму го прашавме и дали размислува за дигитализација на истата:

-За жал Вашата констатација е точна. Не постои современа веб страна на фестивалот „Златно славејче“, ниту пак ФБ страница каде што постојано би се прикажувале новини од работата на самиот фестивал. Истото е и со сопствена YOUTUBE страница каде ќе бидат објавени сите фестивали. Имам впечаток дека премногу „тајно“ и „мистериозно“ се работи на фестивалот, а што е причината за тоа најдобро го знаат организаторите. Јас лично направив напори да дигитализирам петнаесетина фестивали и да ги ставам на мојата YOUTUBE страница, верувајте имав голема подршка да продолжам, но кога ја видов незаинтересираноста на организаторот за овој вид на дигитализација кренав раце. Да се разбереме, не е сè во парите, туку и во желбата. Воопшто не се дигитализирани ниту нотите од песните изведени на фестивалот кои би биле од голема помош на музичарите, воспитувачите и наставниците во градинките и училиштата како и за домашна употреба.

Државата доволно инвестирала и инвестира во организацијата на фестивалот, но секако потребна е желба за овој вид на зачувување на значаен дел од детската музичка култура во Македонија денес веќе 50 години. На фестивалот „Златно славејче“ му посакувам уште долго опстојување, но со значителни промени. Не се децата исти од 70,80,90 – те и овие денес. Се надевам дека има кој да размислува за тоа – посочува композиторот.

Маја Казакова ја пеела „Силен како лав“

Дел од фестивалот  во 1985 година била и, денес, водителката на „Метрополис радио“, Маја Казакова.

-Во 1985 година имаше оглас за аудиција за „Златно славејче“, која се одржуваше во „Пионерскиот дом „Карпош. Ме одбраа бидејќи бев многу талентирана, без врски, бидејќи не потекнувам од семејство на музичари. Ми доделија песна на Љубомир Бранџолица, со текст на Ненад Џамбазов која се викаше „Силен како лав“. За мене тоа е незаборавно искуство, бидејќи тогаш настапувавме со оркестар, хор, во живо. Салата беше преполна секој настап. Со некои од децата сè уште сум во контакт, секогаш со насмевка на лицето се навраќаме на тие времиња, и се разбира, задолжително си ги пееме песните – сподели Казакова.

„Си бил еден крал, голем а мал“, овие стихови веруваме им се познати на повеќе генерации, а во 1984 година ги отпеа струмичанецот Томе Лазаров. Некогашното „Славејче“ денеска е успешен музичар и професор по музичко.

-Песничката ја добив 1984 по одржана аудиција во музичкото училиште во Струмица, која се одржа по иницијатива на организаторот на „Златно славејче". Имаше комисија од Скопје (од Дом на пионери - Карпош) која патуваше низ цела Македонија и одбираше учесници. Таа 1984 настапив прв пат со песната "Си бил еден крал" (музика Миодраг Божиновски, текст Васил Пујовски) а наредната 1985 настапив на тогаш јубилејното 15 јубилејно издание, пак со истата песна бидејќи во тоа време стана детска хит песничка која беше многу "вртена" . На тој фестивал (1985) зедоа учество дечиња од сите тогашни Ју-републики а од Македонија бевме само две дечиња што и ден денес ме прави посебно горд : ) Во тоа време „Златно славејче" беше единствен фестивал на детска песна во Македонија. До ден-денес луѓето, особено повозрасните го препознаваат „Златно славејче" како единствен детски фестивал на кој песните се изведуваат во придружба на оркестар и пеењето беше "во живо" – раскажува Лазаров.

Спомени од тоа време вели, има многу.

-Заради „Златно славејче“ бев повикуван да пеам на бројни манифестиации во Струмица, а најмногу би го издвоил учеството на дефилето за Штафетата на младоста во Струмица, 1985 – дополнува Томе.

За оваа тема се потрудивме да контактираме „Славјечињата“ од различни години, но и луѓе кои директно биле или се инволвирани во креирањето на фестивалот. Некои не успеавме да ги добиеме, некои не беа расположени да ги споделат своите искуства. Сепак она што го споделија нашите соговорници, нивните искуства и сведоштва зборуваат за „Златно славејче“ на едно „златно време“ кога талентот бил најважен, а вистинските луѓе биле на вистински позиции.

Настапот на Томе во 1984 година

-„Златно Славејче“ е симбол на квалитетни песни и не случајно многу од денешните музички ѕвезди своите први чекори во музиката ги направија на овој фестивал – вели Томе, а на тоа се надоврзува и композиторот Таневски

-Фестивалот е Симбол на песната за деца, детската радост, љубов и секако презентирање на талентите и македонската севкупна музичка надареност“.

И покрај тоа што низ годините се појавуваа и други фестивали, „Златно славејче“ остана најомилениот и саканиот. Родителите ја пренесуваат љубовта на своите деца, што е значаен дел во одржувањето на традицијата. Ние му посакуваме да трае најмалку уште 50 години, со желба да се врати онаа магија, создадена од талент, квалитет, искреност и безвременост.

Објавено:
22 октомври 2020
Прочитано:
1.264 пати