Зорана Јовановиќ: После Лондон и Милано, сонувам за модна недела во Париз

Интервју со •
9 април 2014

Zorana kolaz

Велат, после дожд доаѓа сонце. А токму тоа може да се каже и за оваа девојка, која веќе стана препознатлива во целиот регион, па и пошироко и тоа благодарение на нејзината модна смелост и умешност за комбинирање на парчиња облека. После трагичниот настан кој мошне влијаел врз нејзиниот живот, таа светло на крајот од тунелот пронаоѓа токму во модата. Денес е една од најпопуларните и омилените блогерки во регионот. Иако признава дека речиси и да не ја познава македонската модна сцена, сепак со задоволство прифати да се „запознае“ со македонската публика, споделувајќи ги своите искуства и ставови. Таа е Зорана Јовановиќ, а во продолжение следи разговорот со неа:

Како започнува Вашата приказна врзана за модниот блог насловен како Zorannah's Fashion Corner?

-Блогот го создадов во февруари 2011 година, во најтешкиот период од мојот живот, кога спиев по 18 часа дневно и бев во голема депресија бидејќи почина татко ми. Ми требаше причина за да станам од кревет, а тогаш бев на прва година од Академија дел Лусо во Милано, на смерот за стилист, и сакав да имам некој мој мал онлајн дневник со аутфити.

Што значи да се има моден блог и која е тајната на Вашиот успех?

-Тајна нема. Јас немам одговор на прашањето како да се успее. Секој го слуша своето срце и прави онака како што смета дека треба. Кај мене тоа вроди со плод.

Кога ќе го отвори некој Вашиот блог, таму постои и оналајн продавница. За какви производи се работи и како дојдовте до таа идеја?

-Всушност, тоа е идеја на мајка ми, и тоа е на некој начин нејзино „дете“. Таа главно ја води продавницата, јас сум тука само да дадам некои насоки и да одобрам што ќе се продава под моето име. Таа контактира со кројачките и ги купува материјалите, затоа што јас со блогот немам многу време за другите активности.

Во некое од Вашите интервјуа прочитав дека имате бутик и неодамна се впуштивте во дизајнерските води, учествувајќи во колекција чорапи... Што љубителите на мода можат да најдат во бутикот? Сте размислувале ли за своја колекција? 

-Па на некој начин јас и имам своја колекција. Тоа е тоа што се продава во мојата продавница. Основни парчиња кои се малку подотерани, затоа што јас себеси не се сметам за дизајнер, ниту тоа сакам да бидам моментално. Но, никогаш не се знае.

од промоцијата на чорапите Socks from Heaven, дизајнирани токму од Зорана од промоцијата на чорапите Socks from Heaven, дизајнирани токму од Зорана

Вие сте дипломиран стилист, па во таа насока, чиј стилист би сакале да бидете? Кој Ви е предизвик во таа смисла?

-Не сакам да бидам ничиј стилист, затоа што никогаш не сакам да се занимавам со тоа. Кога го запишував факултетот мислев дека тоа е најубавата работа на светот. Но, набргу сфатив дека немам нерви за тоа. Ниту пак за секојдневните снимања на кои мора да се седи, ниту пак за тепачката на три пејачки за тоа која што ќе носи. Јас се држам до блогот и тоа е она со што сакам да се занимавам.

Што Ве научи Милано? Видовме Ваши комбинации во познати модни списанија, имате ли омилена модна метропола?

-Сите метрополи ме научија дека нема правила. Омилен град ми е Париз, но Америка е таа која влијаеше на мојот опуштен став кон модата. Како помлада имав облека за Србија и облека што ја носев во лето во Америка на колеџ. Потоа сфатив дека сè што ми се допаѓа ќе го носам постојано и не ме интересира кој што мисли.
milano

Може ли да се живее од блогерство?

-Јас можам. Во страство сите заработуваат од блогерството.

Сте биле дел и од босанската и хрватската, а секако и од белградската модна недела, па со тоа имавте можност одблиску да видите што се случува на една таква манифестација. Какви се впечатоците?

-Конкретно за белградската, секогаш има добри колекции, но за жал, повеќето не се.

на Хрватската Первол модна недела на Хрватската Первол модна недела

Српската модна сцена има голем број блогери, и изгледа дека блогерството е мошне популарно кај Вас. Сепак, еднаш изјавивте дека во Србија сè уште не разбираат што правите... На што точно мислевте и зошто? Што значи да се биде моден блогер во Србија?

-Луѓето не сфаќаат дека ние сме им потребни на нив, а не тие нас. Односно, јас ќе говорам во мојот случај. Имам многу поголема посетеност отколку сите модни магазини заедно. Не ми требаат мене пари од луѓето за да се рекламираат на мојот блог, туку на нив сум им потребна јас, за да одреден производ се пласира. Тоа многу маркетинг стручњаци сè уште не го сфаќаат.

Како реагирате на коментарите дека презентирате комбинации, односно облека која просечна девојка во Србија ( и регионот) не може да си ја дозволи. Колку трошите на комбинацијата и вкупниот изглед што го презентирате?

-Не се занимавам со цифри (се смее).

Колку е тешко да се биде моден пример на тинејџерките, па и останатите жени. Како изгледа еден Ваш ден?

-Уф, многу. Најтешко е да му бидеш пример на некој што нема свое јас. Станувам многу рано, снимам видео или одам да се сликам за пост, се враќам дома и го поставувам тоа на блог, одговарам на мејлови, коментари, одам во својата продавница, попатно пијам по некое кафе со другарките, одам на фризер, се враќам повторно дома, едитирам пак и така сè повторно во круг. Понекогаш има и по некое случување што го посетувам. Ако се случи понекогаш повеќе време да посветам на себеси, тоа автоматски е катастрофа, затоа што губам од континуитет.

Која комбинација најдобро Ве опишува?

-Не, тоа не би била комбинација, туку терминот – рок принцеза

Веројатно во текот на стилското созревање, модните грешки биле неизбежни. На кои можете да се сетите и постои ли таква која не можете да си ја простите, па си велите, „добро кај ми бил паметот“?

-Не постои таква комбинација откако го имам блогот, затоа што сите комбинации во одреден момент биле модерни, тренди и изгледале добро. Секако дека има и такви каде што нешто би сменила, но ниту една не е до толку лоша, за да кажам каде ми бил паметот.

Модните блогерки во светот станаа и заштитни лица на познати модни брендови. Чие заштитно лице би сакале да бидете или веќе можеби и имате понуда од тој тип. Кои се вашите омилени брендови/дизајнери? 

-Бев заштитно лице за АМС, а што се однесува до некој одреден бренд, мислам дека ретко кој би одбила.

Модно искуство кое никогаш нема да го заборавите е...?

-Дефинитивно модните недели во Милано и Лондон.

за време на модната недела во Лондон за време на модната недела во Лондон

Во што девојките најмногу грешат кога е модата во прашање? 

-Па тоа што се плашат и многу гледаат кое годишно време е. Сандалите одлично се комбинираат со џемпер или пак лелеав фустан со чизми.

Пролетта веќе пристигна, кои се Вашите модни предлози за оваа сезона?

-Макси фустаните и кожените јакни се мојот моментален фаворит. Со бајкерски чизми.

Зошто никогаш не се одделувате од очилата за сонце?

-Покрај косата, позата и облеката што треба да изгледаат одлично, на фотографијата не можам да се грижам и за тоа каква фацијална експресија сум направила. Од триста фотографии кои ги правам за една комбинација, 20-тина можам да искористам. Без очилата тој број би бил уште помал а вака е многу полесно. Исто така, имам и голема диоптрија и ми пречи силното сонце, истото важи и за снегот и белиот отјај. Дури кога ќе се стемни можам нормално да гледам без нив.

Неостварена желба Ви е...?

-Модна недела во Париз.

Каде се гледате за пет до десет години?

-Омажена со три, четири деца.

Објавено:
9 април 2014