Не веруваме во сè што гледаме, така?

28 март 2019

Живееме во визуелно време. Важна ни е формата, корицата, изгледот наспроти содржината, суштината, составот... Матрицата на современата живеачка, сакале да признаеме или не, генерално е површно гледање (и само гледање) на нештата.

Ги читаме само насловите, евентуално првите две-три реченици од содржините по онлајн медиумите (што е и статистички докажано), предвереме носиме заклучоци, без да ја согледаме целосната ситуација, трпението ни е со „краток фитиљ", заглавуваме во виртуелното „совршенство" на социјалните мрежи, пропуштајќи неповратни моменти од реалноста – кои пак дури и со својата „минорност" имаат клучно значење во градењето на мозаикот на личноста, карактерот, животот...

Така, ден за ден, се зголемува празнината од неспоени сложувалки, на сметка на полните профили на социјалните мрежи со сценарија, па кога ќе се свртиме кон себе, кон вистнските НИЕ, забележуваме дека сме станале прозрачни и празни од недостаток на вистински моменти и реални спомени од сега и тука.
Додека „скроламе" по екраните на технолошките уреди, полека стануваме невидливи – за себе и за другите, наспроти гореспоменатото време на визуелни страсти. Така доаѓаме до една парадоксална ситуација – стануваме невидливи кога на цена е визуелното.

Зошто? Затоа што нашата реалност ја споредуваме со "исценираните сцени" од виртуелните животи на оние што ги сметаме за некаков „role model" – а така повлечената паралела е нереална и кога тоа го прифаќате здраво за готово, фрустрациите стануваат сè поприсутни. Па понатаму бараме закрепнување на егото во погрешна насока – создавајќи си свој идиличен виртуелен идентитет губејќи го реалното ЈАС, со сите негови несовршености што пак го прават нашето ЈАС само и едниствено наше. Егото го полниме со лајкови, повторно преку визуелни содржини, а од друга страна стануваме се попразни, со желудник гладен за внимание. Така се до целосно исчезнување на нашата ценета индивидуалност во вртлогот на виртуелното, визуелното и униформираното.

Ама за да не дозволиме да ни се случи една таква „апокалипса" на индивидуалноста, суштински е да се потсетиме (иако здраворазумно е тоа секогаш да го имаме на мисла) дека не се што гледаме е реално така како што е спакувано. Па дури и да е така, тоа не ја девалвира вредноста на вашата личност. Дајте им пример на другите луѓе, на генераците помлади од вашата, на вашите деца (особено кога личноста е во својот ран развој), дека вредноста на секој од нас е во тоа што сме единствен примерок. Зад нашиот лик и визуелен идентитет постојат спомени, знаење, лузни, животно искуство, разочарувања, среќа, љубови, суштина и содржина, а тоа нè прави повеќе од аватари.

Објавено:
28 март 2019
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
634 пати