2020 е престапна година и сега што?

11 декември 2019

За дваесетина дена ќе ни пристигне новата 2020 година, но ако им веруваме на народните верувања (а им веруваме!) не треба многу да сме среќни. 2020 е престапна година, а ако не ви „прелетале“ низ нашиот медиумски простор, еве ние ќе ви ги кажеме кои работи никако да не ги почнувате во 2020 година:

Изградба на куќа (Може да дојде до несреќа, поплава, пожар или лизгање на земјиштето) – бидејќи во непрестапна година тоа никако не може да се случи. И најдобро е да ги откажете сите мајстори, планови, сè, останете си уште година дена под ќирија или каде и да сте сега и чекајте си да помине годината.

Не се препорачува ниту селењето – Ни случајно не помислувајте да го смените местото на живеење. Ако сте веќе во брак и сакавте со партнерот да си имате свој дом на ново место – никако не правете го тоа.

Промената на работното место не е најдобрата идејаЗошто да земате поубава плата, да имате подобри услови, кога можете да си седите на старото сигурно место и да чекате да помине престапната година.

Забpaнето е да се венчате или да си дадете збор во престапна годинаЗакажавте веќе? Откажете! Кажете им на гостите дека се извинувате, но бидејќи годината е престапна, вие едноставно не можете да стапите во брак, бидејќи... забрането е. И бидејќи сите оние што се земале во престапна година се развеле и оттаму е големата стапка на разводи. 

Ако сте планирале да отпочнете свој бизнис, почекајте до наредната година – Да, затоа што тоа е многу едноставно и потребно е само да се јавите на сите соработници и административните работи да ги замрзнете и да ги замолите сите да ве почекаат уште една година, бидејќи тие всушност и нема што да прават, па секако би ве почекале.

Е понатаму во текстот се вели дека дали ќе ги почитувате овие забрани или не, зависи од вас (па од кого друг?) За разлика од негативните работи кои се верува дека ги носи престапната година исто така постојат и позитивни работи за кои се верува дека треба да се направат:

-Среќа е да се родиш на 29 февруари. Можноста да се родите на 29 февруари е 1 спрема 1.461, математички пресметано значи да имате 0,068 отсто среќа. – Секако денот кога ќе се родите е среќен. Ама кога ви е на 29 февруари, сигурно уште како дете сте се прашувале кога да го славите на 28 или на 1ви...

-Дамите запросуваат - Во многу западни земји постои обичај на 29 февруари дамите да можат да го запросат својот партнер. Според последната анкета, дури 25 отсто од жените се изјасниле дека не би им било срам да клекнат на колена и да ја побараат раката на оној што го сакаат. Дури 50 отсто од мажите не би се бунеле кога тоа навистина би се случило, а речиси 16 отсто мислат дека со тоа ќе им падне огромен товар од срцето зашто до сега не ја запросиле својата партнерка од страв да не бидат одбиени –Дамите ако сакаат и решиле, можат да запросат кој ден и во која година сакаат. Не мора да чекаат 29 февруари. Или можеби кога веќе сте во врска секако, што ви менува да почекате да дојде престапната година.

Потпишете го договорот, на 29 февруари! – Да, кажете му на шефот дека сите договори за потпишување може да ви ги достави на 29. февруари и дека тој ден ќе потпишувате до “смрт“.

Зошто сето ова? Не знаеме, ама ете останало од народот, па нема смисла да ја прекинуваме низата, може да нè следи несреќа!

Според овие народни верувања, најдобро е ништо да не правиме цела година, освен на 29-ти, секако.

Поразително е што меѓу најчитаните текстови кај нас се оние за суеверија и бабини деветини. Народот ни е или толку несреќен и неисполнет што бара сламка спас во текстови за предвидувањата на Баба Ванѓа, цитати од „Семе синапово“, или вакви „народни верувања“ за среќа и несреќа или е поразително неписмен.

Наш совет за престапната 2020 е да престанете да читате вакви текстови, да ги засукате ракавите и да го вклучите мозокот.

Секој ден, не само на 29-ти февруари.

Среќна ви Нова година и во неа да имате што повеќе договори, бизниси, веселби, да има што повеќе свадби, деца и насмевки. Затоа што вие така сте одлучиле и сакате! Затоа што така треба! 

 

Објавено:
11 декември 2019
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
2.666 пати