2020 ни зеде многу, но ни даде шанса…

30 декември 2020

Марија Крстова, уредник на Fashionel.mk 2020 ни го зеде времето, неповратно. Ни ја зеде слободата, ни ги украде моментите, ни ги обезличи лицата и насмевките, безмилосно ни ги зема и луѓето кои ги сакаме, познаваме...

2020 ни ги прешкртна во календарот и датумите кои на еден или друг начин имаа некоја симболика и буквално 2020 на многу луѓе им го зеде лебот.

2020 ни ги украде и спомените што немавме прилика да ги создадеме.

2020 ни го зеде и мирот во душите, барем оној што останал, ни ги зеде и денот и ноќта, ни ја зеде близината и нè постави на дистанца... Ни стави маски на лицата и познаниците станаа туѓинци што се разминуваат рамо до рамо на улица...

 

Фото: orge Uzon/AFP/Getty Images

2020 ни постави многу прашања, а со одговорите уште долго ќе се шпекулира, ќе се препишуваат и на теории на заговор, во што нема да навлегувам, за да оставам простор во следните неколку редови за шанса...

Фер ли е да зборуваме за тоа дека 2020 ни даде шанса? Веројатно импулсивниот одговор е како може да зборуваме за шанса, во година која ни зеде многу?

Фото: Kirsty Wigglesworth/AP

Но...

2020 ни даде шанса да бидеме подобри од тоа што сме биле вчера. Подобри луѓе, подобри родители, деца, другари, колеги, комшии...

2020 ни даде шанса да го почитуваме она што претходно не сме го ни забележувале, а сега ја сфаќаме неговата круцијалност.

Ни даде шанса да го вреднуваме времето со најблиските и моментите што раѓаат спомени што ќе нè крепат во време на самотија.

Ни даде шанса да го сфатиме значењето на мигот кој никогаш нема да се повтори. Ни даде шанса да ја цениме слободата, на движење, на духот, на мислата...

Фото: Jamie McCarthy/Getty Images

Ни даде шанса, да го смениме погледот и да научиме да зборуваме преку неговата искреност, преку очите.

Ни даде шанса да сфатиме колку значи топлината на другиот до нас, колку е важна близината и прегратката.

2020 ни даде шанса да си создадеме нов мир во душата и да го сочуваме од налетот на тривијалноста на секојдневието, ни даде шанса да ја уживаме секоја секвенца од денот и ноќта. Ни даде шанса да научиме како се живее заради вистинските вредности.

Па ако сакате, 2020 ѝ даде шанса и на модната индустрија. Сериозно да размисли дали правецот во кој забрзано тргнала, вреди за жртвата? 2020 ѝ даде шанса на модата да ја пренасочи својата креативна енергија во име на одржливоста, уметноста и свесното консумирање.

Дали ова е фер шанса? Одговорот зависи од секој од нас.
За 2021 во која ќе станеме посвесни за шансите што ни ги дава животот...

Објавено:
30 декември 2020
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
302 пати
Тагови: 
2020 колумни fashionel.mk