7-ка не е за јас, туку за НАС

16 април 2020

Ако нешто носи оптимизам во оваа ситуација кога светот од корен ни се менува пред очи, е солидаризацијата. Освестувањето на колективната свест и промена на хиерархијата нa приортети: НИЕ пред ЈАС.

Ретроспективата на годината што вообичаено ја правиме на секој наш роденден, овојпат ќе ја замениме со поглед во актуелната реалност во надеж за иднина во која сите ќе бидеме подобри луѓе кои од ова „рестартирање" научиле да го вреднуваат животот во неговата вистинска смисла.

Денеска го славиме 7-от роденден на Fashionel, по многу нешта единствен. Свеќи нема да дуваме, ама имаме легитимно право да си замислиме желба. Зарем можеме сега да посакуваме било што, а тоа да не е добро здравје за сите? Прегратката, онаа топла, искрена и човечка, ја чуваме за првиот момент кога нема да биде и ризична.

А до тогаш, го користиме медиумскиот глас да пратиме морална поткрепа и да се поклониме пред сите што во очи со непознатото, се исправиле пред предизвикот во првиот ред во име на колективното добро и пред оние знајни и незнајни херои кои во сенка на анонимноста, прават добро единствено и само заради доброто, без да очекуваат ништо за возврат.

1.Здравствените работници, на крстопатот помеѓу својата професионална одговорност, стравот што природно се наметнува кога се соочуваме со непознатото и од друга страна стресот и незивесноста што заедно со нив, ги преживуваат и нивните најблиски, се првите кои му гледаат во очи на невидливиот непријател. Нивното лице под маските, е лице на борец кој својот живот во име на професоналноста и Хипократовата заклетва, го става во служба на колективното здравје. Во тоа лице, сега целиот свет гледа надеж. Благодариме.

2.Сите не ја уживаат привилегијата да останат во удобноста на својот дом или своите работни обврски да ги извршуваат од дома. За некои луѓе изборот не постои. Едноставно не е ниту тема. Затоа, да не ги стигматизираме сите што наутро брзаат со јавен превоз да стигнат на своето работно место или во последните секунди пред полицискиот час, брзаат кон своите домови. Тоа се истите луѓе кои нè услужуваат во маркет, во аптека, на шалтер, луѓе благодарение на кои дома имаме основни намирници за живот, а кои сега ни се сосема доволни. Благодариме.

3.Сте се ставиле ли некогаш во чевлите на родителите на децата со посебни потреби, на самохраните родители, лицата со ретки болести или инвалидизираните лица? Нивните судбини ги ставиле на тест целиот живот, а сега состојбата им е дополнтелно отежната. Тие се херои кои искалемиле имунитет достоинствено да ги искачуваат планините на живеачката. Како се гази по трње со крената глава, а притоа да се задржи добрата и чиста мисла и позитивен дух и чест, нивниот пример е светол. Благодариме.

4.Припаднците на сите едниници за брзо реагирање, пожарникарите, полицајците, војниците секојдневно се на улица во својата борба за зачувување на редот, што во вакви ситуации лесно може да ескалира. Чесно носејќи ја својата униформа, во нив препознаваме сигурност и заштита, кои особено сега ни се нужни. Благодариме.

5.Медиумските работници се секогаш први на терен, дури понекогаш и пред официјалните служби. Нашите колеги, повторно ставајќи го во ризик сопственото здравје, се во постојана трка по веродостојна и навремена информација, за на јавноста да и ја сервира актуелната состојба како приоритет. Новинарството е обезличено и дискредитирано години наназад, но во својата суштина тоа е света професија во која работат и чесни професионалци кои не заслужуваат да бидат ставани во кош. Благодариме.

6.Кризните ситуации ги осветлуваат лицата на знајните и незнајните херои, исто како што ги покажуваат со прст оние зајадливите, празнодушните и себичните. Знајните и незнајните херои сега добиваат лик и во вашиот прв сосед, во странец кој ви ја вратил вербата во доброто, во познаник од кој никогаш ништо не сте очекувале, во пријателите кои можеби ги гледате ретко, ама тогаш кога ви требаат се тука... Кажете им: Благодарам.

7.Сите вие кои во ситуацијата најдовте потреба да одите многу подлабоко под површината, го проширивте светогледот и погледнавте кон себе и вашиот внатрешен свет и научивте по некоја лекција и се трудите да бидете подобри луѓе... Вие кои велите НИЕ, а не ЈАС. Луѓе како Вас му се потребни на овој свет за да ги преживее и надживее егоцентризмот, алчноста, површноста, лакомоста кои нè турнаа и потрупија во амбис каде чoвечноста стана апстрактна, загрижувачки непозната... Благодариме.

Дали ќе биде оправдан оптимизмот дека од оваа ситуација ќе излеземе облагородени и како подобри луѓе од вчера, останува на нашата свесност.

На нашиот прв роденден си посакавме да траеме, на нашиот петти да го издржиме предизвикот и да ја носиме нашата светлина како кандилце во медиумскиот мрак, а сега посакуваме да се видиме и гушнеме, живи и здрави и на нашиот осми роденден.

 

Објавено:
16 април 2020
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
364 пати