8 години Fashionel: Одговорност наспроти предизвици!

17 април 2021

Минатата година, на нашиот седми роденден си посакавме да се видиме и гушнеме, живи и здрави на нашиот следен, осми роденден. Денеска, една година подоцна, нашата роденденска желба остана копнеж, силен и жеден. До толку ни станаа скапи прегратките... Некогаш ниту оптимизмот ниту ентузијазмот, не можат да ги променат фактите. Меѓу нашите два родендена, дистанцата стана се поприсутна, а прегратките се подалечни. Да, импровизираме, забрзано се дигитализираме, се прилагодуваме на новите услови, но до првиот момент кога ќе бидат безбедни, оние вистинските, топли и човечки прегратки, остануваат желби чија вредност ја учевме како школска лекција изминатата година.

Марија Крстова, уредничка на fashionel.mk

До тогаш, како да си дадеме шанса и да се извлечеме кон подобро, многу подобро?  Да зборуваме за прашања и теми: што потоа? Како да се регенерираме? Како сме со менталната состојба, со психичкото здравје? Тука нашата улога како медиуми е клучна, дали ќе помогнеме да испливаме на површина и длабоко да земеме здив или уште толку ќе повлечеме во длабочина каде тешко пробива и допира светлина.

Колку медиумите достојно ја носат својата одговорност во нивните „високи потпетици“ во време кога меѓу четири ѕида можеби се единствениот „соговорник“ некому? Какви „соговорници“се медиумите во време на пандемија и колку се реален противник или сепак се сојузник на анксиозноста која се посилно нè стега и гуши во своите непријатни прегратки (наспроти оние по кои копнееме)?

Помеѓу црните статистики, сензационалистичките наслови и сериите со исклучително хистеричен и тензичен тон, постојат чесни медиумски исклучоци, но далеку од доволни за да се создаде амбиент кој ќе ни помогне јасно да ја согледаме нашата ментална состојба и соодветно на неа, ќе се едуцираме и ќе реагираме.

Според досегашните стручни анализи, загрозувањето на менталното здравје претставува сериозно честа постковид последица – секој петти пациент е соочен со ризикот од нарушување на психичката стабилност. Состојбите на анксиозност и депресија, сè почесто се споменуваат во медицинските извештаи како резултат, не само на прележаниот вирус, туку и  како последица под пресата на изобличенот лик на реалноста. Онаа реалност што ни ја зема слободата, нè затвори, нè одалечи, ни ја загрози егзистенцијата, ни зеде сакани и драги луѓе...

Се работи за длабоки и долгорочни последици кои да бидат игнорирани во најмала рака е безобразно и неодговорно, а медиумската одговорност тука е нужна.

Затоа, годината меѓу нашиот седми и осми роденден, значајно ја посветивме на содржини што гласно говорат за менталната хигиена и психичкото здравје. Ковид пандемијата ја обележа годината, но можните валидни решенија како да си помогнеме од различни позиции, ги обележаа нашите страници. Преку разговор со стручни лица, низ вистински прашања поставени на вистинско место, до одговори што барем во еден момент ќе ви ги разбистрат мислите и осветлат денот...

Осма година по ред, конзистентноста, избрусаниот професионализам, вредната работа и авторскиот потпис, се нашиот сојузник што особено во овие предизвикувачки времиња, ни покажаа дека сме на вистинскиот пат! И покрај фактот што целото затишје во светот стави сенка на сите културни збиднувања, ние успеавма не само да ја одржуваме кондицијата, туку и да и испорачуваме релевантна, навремена и автентична содржина и да им го направиме денот посветол на нашите читатели. Впрочем, така е и изминативе осум години!

Кога би Ве прашале каков соговорник сме ние, додека бавно течат часовите во изолација, што би ни одговориле?

И сега ќе си посакаме да се гушнеме. Но, што поскоро! До тогаш чувајте се. За веќе на 9-от роденден да славиме на оној добар, стар, традиционален начин.

Среќен ни роденден Фешнелци. Уште многу маратони се пред нас!

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by FASHIONEL.mk (@fashionelmk)

 

Објавено:
17 април 2021
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
503 пати