Дали стилот се подобрува со годините?

21 јули 2022

Ништо не е апсолутно, сè релативно...

Дали стилот е исклучок?

Некои луѓе се раѓаат со благословот: фантастично развиено сетило за стил и естетика. Некои не. И тука нема никаква драма. Стилот како личен квалитет го имаш или немаш? Сепак, волјата да си ја пронајдеме нашата најдобра верзија и потрагата по неа, нè менуваат. Нашата релација со самите себе, вклучително и со личниот стил на облекување низ годините, е жива материја која под налет на околности, животни искуства, промена во размислувањата, зреењето... се менува и трансформира.

@greceghanem

Дали по правило стилот се подобрува заедно со годините?

Веројатно нештата не се така црно-бели.

Но, она што е со голема веројатност е дека низ созревањето ние стануваме се повеќе свесни за себе, вклучително за нашите мани и недостатоци, но и доблести и предности.

Ако во тинејџерските години експериментираме, во 20-те, па и 30-те сè уште се преиспитуваме дали сме во своите најудобни чевли, веќе во средните години сме на чисто со себе. Со пократка листа на компромиси, а со многу повеќе самодоверба.

И веројатно ова е есенцијата на перцепцијата: стилот се подобрува со годините... Или во друг контекст кажано, стилот е ние, обликуван според нашата изградена личност, нашата интуиција, како визуелен приказ на тоа кои сме одвнатре, а не на очекувањата на другите и најмалку како потреба да ѝ се допаднеме на околината без тоа да има никаква врска со нас.

@venswifestyle

Сите овие околности низ годините, нè растеретуваат. Понекогаш, тоа растеретување значи помалку шминка и сведеност во облеката, минимализам и суптилност. Но, понекогаш тоа растеретување значи и ослободување од стегите и притисокот како на нас ќе гледа околината ако ги прекршиме нејзините „норми".

А кога сте растеретени, (што никако не треба да се сфати како негрижа за себе, напротив!) независно дали со седа коса или црвен кармин или и со двете во пакет, енергијата со која зрачите привлекува. Не сте наметливи, а сте забележителни.

@carmen_gimeno

Всушност убавината е во тоа да ви е убаво во свое друштво (па дури и тоа се учи низ животните искуства), а стилот неминовно оди под рака со таквото чувство или барем придоенсува за него.
Но, некој во животот многу порано учи да ужива во сопственото друштво. Не се препишува сè на годините. Има нешто и во искуствата кога возраста не е фактор. Ништо не е апсолутно, сè е релативно.

 

Објавено:
21 јули 2022
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
626 пати