Декември – цела година во еден месец

26 декември 2018

Велат, декември е најбрзиот месец во годината. И навистина имате чувство дека додека сте трепнале веќе е зад вас.

Декември е како флеш кога се наоѓате во некоја опасна ситуација и цел живот, во случајов година, ви поминува пред очите.

А како ви поминала? По што ќе ја паметите?

По тоа како сте се чувствувале во неа!

Има години што секогаш ќе ви враќаат насмевка на лицето, има и такви што оставиле брчка која секогаш ќе ве потсетува на тоа што сте преживеале. Но, колку и да нè сменило нешто (добро или не), длабоко во себе го сакаме овој период од годината бидејќи сакаме да се потсетиме на тоа што значи да се биде дете.

Во оваа сурова реалност каде забораваме и да се насмееме, да се прегрнеме, да се прашаме „како си?“, имаме очајничка потреба од магија.

Потреба од волшепство.

Во овој последен месец од годината како да ни се брза да завршиме сè, како да од тоа зависи каква ќе ни биде следната 2019 – се гледаме со луѓето со кои не сме имале време, си даваме нови ветување сами на себе, а и на другите, се трудиме да надоместиме за изгубеното внимание, љубов, време, желби...

А какви желби посакуваме? Сакаме ли уште да сме живи, здрави и среќни или новото време ни наметна и нови желби, во кои овие првите изгледаат како клише кое се станува актуелно само кога ќе ни стане преку потребно.

Декември е најбрзиот месец бидејќи следи јануари кој означува нов почеток. Некои ќе чувствуваат среќа, други страв, некои нетрпеливост, а други неизвесност од она што следи...

Секој нов почеток е тежок, но и поинаков. Дали ќе ја најдеме магијата во овие денови и каков старт ќе означиме зависи само од нас – колку се сакаме, колку љубов можеме да дадеме, да примиме, колку сме подготвени да се менуваме, надградуваме, колку ги слушаме другите, уште повеќе себе, колку сме решени дека новата година нема да биде уште една залудно потрошена.

За магија не ни е потребен декември, но ако сепак магијата треба да се случи во него, нека се случи така што ќе ја „разгледате“ целата година и ќе бидете благодарни на она што го имате – на тоа што наутро станувате, на тоа што имате некој да прегрнете или да ве прегрнат вас, имате што да појадувате, имате со кого да пуштите солза и да споделите насмевка, имате за кого да се радувате и каде да легнете... Звучи познато да, но често се заборава!

Имајте среќни празници и нека декември ви ја предочи вистинската магија за среќа!

Објавено:
26 декември 2018
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
198 пати