Ем шуто, ем боде – народните поговорки во современи ситуации

2 јуни 2021

Генијални се народните мудрости. Ти ја кажуваат вистината во очи сведочена со генерации, завиткана во целофан од метафори и сарказми и така сочна ти ја сервираат секојдневни ситуации...

Сетете се само колку пати ви се случило, во современото секојдневие да препознаете прилика на која одлично би залепила (со големи букви): ЕМ ШУТО, ЕМ БОДЕ...

Милион. Кога се гласни, а немаат поим за што зборуваат. Кога се разбираат во сè на секоја тема. Кога свесно сакаат да те потценат, да те шутнат настрана, исплашени од твоите аргументи. Кога немаат за што, а очајно сакаат да се докажат... Ем шуто, ем боде по мерка.

Брза кучка, слепи кучиња раѓа... А сите итаме некаде. Трчаме низ работната недела за да стигнеме до викенд. Брзаме да се докажаме пред шефот со идејата на колегата. Импулсивно и во лутина, се расфрламе со отровни зборови кои рушат пријателства, врски, семејства. И така во брзина согоруваат многу пропуштени шанси, прилики, убавини. Избројте до 10, навистина тоа може да ви го спаси и денот и врската и пријателството и работното место.

Без мака, нема наука... Едно е да ја прочитате кратката содржина на „Злосторство и казна“ на Википедиа, а сосема друго да ја прочитате „Злосторство и казна“. Новото време ни даде „shortcut“ иконка на која секогаш може да кликнеме кога нè мрзи. А нè мрзи сè почесто. И таквата мрзеливост создава неписмени генерации. Дигитално „тата-мата“, ама суштински неписмени и зависни од „калкулатор“, Википедиа и Гугл. Некогаш, барем за теми кои вистински ве интересираат – учете. Знаењето функционира и без интернет и ќе ве спаси тогаш кога ќе немате мрежа.

Пријателот во невоља се познава... И колку вистински пријатели ви останаа? Животните премрежја тежат, мрачни се и неизвесни, но се сито низ кое меѓу песокот од познаници ќе останат оние сјајни дијаманти од пријатели. Никогаш не забравајте кој ви донесе овошје додека бевте во ковид-изолација и кој ќе ви се јави „само“ да ве праша како сте, онака чисто и без НО, после „како си“...

Чесниот човек помалку ветува отколку што ќе направи... Сигурно имате некој во близина кој со зборови ќе ви изгради кули, ќе ви ја донесе дури и Месечината пред нос. А во реалноста, нивните зборови се само една длабока празнина. Бунар во кој може лесно да се удавите. Внимавајте на таквите, освен ако досега не сте изгореле од истите, па си знаете од лично искуство и нема потреба да ви сигнализираат кога тие ќе ви се појават на патот... Наспроти нив се оние кротките и питоми луѓе, чесните, оние чиј збор навистина алтан вреди. Нивното ветено – е сторено. Обично тоа се оние тивки луѓе, не поради тоа што нема што да кажат, туку затоа што кажуваат јасно и кратко, директно и ослободени од потребта за драма и внимание. Почитувајте ги таквите добронамерници на вашиот животен пат, зашто се ретки, а бесценети.

И така во ризницата мудрости од паталците секогаш ќе препознаете некоја околност која ви го менува или може да ви го промени животот. Продолжете ја низата, вашето искуство, сигурно ќе му помогне некому...

Објавено:
2 јуни 2021
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
1.186 пати