Евровизија 2021: Ботокс, дрога и рокенрол

24 мај 2021

Колку и се зборува дека Евровизија не е веќе тоа што беше, дека е со политичка заднина, дека е во „сопственост“ на маргинализираните групи и дека веќе воопшто не е интересна за пошироката публика, останува фактот дека сè уште привлекува големо внимание, барем на Балканот.

Но, годинава и во светот и тоа благодарение на скандалот со годинашните победници, рок групата „Манeскин“.

Додека се чекаат резултатите од тестирањето на дрога, како последица на обвинувањата дека на финалната вечер во зелената соба, вокалот на групата, Демиано, зема кокаин, не стивнуваат приказните и можните сценарија за тоа како оваа приказна може да заврши.

Она што нам ни привлече внимание се коментарите на публиката ширум светот, обвиткани во целофан од лицемерие и стереотипи, но и како еден некогаш прекрасен музички фестивал е сè помалку навистина фестивал на (квалитетна) музика.

Евровизија годинава покажа дека стереотипите се уште „на (с)цена“.

„Манескин“ ќе речат „Рокенролот никогаш не умира“, но изгледа ниту нашите предрасуди.

Кога ќе престанеме автоматски да поврзуваме некој што слуша рок, има стил кој вклучува накит, тетоважи и шминка со дрога? Не се сите рок музичари зависиници од дрога и многу е површно ваквото „етикетирање“ и неверојатно дека уште треба да се зборува тоа во 21 година од 21 век.  Дали ако се наведнеше на истиот начин претставник на некоја од другите држави, кој изгледа поинаку, ќе избиеше скандал во вакви рамки, интересен дури и за „Би-Би-Си“ и „Си-Ен-Ен“?

Уште поинтересно е што, како што велат членовите на групата, нивната песна е токму за тоа да се биде свој, без разлика на тоа што велат другите. Да се остане доследен на себе и да не се земаат предвид коментарите што ќе доаѓаат од страна, бидејќи е важно да не се изневериш себе. Нив токму тоа и им се случи, па веројатно стиховите што ги пеат добија уште повеќе на значење.

Од друга страна, на големо се коментираше изгледот на српските претставнички. 

Во медиумите можевме да прочитаме дека изгледале како од филм за возрасни, дека се премногу разголени, дека ја претставуваат „силиконска долина“, дека се „ботоксирани Бијонсе девојки“ итн...

Како за луѓе - пред сè мислиме глобално и на генералната слика, која секако има и исклучоци , а ова секако се однесува и на балканското поднебје - кои ја следат Ким Кардашијан и сестрите, кои обожуваат да ја гледаат Џенифер Лопез со атрактивните настапи, кои се шминкаат исто како нив, кои се трудат да имаат што поистакнат задник итн, не ни е баш јасно од каде сега таков проблем со изгледот на српските претставнички.

Костимите не им беа ништо поразлични од оние на Албанката, Хрватката, претставничката на Кипар, или пак Азејрбеџан годинава, па дури и Малта. Сите имаа трикоа или комбинезони, реси, беа со атрактивен изглед... Да, веќе видена естетика од споменатите ѕвезди горе, но и тоа е легитимно. Имаат ботокс - да имаат ботокс или филери или хијалурон, естетска корекција на нос или гради - ги има и Лејди Гага, споменатиот ријалити клан и секоја втора ѕвезда во светот и на Балканот. Секако го знаеме тоа, секојдневно ја консумираме таа естетика, но некако тогаш ни е ок, а сега не ни е.

Евровизија не е образовна манифестација, така што коментарите како ќе бидат лош пример за младината и не се баш упатени на вистинското место, без разлика на нашиот личен став и дали ние нешто сакаме да  прифатиме, сметаме дека му е местото тука или не.

Многу други работи во функционирањето на младиот човек, на родителите, на темпото на живот денес не се во ред и влијаат врз новите генерации, но да се вадиме на изгледот на некои претставнички на Евровизија е сосема утната поента. А впрочем, низ годините имало и далеку позбунувачки естетики, да ги наречеме, на евровизиската сцена, така што малку се претера со вниманието што им беше дадено на Србинките,а во однос на нивниот изглед.

Или пак, на многумина потајно им се допаѓа тоа, но го изразуваат на ваков прикриен, “хејтерски“ начин?

Секако, многу се зборуваше и за водителката, која била маж, но станала жена. Во Ротердам се потрудија да претстават дека различностите се во ред и дека треба да ги прифатиме, па покрај оваа водителка, видовме и уште една со потемна боја на кожата, потоа презентерка во хиџаб и без шминка...

Но, дали навистина ние сме ок со различностите?

За нас беше изненадување и тоа што дури четири земји имаа 0 гласови од публика, а една дури и од жири. Како е тоа воопшто можно, зарем може некоја песна баш никому да не му се допадне, особено имајќи предвид дека ова никогаш досега не се случило.

Факт е дека гласањето е соседско и повеќе од половината гласови можат да се предвидат. Можеби овие нули на кои посведочивме годинава, ќе бидат поттик да се направи некоја промена во гласањето, кое исто така го менува сјајот на манифестацијата која трае со децении.

На крајот, Евровизија некогаш беше фестивал кој претставува различни култури, музика од различни земји кои пееја на свој јазик. Беше олицетворение на култура, уметност и гламур. Но, во еден момент изгледа се покажа дека тоа е здодевно,, па почнаа да се менуваат работите. 

Денес, ова е фестивал кој како што споменавме, сака да претстави различност, но на еден сосема поинаков начин. Музиката веќе одамна не е во прв план, туку ефектот на шок, на скандалозност, на шоу-биз... Од тој аспект, Евровизија може и да се нарече „циркуз“ кој одново секоја година се враќа во градот со нови забавни, често и веќе видени, но и скапи точки на учесниците.

И сосема на крај, најмногу од сè е интересно како нешто што всушност е и наменето за забава, кај нас буди толку сериозни чувства. Дали проблемот е навистина во Евровизија или во нас?

Да не заборавиме, секогаш можеме да го земеме далечинското или да излеземе и да не гледаме. Но, ние секогаш одново одбираме да се најдеме во улога на судии и да бараме што повеќе несовршености кај другите, за да се чувствуваме малку подобро.

Не велиме не, Евровизија на површина става многу други нешта освен музиката за кои може да се дискутира, но од друга страна вади и некои скриени емоции од нас.

Инаку, сосема е неважна, нели :)?

Објавено:
24 мај 2021
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
11.617 пати