Импровизирање наместо солидаризирање: Зошто домашната музичка фела е на ова дереџе?

29 јули 2020

Помалку или повеќе, кризата ја чувствуваме сите – секој сектор, секоја општествена сфера, секој поединец. Финансиска, здравствена, социјална... на секое ниво. Живеењето стана преживување и верувам дека не постои некој што не посакува овој хаос што побрзо да заврши, па да се вратиме на „нормалните" проблеми кои и онака се доволно.

Но, криза е и идеална почва да се покаже солидарност. Тука потфрливме. На плодната почва за солидаризирање исплива примитивизмот и личниот пред колективниот интерес и ја контаминираше со отровот на егоизмот и недостатокот на свест, емпатија и одговорност.

Голем број на заразени лица, за жал и сериозен број на починати, огромен процент без никаква егзистенција, неизвесност до недоглед...

Ваков амбиент не е време за импровизации.

Но, веројатно во импровизирањето сме добри, па дури и храбри. Таква една (во низата) импорвизација деновиве провоцираше (со право) бунт кај домашната музичка фела. Не, не се само музичарите оние кои половина година останаа дома без никаква извесност, но нивниот пример ќе го посочиме како еден од многу егзактните во однос на прашањето за нашата (не)солидарност.

Правилата и препораките за организирање на јавни настани во време на пандемија се јасни, директни и концизни. Но, каноните за солидарност никаде не се напишани, освен во нашата самосвест, па и во нашата историја. Ако го земеме предвид „импровизирањето" кое премина и во пракса, а кое значи подгазување или ако сакате игнорирање на домашните артисти, па веднаш преминуваме на следно ниво: ѕвезди од соседството (со чест на исклучоци), тогаш е прилично јасно дека самосвеста ни е бледа, ако не и целосно избришана. Во сопствениот вредносен систем, оставени сме без вредност.

Ако веќе постојат услови да се одржуваат настани од културно-забавен карактер (при што би се почитувале сите препораки за заштита), барем во овие околности, зошто не би ги поддржале или барем не би им обезбедиле приоритет на домашните артисти? Нема ќар, нема интерес или едноставно нашата матрица е толку „мутирана" што сме го изгубиле чувството за сопствената вредност?

Тажен е фактот што ова не е последица само на корона кризата. Ова дереџе во кое, меѓу сите, се најдоа и домашните музички артисти, е резултат на долгорочен и перманентен системски игнорантен однос кон домашната, особено онаа квалитетната музичка сцена, истата таа која заслужува најмногу внимание, а постојано е соочена со статусот на „едвај преживување". Или статусот: светот пред вас симнува капа, ама дома не ве познаваат.

Медиумите ни се запоседнати со политика и турски серии, со едвај неколку телевизиски емисии посветени на домашната музика и генерално на домашната културна сцена, наспроти масовното „бомбардирање" со шунд и кич. Интернетот и правото на личен избор е секако битна опција, но тоа не ја намалува одговорноста на традиционалните медиуми во сервирањето на квалитетна содржина до публиката. На крајот од денот публиката бира, ама ако има од што...

А што да одбере просечната публика, која музиката ја користи само како подлога додека звршува други обврски? Секако дека наизуст ќе ја знае насловната музичка тема на некоја од сериите или пак топ листата на најпопуларните хитови од соседството. И така во еден магичен круг во кој нема место за добра домашна музика, затоа што едноставно не сме направиле место, а земајќи ги предвид и неколкуте неистрајни и нефункционални обиди за „слушајте домашна музика" како пандан на „купувајте домашни производи".

Па доаѓаме до моментот кога публиката покажува голем интерес за ѕвезди од соседството, а домашните не ги ни препознава, затоа што едноставно ниту имала прилика да ги види ниту да ги слушне, па да го направи својот избор.

Ни недостасува и тоа очајно, здрав однос кон самите себе. Самопочит, упорност во наметнување на вистинските вредности и некој да ги засука ракавите и да поработи на реанимација на вредната македонска музичка сцена. Содржината и артистите се тука, творат и присутни се, но потребни сме си едни на други во еден многу поширок контекст, што ќе ја надмине кризата предизвикана од пандемијата на самоуништување.

 

Објавено:
29 јули 2020
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
212 пати