Изгледам, значи постојам

25 септември 2015

Скоро сите ќе се согласат со реченицата „Облеката не го чини човекот", но само малкумина ќе осознаваат дека облеката суштински го одразува. Зошто инаку би ни било толку важно на сите, па дури и на оние кои велат дека им е баш гајле, катадневно да бидеме во потрага по она што ќе го наметнеме на себе. Да бираме што ни се допаѓа, а што не, кое ни одговара, а кое не. Какво посакуваме, а какво не. Зошто ни е важно да изгледаме посебно во посебни прилики? Да се допаднеме , да оставиме впечаток.
Зошто инаку во сета таа упатеност за неважноста на облеклото и ставот дека секој има право да се облече како му милува, постојано многу од муабетите да започнуваат и најчесто завршуваат на изгледот-особено за оние кои се истурени пред очите на јавноста. Очекувано и реално, затоа всушност и се нарекуваат јавни фигури.

Но, зошто многу од нив , односно оние со интенција за своја општествена валоризација толку многу ќе инсистираат да стапнат на толку многу посакуваниот црвен килим послан по било кој повод, иако повеќето од нив по природа на нештата не припаѓаат таму. И во таа силна желба да се истопорат со своите напорно осмислувани тоалети повеќемината само ќе ја потврдат својата модна неукост и естетска поткусуреност.

И зошто ли инаку, овие денови толку многу внимание, дискусии, полемики и расправии низ општествените мрежи ќе предизвика еден јавен настап во апсолутно неприфатливо визуелно издание на новоименуван лик на важна општествена функција и ќе покрене вистинска медиумска битка на спротивставени ставови за важноста или неважноста на поврзаноста помеѓу суштината и формата. За потребата од одговорност во јавниот настап не само во искажаното туку и во покажаното. За професионалноста која неизоставно го опфаќа и изгледот.

Затоа што изгледот е нашата визуелна лична карта.
Затоа што облеката не го чини човекот, но со сигурност суштински го одразува.
Затоа што едноставно појавноста е важна, а модата не е така површна како што на прв поглед се чини. Затоа што модата зависи од духот на времето и е многу покомплексна отколку што на прв поглед изгледа. Затоа што облекувањето во основа е социјална активност каде телото е медиумот, а тоа не е баналност. Затоа што облеката изискува визуелна писменост и познавање на социјалниот контекст на кој реагираме со прифаќање или негирање токму со она што го ставаме на себе, иако не секогаш свесни за невербалната комуникација. Затоа што едноставно модата бара вештина и карактер.

Актот на презентирање на сопствените вредности преку облеката може да се дефинира како себеактуелизирање. Тоа може да артикулира суптилни и важни карактеристики на поединци , вклучувајки личност, расположение и емоции.

И додека на индивидуален план надоградувањето на сопствената визуелна експресија може да значи сопствено растење (дури и за ултимативен нонкоформист), со јавното истапување грижата за извлекување најдобра можна верзија од себеси станува вид на обврска која само може да придонесе за подобрување на професионалните перформанси(дури и кај ултимативен нонкомформист). Но, кога станува збор за личност на (важна) општествена функција тогаш е тоа должност кон укажаната доверба (па дури и во случај на ултимативен нонкомформист).
Изгледот е невербален говор и одраз на личноста. Без оглед на тоа дали некои тврдат дека имаат интерес во мода или не, тоа ќе влијае на животот и без изговарање на еден збор за тоа. Нема потреба да им раскажувате на луѓето за вашата личност, облеката ќе зборува за Вас.

Автор: Снежана Богдановска -Сани

Објавено:
25 септември 2015
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
2.618 пати