Извинете, зошто кантава е преполна со идеи?

5 февруари 2021

Татко ми секогаш ќе каже: „Работникот прво треба да го платиш, нахраниш и облечеш, да му дадеш мотив да работи, да му дадеш визија, а потоа да очекуваш да сработи и да даде резултати“. Долго време не знаев што тоа точно значи. Сега ми е јасно, сега ми е јасно зошто среќата и задоволството на работникот се примарни услови за тој да се посвети максимално на својата работа и да може достоинствено да си ја врши истата. Но, системот некако ги голта работниците, да не речам честопати им ја грицка среќата, им го крши задоволството на пола, терајќи ги да го остават своето достоинство пред вратата. Не знам до каде ќе се оди и колку е долг патот, но во едно сум сигурна – тој систем којшто го тера работникот да заборави на своето достоинство, тој систем одамна оди удолу.

Не знам дали сте забележале, но во една канта којашто стои во аголот на една канцеларија честопати можат да се најдат безброј фрлени идеи, напишани на хартија, искинати на парчиња или пак стуткани и некаде загубени во морето други нереализирани идеи и планови. Кантата одамна веќе никој не ја забележува, но најверојатно во моментов извира прашањето – зошто идеите се фрлаат во канта?

Одговорот е едноставен – затоа што таму им е местото.

Да, во овој систем нема простор за нови идеи, тука сè е смислено и фукнционира одлично. Да, од работникот не се бара личен печат, од работникот се бара да се врти во тркалото заедно со другите глувчиња, а тогаш кога ќе види дека тркалото оди во недоглед – да не се откаже, да ја готлне својата гордост и својата интелигенција да ја фрли некаде попат и да продолжи да врти напред, заборавајќи зошто го прави тоа. Всушност, во овој систем нема потреба ни од прашања, бидејќи апсолутно сè  е кристално јасно. Навистина, ничии прашања не се потребни.

На крајот од денот, зошто човекот мора да се прави паметен и да поставува прашања?

Треба да си ја врши работата (којашто честопати е измислена и не постои, бидејќи е важно само да се биде уште една греда во ѕидот), да доаѓа навреме на работа и да си заминува тогаш кога сите ќе почнат да се упатуваат кон излезот. Од човекот навистина не се очекува многу, тогаш навистина не е јасно – зошто човекот едноставно не може да биде задоволен и среќен со овој систем?

Имено, тоа е проблемот. Од човекот не се очекува многу, но човекот не е роден само за да постои. Ве молам, сега ќе сум навистина лута – не потценувајте го човекот или работникот. Човекот е роден за да создава, да се менува и така да ја менува и својата средина, да расте и да се чувствува корисен. Човекот е жива материја којашто по природа чувствува дека треба да се развива. Не ставајте го човекот во калап и аквариум без вода – така ќе го уништите и ќе го покорите. Ќе му ја земете гордоста, храброста и смелоста. Човекот ќе престане да мисли, ќе престане да се чувствува предизвикан и ќе се навикне на таа тишина и непродуктивна атмосфера. А потоа, системот како најголем хипокрит ќе го обвини токму човекот за своите грешки, ќе рече – човекот не сака да работи, не сака да создава. Секој човек е свој систем, но секој човек е и дел од еден заеднички систем којшто некако заеднички функционира. Можеби системот нема да го покори човекот, но ќе го измени, ќе му остави лузни и траги, а тие се засекогаш.

Затоа, главното прашање не е  – што може овој човек да направи за овој систем?

Главното прашање е – дали овој систем остава простор за човекот да направи нешто за него?

Не, не и не.

 

Ксенија Николова

„Верувам во втора, трета и стота шанса и во тоа дека човекот може да научи да живее среќно и со многу болка, а јас се додека се менувам секој ден, знам дека ќе бидам добро".

Објавено:
5 февруари 2021
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
339 пати