Ја гледавме Squid Game и еве какви се нашите впечатоци

12 октомври 2021

Број еден по гледаност во 90 земји, претендира да го сруши рекордот кој го постави „Бриџертон“ за најгледана серија во историјата на „Нетфликс“, многу поделени ставови околу истата „од вау до мех“, беа почетни и доволни причини да ја погледнеме серијата за која сите зборуваат.

Ако на тоа се додаде фактот дека светот е полуден по тренерките и патиките, кои секако се специјално креирани и не можете да ги најдете кај ниту еден бренд, повеќе од јасно е дека се работи за мега хит. Но, тоа не ги спречи фановите да трагаат по парчињата кои ќе ги направат да бидат во „тренд“.

После гледањето на серијата, малку не ни е јасно зошто некој би сакал да ги носи тренерките (настрана од естетиката), освен за „Ноќ на вештерките“, која што се ближи, но еден модел на Ванс кој е близок до оригиналните патики во серијата има зголемена продажба за дури 7.800% (да, не е грешка). Или пак, кој би сакал да прави шеќерни колачиња? Дали мора да се биде во тренд по секоја цена, дури и кога тоа и нема баш некоја логика или оправданост?

Се потрудивме да не го надминеме веќе познатото и да не ни се „испиштат“ „спојлери“ за вас што уште не сте ја гледале, само ќе ве воведеме во приказната, која веруваме веќе и сте ја слушнале, но сепак ако не сте ја гледале и не сакате да ви влијае врз впечатоците, одлучете си сами дали ќе продолжите со читање :)

Сеонг Ги Хан (средовечен човек кој живее на грбот на мајка си, краде од неа, се обложува на коњи, должи пари на сомнителни ликови, има ќерка која не ја гледа и не плаќа алиментација, но нималку злобен и простодушен, сепак уште во првата епизода ви доаѓа добро да го исплескате) и уште 455 други загубени ликови кои пливаат во долгови, ќе добијат шанса да си ги решат проблемите, играјќи корејски детски игри - но тука нема да има ништо детско, бидејќи тоа ќе бидат игри на живот и смрт.

Идејно, и концептуално многу ќе ве потсети на „Hunger Games“, а моментот дека повторно гледаме ликови во комбинезони, маски и пушки, како асоцијација на "La Casa de Papel“ воопшто не ни се допадна, Сличности можете да барате и во оскаровецот „Паразит“, но сепак му дадовме шанса.

Нема сомнеж дека епизодите држат внимание, тука пред се мислиме на оние од втора до шеста. 

Местото каде што се одвиваат овие игри е колоритно, со елементи на магија, како оние што сме ги гледале на пример во „Волшебникот од Оз“. Видлива дистинкција помеѓу реалното и фиктивното, само што и во фиктивното има многу реалност. 

Алчноста за пари, губење на морален компас, животински инстинкт за преживување, памет - се само дел од нештата кои ќе излезат на површина при играњето на овие игри.

Воедно, ќе го постават прашањето и до каде сме подготвени да одиме само за да преживееме, што се' сме подготвени да направиме за пари, како и дали беден живот е подеднакво вреден живот... И ако најмрачниот дел е што навистина капитализмот (во комбинација со нашиот карактер и одлуки) не „дроби“ секојдневно, зошто би сакале тоа да го ставиме во „тренд“ со шеќерни колачиња и тренерки. Доволно е што тоа го живееме или можеби сепак не ни е доста?

Истовремено, ќе покаже дека и најпаметниот и најглупавиот можат исто да згрешат, но и подеднакво да се борат за живот, да станат еднакви, иако можеби едниот во животот имал услови и предиспозиции за успех, како и дека во денешно време сите сме набљудувани од „Големиот брат“, кој ги знае сите наши проблеми, навики, недостатоци и предности. Всушност, главното правило во овие игри е еднаква шанса за сите, колку тоа и да ви изгледа брутално во конкретните ситуации.

Мора да признаеме дека споредните улоги се далеку поинтересни од главната, покомплексни, а едно од најголемите изненадувања, веројатно и еден од најинтересните ликови карактерно, ќе биде токму роднината на Ги - Хан, Чо Санг Ву. Глумата пак, на моменти маестрална, а на моменти очајнички лоша. Серијата ја начнува и темата за генерално “зависништвото“ од игри, како и иницијацијата, несигурна иднина и соочување со смртта во пакет со надеж, како подобра опција од загарантирана мизерија. Дали би се продале себе или најблискиот? И за колку? 

Дел од ликовите се пребегани од Северна Кореја во Јужна за подобар живот, за и таму да бидат мизерни на еден друг начин.

Постои и паралелна приказна, која на почетокот ветува возбуда и непредвидливост, а всушност на крајот разочарува.

Епизодата ВИП, која има за цел да претстави како богатите се забавуваат на маката на сиромашните и колку е капитализмот одвратен, нè остави исто така со поделени мислења. 

Серијата има потенцијал да биде навистина одлична, но не добивме впечаток дека создавачите на истата успеале во тоа, особено после завршувањето на деветтата епизода и на моменти премногу очигледната предвидливост. Не е ниту некоја остра критика на општеството, ниту пак нешто посебно ќе научите за корејската култура.

Дали ќе ве остави да размислувате? Можеби. Веројатно ќе си го поставите прашањето колку луѓе околу вас се подготвени да го направат истото што и ликовите во серијата и дали сепак имате верба во луѓето.

Оставен е простор за втора сезона, која според гледаноста веројатно и ќе се случи, но треба добро да се потрудат да ја направат подобра од првата, која пак за нас е просечна.

Не сме ниту во групата „вау", но ниту во онаа што ја смета за „разочарувачки лоша" - едноставно просек кој доби исклучителна популарност за која придонесува веројатно и фактот дека е корејска и дека „Нетфликс“  повторно прави успех со серија од не-англиско говорно подрачје.

Објавено:
12 октомври 2021
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
4.023 пати