Како модата станува мода

9 ноември 2015

За помодарите или т.н.модни жртви стравот да се изгледа бајато е најголемиот кошмар, далеку полошо и попонижувачки и од тоа да се облече исто. Модните трендови, понекогаш, упатувајќи кон модерното, се злобно превртливи. Модната индустрија е секогаш во лов по она што е ново, што е жешко. За секое ново must have парче, тука е некое друго кое ќе биде отфрлено како, се разбира лански тренд. Промената е единствената постојана работа во модата или како што е познато во модниот свет-т.н. моден круг.

Се започнува всушност со трендот кој надоаѓа. Тоа е она кога одредени нешта ќе се видат на писта, на црвениот ќилим или на музичкото видео. Константно сме бомбардирани со нови модни идеи од музиката, интернетот, списанијата и телевизијата. Филмот исто така има неверојатно силно влијание на она што луѓето го облекуваат. Музичарите и останатите културолошки икони, континуирано директно вршат влијание врз модата, но и индиректно преку дизајнерите односно легитимните создавачи на модата. Но, не е тајна, дизајнерите се повеќе ја црпат нивната инспирација и од уличниот живот.

Тоа доаѓа од таму што постои силна врска помеѓу личниот стил и модата. Некој со развиено чуство за мода може да искомбинира нешто невообичаено, спонтано- и тоа најчесто може да потикне нов тренд.
Колекциите од влијателните модни центри Париз, Њујорк, Милано и Лондон два пати во годината истапуваат на сцена со предлози.

Потоа доаѓа она што се нарекува фаза на имитирање. Момент кога секој копнее по парче од новиот тренд. Во оваа фаза тоа може да се види во модните магазини, низ рекламните кампањи и на ТВ.
Модата е една од најпрофитабилните индустрии. Колку повеќе се поттикнуваат луѓето да држат чекор со модните трендови толку повеќе индустријата го зголемува својот раст со исцрпувачко темпо.

Се работи всушност за огромен бизнис. Многу луѓе се вмешани во продукцијата, продажбата и набавката на облеката, повеќе од колку во било кој друг. Секој ден милиони работници дизајнират, шијат, лепат , планираат, ја транспортираат и продаваат облеката во продавниците. Рекламите пак, од сите страни не убедуваат во она што ќе го облечеме, свесно или несвесно.

Пред 20 или 30 години беа потребни и по неколку сезони трендот да се пробие од естрадата до масовниот пазар, но денес производителите го забрзаа модниот круг до најголема можна брзина. Сега најчесто жешкиот моден тренд се појавува на евтиниот пазар за помалку од неколку месеци.

На крајот трендот станува заситен на пазарот во форма на парчиња обликувани од синџирите за широка дифузија подеднакво како и од плагијаторите кои драстично ја намалуваат цената. Јасно е дека мнозинството купува во ова трета фаза. Само ѕвездите и оние од модната индустрија можат да си ја дозволат првата фаза, додека во втората фаза изгледите се достапни најчесто во скапите дизајнерски колекции. Само во третата фаза кога изгледот доспева до масовниот пазар станува пристапен за мнозинството консументи.

Ваквото достапно тренди облекување (кое се нарекува fast fashion ) е меч со две острици –ги прави модерните изгледи достапни до оние со мал буџет, но така пазарот станува веќе тотално презаситен од прикажување на тој изглед и тој престанува да биде модерен.Така трендот умира. Забрзувањето во основа помага трендот да се убие побргу.

Автор: Снежана Богдановска-Сани

Објавено:
9 ноември 2015
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
1.359 пати