Како преживеал интелигентниот човек во соба полна со лажни интелектуалци?

29 јануари 2021

Животот носи големи предизвици, па така во еден момент еден интелигентен човек се нашол во иста соба со тројца лажни интелектуалци.

„Извинете, како се најдовме овде?“,  ги прашал човекот.

„Секој почеток е тежок, што си мислиш ти? Знаеш како ни беше нам? Знаеш како ни е се’ уште? Едвај издржуваме“, едногласно се жалеле тие.

„Навистина? Па, зошто сте се’ уште тука?“, се зачудил човекот.

„Е, сакаме ние да си одиме, ама не е така лесно. Многу работа имаме овде, без нас нема да постои ни оваа соба, ни оваа зграда, без нас нема да постои ништо!“, викнаа тие.

Очигледно збунет, човекот реши да премолчи и да најде начин да си го направи престојот убав и корисен во собата. Најде лист хартија и едно пенкало, па почна да запишува идеи како да се разубави просторот и како да се направи план за подобро функционирање. Се чувствуваше среќен, бидејќи со својата креативност почна да создава некои нови начини на функционирање.

„Што правиш?“, во еден момент дојде еден од тројцата.

„Создавам, погледни, има идеја како на сите да ни биде подобро“, се насмевна човекот, несебично споделувајќи ја својата идеја.

„Ама кој ти кажа ова да го направиш?“, го прекори тој.

„Никој, добив идеја. Мислам дека е одлична“, се насмевна човекот.

„Дај ми го тоа“, му го зема листот и го пикна во својот џеб. „Види, ти си нов овде, вака не функционираат тука работите. Ќе правиш тоа што ќе ти кажат, твојот личен инпут не е потребен“, објасни тој.

„Сериозно? Па која е поената на моето постоење?“, се зачуди човекот.

„Никаква, на сите ни е исто“, објасни тој и си замина.

По неколку денови, додека сите спиеја, се слушна еден глас во собата.

„Им честитам на тројцата мои соработници за прекрасната идеја за подобро функционирање на просторот. Браво!“

Човекот веднаш се разбуди и не му беше јасно што се случува. Остана буден и ги дочека тројцата лажни интелектуалци да се разбудат од својот сон.

„За каква идеја се зборуваше?“, ги праша.

„Не знаеш? Еден од нас доби прекрасна идеја за подобро функционирање на просторот и сите ја доработивме и му ја дадовме на газдата, а тој беше пресреќен“, објасни еден од тројцата, додека оној којшто ја имаше видено идејата на човекот, го погледна директно во очи и без срам со погледот му потврди дека му ја украл идејата.

Човекот остана без зборови и се повлече во својот агол. Се’ му беше јасно. Сфати дека се работи за голем октопод кој ги блокира сите патишта. Сфати дека неговата идеја никогаш нема да дојде до израз и да излезе на виделина. Патот е до реализација овде е невозможен, помисли.

Наредниот ден човекот си ги собра своите нешта и си замина додека тројцата лажни интелектуалци уште спиеја. Со никого не се поздрави. Отиде на некое друго место и почна одново да се гради.

После многу години, неговата идеја стана реалност на тоа друго место, додека онаму каде што првично ја даде – таа остана нереализирана, бидејќи немаше кој да ја спроведе до крај и со истрајност да ја развива.

„Оној успешниот човек за кого сите зборуваат, не беше ли тој едно време кај нас овде?“, еден ден се слушна гласот на газдата во собата на тројцата лажни интелектуалци.

„Беше“, со наведнати глави одговорија.

„Идејата, идејата беше негова, зар не?“, продолжи тој, а тие молчеа и ништо не одговорија.

„Вие сте завршиле со мене. А јас на себеси нема да си простам што дозволив тројца лажни интелектуалци да ми го избркаат единствениот интелигентен човек. Но, сте му направиле услуга. Неговата способност тука никогаш немаше да се развива, бидејќи има едни средини кои ги растат луѓето, и такви кои им ги сечат крилјата“.

 

Ксенија Николова

„Верувам во втора, трета и стота шанса и во тоа дека човекот може да научи да живее среќно и со многу болка, а јас се додека се менувам секој ден, знам дека ќе бидам добро".

Објавено:
29 јануари 2021
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
3.455 пати