Кога човекот кој ти е карма, ќе се претвори во човекот кој ти е сродна душа...

19 февруари 2021

Еднаш, прилично одамна, отидов на едно прекрасно место сакајќи да си направам муабет за мојата тогашна ситуација. Ми беше тешко, па сакав да го раскажам тоа некому, сакав некој да ме разбере и да ми даде насока за понатаму, а можеби и едноставно ми беше потребна некоја надеж. Качувајќи се по скалите, веднаш почувствував некоја убава и чиста енергија. Ова е добар знак, помислив.

Ме пречека едно насмеано лице на една мила и пријатна жена. Седнавме и почнавме релаксирано да разговараме, а моите солзи одеднаш самите потекоа.

„Извинете, често плачам овој период, не знам ни самата зошто. Односно знам, ама не можам тоа да го контролирам, извинете“, се засрамив и ја наведнав главата.

„Ова место е за плачење, за смеење, тука сè е дозволено“, се насмевна таа и веднаш ми направи да се чувствувам подобро. „Како и во љубовта“, додаде.

„Навистина мислите дека во љубовта сè е дозволено?“, ја погледнав.

„Мислам дека ништо не е забрането и дека правила не постојат“, ми одговори таа.

„Тоа ги прави нештата уште посложени, зар не? Јас би сакала да можам да ги обојам работите во црно и бело. Би сакала да знам кои се лошите ликови и од кого треба да се чувам“, зборував.

„Лошите ликови можат да се претворат во најдобри ликови. Знаеш што? Можеби ти моментално си со човекот кој ти е испратен од твојата карма, но тој човек понатаму со леснотија може да стане и твојата сродна душа. Сосема е возможно да ги најдеш своите најголеми лекции во еден човек, и сета болка и сета среќа да ти ја донесе токму тој еден ист човек“.

„Навистина ми е тешко тоа да го разберам“, нервозно зборував. „Јас сакам да ми кажете нешто друго, нешто поедноставно“, додадов.

„Мислам дека никој не може ништо да ти каже кога станува збор за твојот живот. Твојот пат ти припаѓа тебе. Не знам што те чека, но ти препорачувам да го пречекаш и прифатиш со отворено срце. Некогаш сите одговори се токму таму“, се насмевна.

Заминувајќи си оттаму, бев уште повеќе збунета. Не знаев што да мислам, не знаев во што да верувам. Сакав надеж, но не чувствував дека ја добив. Во тој момент од мојот живот, мислев дека ми беше најпотребно да ми се посочи виновник за да можам отворено да го обвинам и мразам, и кога тоа не го добив – помислив дека не сум разбрана.

Долги години подоцна – сфатив колку нешта јас не сум разбрала.

Мене тоа навистина ми се случи, небаре ми било пишано. Не знам точно дали се работеше за карма или некој долг, но знам дека јас односно ние уредно си го исплативме. Со многу болка, со многу трпение, го затворивме тој дел од нашите животи. И токму како што ми беше кажано, одеднаш истиот тој човек за којшто бев сигурна дека е причинител за сета моја болка, се претвори во нешто коешто стана мое засолниште. Секој ден, работите се менуваа кон подобро, небаре сме деца кое конечно си ги научија своите лекции.

Сигурна сум дека не постои готов производ, исто толку колку што сум сигурна дека една приказна може да се измени. Исто така, сигурна сум дека кога врз сопствената болка ќе насадите огромна градина полна цветови, ќе ги наводнувате секојдневно и ќе се грижите за нив. Истовремено, никогаш повеќе нема да ве интересира што другите мислат за вашата градина. Никој никогаш повеќе нема да ви го сокрие сонцето, затоа што онаму каде што бурата траела со години, се раѓа ново сонце кое само вам ми припаѓа. И не поради тоа што сте најдобри, туку поради што вие тоа едноставно го заслуживте.

 

Ксенија Николова

„Верувам во втора, трета и стота шанса и во тоа дека човекот може да научи да живее среќно и со многу болка, а јас се додека се менувам секој ден, знам дека ќе бидам добро".

Објавено:
19 февруари 2021
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
1.046 пати