Кога најголемата критика до мајката, доаѓа од друга жена...

10 мај 2021

„Мајката е жена со една рака“ - вака велеше баба ми, која дури сега, откако сум мајка, гледам дека била сосем во право. Мајката се пресоблекува додека го држи бебето во рака, готви со една рака, складира облека со една рака, јаде со една рака, чисти, мие садови, сè со една рака.

Удобно сте го сместиле штотуку пресоблеченото бебе во количка, па трчате до гардероберот по единствената чиста и пеглана маица за вас, а кога ќе се вратите до бебето, подготвени да излезете и да го освоите сончевиот ден, ќе го почувствувате мирисот на "подарочето во пелена" кое вели: „Ајде мама, сега сето ова од почеток!“ И не чудете се, додека сте се подготвувале, ако заврнало.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Motherly (@mother.ly)

Но, среќна сте и се радувате на полната пелена! За 3 месечно човече, тоа е голем успех. 

Да може некој, да ги екстрахира грижите и стравовите на една мајка од нејзината глава и да ги смести во кутија, верувам дека и самата Пандора од неа би избегала ужасната.  Притисокот од соочување со непознатото, стравот од грешки и претераната претпазливост, е толку постојан, особено во првите месеци од мајчинството, што одекнува како татнеж во ушите, состојба на будност, на готовност. 

Неретко се случува некоја "помодрена" мајка да сподели некое немило искуство на социјалните мрежи поврзано со критика упатена кон нејзиното мајчинство. Осудувачки погледи околу изборот на храна, грижата, посетите на лекар, воспитувањето, а често и околу доењето на јавно место. 

Сум читала објави на мајка која била критикувана зошто на објавена фотографија на Инстаграм, се гледа како нејзиното дете, со ручекот пие сок. Во рок од 15 минути пешачење, три баби успеаја да го искритикуваат мојот избор да не му облечам чорапчиња на моето шестмесечно бебе на 45 степени Целзиусови. 

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Motherly (@mother.ly)

А најчести се примери за доење во јавност. Една мајка била критикувана за хранење на бебето во трговски центар, друга за на клупа во парк, а и самата сум била сведок на непријатни погледи кога сум го доела своето бебе на отворено. Со должна почит, разголените гради на Кендис Свинпул по кампањи на билборди не прават да ви биде непријатно, но кога таа го дои своето бебе во јавност, одеднаш ви пречи?!

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Motherly (@mother.ly)

Кога погореспоменатите "модрици" доаѓаат од спротивниот пол, разбирањето кон нивната наивност, неукост и неможност за емаптија, веројатно би ми било поголемо. Иако не го оправдувам таквиот став, го припишувам на различноста меѓу индивидуите и домашното воспитување што за жал е онакво какво што е.

Меѓутоа, многу често критиките кон мајката доаѓаат од друга мајка, од друга жена, која во моментов или во минатото била со една рака, чија глава била покомплицирана и од Пандорината кутија, чие тело копнеело за сон подолг од два часа. 

А тие критики, колку и да се правиме ние мајките дека не нè допираат, остануваат да испливаат на површина во моментите кога преморот ќе завладее, хормоните ќе се вивнат до небото, бебето ќе заспие, а ние ќе останеме сами со своите мисли прашувајќи се: Дали сум добра мајка?

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Motherly (@mother.ly)

До сите мајки кои го читаат ова, вклучувајќи ме и мене која сигурно неколкупати ќе го препрочитам: Добри сме и добро ни оди, сè додека ги ставаме своите потреби и потребите на своето дете пред сè останато. Во ничии очи никогаш нема да бидеме совршени мајки, освен во оние на сопственото дете. А тие се најважни!

Објавено:
10 мај 2021
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
11.359 пати