Кој е виновен што преоптоварениот здравствен систем не функционира?

5 март 2021

Редици, долги, предолги редици во ходниците на сите болници во нашата земја. Настрана пандемијата, така е веќе долго време. Така е по државните болници, така стана и по приватните. Порано требаа врски за на државно, а пари за на приватно, сега за секаде требаат и врски и пари. Ситуацијата е тешка, трпението на луѓето полека исчезнува и стресот им ја влошува здравствената состојба. Навистина, кога гледам на некој американски филм како со пријатност и едно топло добредојде докторите ги пречекуваат своите пациенти и колку време им посветуваат за разговор и детално објаснување за она што се случува – помислувам дека такви работи се случуваат само на филм. Но, вистината е дека тоа е нечија реалност, ама за жал – не и наша. Прашањето коешто следува и кое не може да се избегне – кој е виновен? Зошто е здравствениот систем толку преоптоварен? Ние сме мала држава, зошто немаме капацитети да ги задоволиме нашите мали потреби? Каде е емпатијата и зошто секојпат се скокнува времето за разговор и емотивна поддршка, па се чувствува како да сме во банка наместо болница?!

Ако ги прашаме докторите, ќе кажат – малку сме, немаме време, едвај постигнуваме, душата ќе ни излезе! И во право се, не велам не. Ако ги прашаме пациентите, ќе речат – докторите си прават што сакаат и како сакаат, немаат емпатија, немаат осет, немаат човечност и не се посветени! И во право се, не велам не. Но, ајде да речеме дека сето тоа ќе го препишеме на фактот дека навистина, ама навистина докторите не можат да постигнат. Едноставно еден ден има толку часа колку што има, едноставно еден човек може да се посвети на толку работи за колку што е физички способен и едноставно тоа е тоа! Во ред, сето тоа е во ред. Но, постои ли некој систем кој го пресметува капацитети на една болница?

Настрана пандемијата, зборуваме за секојдневие. Постои ли некој систем кој го пресметува капацитетот на една болница и којшто значи дека со еден одреден капацитет сите пациенти можат да бидат достојно и речиси навреме услужени? Зошто е тоа важно? Најважно е, бидејќи во спротивно – се греши. Се греши, бидејќи концентрацијата на докторите опаѓа, сакајќи да се прегледаат стотици пациенти во текот на еден ден (коишто секако дека носат пари), половина од тие пациенти се прегледани површно и си заминуваат незадоволни. Тоа е гарантирано. Тоа ги охрабрува тие пациенти да мислат дека грешката е во тоа што немаат врски и не се потрудиле повеќе да останат запаметени, а токму сето тоа уште повеќе го руши системот којшто и онака не е квалитетен. Неколку работи мора да останат во камен врежани:

  1. Здравството не е луксуз, туку секојдневна потреба и затоа бизарно е за истото да бидат потребни врски, познаници или контакти.
  2. И најдобрите професионалци се луѓе, и тие едноставно не можат да постигнат толку колку што секојдневно им се трупа.
  3. Пациентите секогаш ќе бидат незадоволни кога на нив се гледа површно, кога не им се посветува време и кога нема задлабочување во сечија индивидуална тематика

 

Има ли решение? Секако дека има. Потребни се повеќе болници. Повторувам, НЕМА ДОВОЛНО БОЛНИЦИ. Потребни се средени државни болници коишто ќе имаат доволно капацитет за услужување на граѓаните, и потребен е строг здравствен систем којшто ќе ги контролира приватните болници и нема да им дозволи да се однесуваат како банки, правејќи си што сакаат.

Да, фокусот е таму. Луѓето се разболуваат, луѓето од стрес не можат глава да кренат, потребна е поткрепа и потребна е емпатија. Да! Не е доволно да му фрлите два, три збора на пациентот, потребен е разговор и објаснување, а ако одредени апчиња не може да ги пие со други, потребно е да  се најде време за тоа да се објасни. Време нема, затоа што нема болници, а тоа го брка и секој млад кадар од земјата којшто сè уште има желба својата кариера да ја гради тука.  Многу млади и способни доктори веќе работат во странство, најмногу поради една единствена причина – здравствениот систем дома не функционира.

Луѓето се разочарани.

Докторите растрчани.

Касата се полни, ама душата е празна.

Нешто овде е сериозно, сериозно погрешно.

 

Ксенија Николова

„Верувам во втора, трета и стота шанса и во тоа дека човекот може да научи да живее среќно и со многу болка, а јас се додека се менувам секој ден, знам дека ќе бидам добро".

Објавено:
5 март 2021
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
598 пати