Колку гласна може да биде модата?

11 август 2015

Никор Пол е светски позната африканска манекенка со потекло од Јужен Судан, која во 1998 година емигрира во Америка каде ја почнува нејзината успешна кариера. Нејзината инспиративна животна сторија зборува за суштинската страна на модата и за тоа колку гласна може да биде кога ќе им се даде глас на вистинските луѓе.

Да, модата е уметност, поставува трендови, инспирира, создава фини нешта што сите нè воодушевуваат. Но, модата има и една друга мисија поттикната од социјални, општествени или политички прашања. Оваа индустрија ја има моќта одредени „невидливи" проблеми да ги направи видливи и да почне да се зборува за нив, а потоа и да се дејствува за да се сменат, поправат или елиминираат.

Покрај тоа што познатите манекенки се номинираат во листи за најсекси или најплатени, верувале или не, постои и листа на најхумани во која до сега се запишале топ модели од калибарот на Наталија Водјанова и Наоми Кембел. Името на егзотичната манекенка, Никор Пол се најде токму во оваа листа.

Примерот на 25-годишниот модел е само една приказна која зборува за општествената улога и одговорност на модната индустрија (овде акцентот е ставен на позитивната страна на оваа индустрија, што не е занемарување на фактот дека постои и темна и не толку воодушевувачка страна).

Нејзината биографија зборува за трауматично детство во Јужен Судан каде во постојаната војна со Северен Судан и конфликтите помеѓу племињата, таа заедно со своето семејство била принудувана постојано да го менува своето место на живеење во потрага по основни услови за живот: слобода, храна и вода. Под постојан стрес и притисок, уште како мала се соочила со сериозни животни прашања и одлуки. Една од таквите е кога во 1998 година добила шанса да ја напушти Африка и да емигрира во Америка, но на сметка на тоа што морала да го напушти своето семејство.

„Доаѓањето во САД за мене беше шок. Доаѓав од село, не зборував англиски и не знаев ништо за западната цивилизација, но најтешко за мене беше да се соочам со фактот дека го оставив своето семејство зад мене", Пол раскажува во интервју за магазинот i-D.

Благодарение на нејзиниот егзотичен изглед, лесно се издвојува од другите девојки, а со тоа го привлекува и вниманието на модните агенти од познатата модна агенција Форд од Чикаго. Од тогаш нејзината животна приказна добива сосема нов правец што ќе ја донесе на денешната позиција: еден од најбараните африкански модели ангажирана за кампањи на светски дизајнери како Рик Овенс, Вивијан Вествуд, Баленсијага и други.

 

Благодарение на нејзината успешна кариера, сега таа е гласот на многуте девојки кои сè уште се заробени во социјалниот и општествен хаос што владее во нејзината земја и како што и самата потенцира, примарната цел што ја води во нејзината професија е да го привлече вниманието на светската јавност за проблемите со кои се соочуваат обичните луѓе во светот.

Ја основаше фондацијата „We are Nilotic", за да го промовира мирот и сплотеноста помеѓу 64-те племиња во Јужен Судан и со тоа да ја поддржи борбата против насилството и теророт. Нејзината хумана мисија како активист по 16 години ја враќа во Африка, поточно во Етиопија каде прв пат по долги години повторно ќе го види своето семејство.

„Кога го видов лицето на мојата мајка, го доживеав сето она за што сонував додека сите овие години бев во САД", емотивно раскажува за првата средба во интервјуто за i-D.

Убава и самоуверена, со цврсти ставови и јасна цел, Никор Пол е совршен пример како може да се „искористи" модната платформа за отворање и решавање на општествено значајни прашања и проблеми и како оваа индустрија може да биде револуционерна по многу теми.

Модата може да биде доволно гласна и за оние кои немаат глас!

Објавено:
11 август 2015
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
2.244 пати