Констракта ја врати популарноста на „боросаните“

17 мај 2022

Какво влијание изврши Констракта?

Се појавува облечена во медицинска униформа (во романтизирана верзија) со „боросани" на нозете и сите вештачки екстензии со кои помалку или повеќе се деформира природното, губат смисла.

Така добро осмислен концепт, музички, сценски, општествен, па ако сакате и филозофски и маркетиншки, одамна не сме посведочиле на Евровизија.

Па дури и српската презентерка која на финалната вечер на Евровизија ја читаше нивната бодовна табела, го имаше ископирано изгледот на Констракта, уште повеќе засилувајќи го и онака силниот впечаток.

Ана Ѓуриќ, која на сопствена сметка знаеше да се насмее дека додека ја запаметат како Констракта, често ја нарекувале и Катаракта, генијално и како вистинска дама му го „плесна" во лице на ова духовно болно општество тоа што не сака да го слуша.

Доволно е да кажеме дека „боросаните" повторно се „гуглаат" на Интернет за да одговориме на погоре поставеното прашање. Констракта изврши доволно влијание за да се врати популарноста на „боросаните", барем таков е впечатокот онлајн.

За „боросаните"...

Во еден период и најпопуларните југословенски обувки. Родени во 60-те години во близината на Вуковар, во производствените погони на фабриката „Борово". Биле дизајнирани во соработка со ортопеди, со цел да му овозможат максимална удобност на стапалото. Затоа и биле омилените (иако можеби не најлични на изглед, но најпрактични) на работничките во фабриките, продавачките, медицинските сестри, жените кои голем дел од работното време го поминувале на нога.

Биле рачно изработувани од платно, со отворени прсти и петици. На почетокот се појавиле во тегет верзија, па бели, па дури во 80-те добиле и црна верзија. Својата најголема популарност ја доживуваат кон средината на 70-тите и почетокот на 80-тиите. Во текот на една смена, значи осум работни часа, се произведувале дури 1.000 чифта, што на годишно ниво значело преку 500.000 чифта.

Наеднаш „исчезнуваат" во 90-те години на минатиот век. Веројатно војната и на „боросаните" им го земала данокот.

Но, ако отворите некој стар куфер или се нурнете подлабоко во плакарот, можеби таму некаде, подзаборавени од времето и трендовите (иако имало обиди да се актуелизираат) ќе наидете на некој чифт во бела, црна или тегет боја...

Ако малку загребете под површината, таму има и крв и месо. Филтерот и онака е само за слика.

Сега сите знаат дека Констракта не е Константа, па не е дури ни Катаракта.

Објавено:
17 мај 2022
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
5.446 пати