Ксенија Николова: 5 работи кои се поголеми од мене

19 март 2021

Долго време се обидував да бидам поголема од животот и од судбината, но сфатив дека тоа не само што е залудно, туку е и неверојатно погрешно. Се изморив, навистина се изморив. Силата ми е истрошена, но успеав да научам една голема вистина, а тоа дека постојат работи кои се поголеми од мене и кои едноставно треба да оставам да се случат, или да не се случат.

1. Иднината 

Јас немам контрола врз иднината и точка. Залудно размислувам за неа и ја пуштам да ме мачи, односно да се мачам. Залудно е. Работите ќе се случат онака како што треба да се случат. Сегашноста се губи кога размислуваме за иднината. Сосема е во ред да имам надеж и некои амбиции, некои желби, но јас повеќе не пристискам ништо. Така ќе имам повеќе, сигурна сум.

2. Среќата

Среќата е насекаде и најмногу во мене. Откако успеав да најдам среќа го себеси во сите околности, престанав да ја барам среќата и да очекувам многу од неа. Да бидеш среќен е едноставно и многу лесно, а таквиот став секогаш носи нови и убави нешта. Незадоволството е ужасно. Среќата треба да е слободна и да лета. Па, ја пуштив да лета. 

3. Судбината 

Ние сме кројачи на нашата судбина, но сепак - таа игра свој танц сама. Оставањето на судбината да си ја врши својата работа е суштината на слободата и на сакањето себеси. Човек кој се сака себеси, не се плаши од судбината и не ја прогонува и моделира. 

4. Животот 

Животот секогаш ќе биде поголем од сите нас и сите нешта коишто тој ги носи се склоп на многу околности, многу чудни моменти кои ние никогаш нема да ги разбереме. И не треба. Животот не треба да се разбира, тој треба да се живее. Со полно срце, со насмевка и со непосредност.

5. Постапките на другите луѓе 

Вистината е дека нашите постапки најчесто немаат никаква врска со постапките на другите луѓе, а дури и тогаш кога имаат, повторно туѓите постапки не се наша работа.  Оптоварувањето себеси со тоа зошто другите луѓе се однесуваат на некој начин - е залудно потрошено време. Тие нешта се надвор од нашата зона на контролирање и немаат никаква поврзаност со нашиот личен развој. Заборавете го тоа, фокусот е на себе. Секогаш и секаде. 

 

Разликувањето на нештата кои можеме да ги контролираме и тие кои не можеме да ги контролираме - ја заштитува нашата личност и нашето ментално и физичко здравје. Нека вашето тело и ум бидат во кохезија, присутни овде и сега, за себе и за својата среќа. 

Објавено:
19 март 2021
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
867 пати