Ксенија Николова: Ах, колку е животот убав!

12 март 2021

Сонувам еден сон. Не сакам од тој сон да се разбудам. Почнувам да го сонувам секоја вечер, а понекогаш го сонувам и со очи отворени. Одам, работам, се смеам и сонувам. Никој не знае дека сонувам, бидејќи јас сум будна, но тоа не ме спречува да продолжам да сонувам. Создавам своја перспектива и секој поглед ми е убав. Ништо не може да ми го скрши мојот сон, а мојот сон ме крши помалку секој ден –  со убави болки коишто болат и лечат.

Како изгледа еден мој ден? Шарен, обоен во сите бои, со музика во позадина, со тивка пријатна музика која само ја умеам да ја слушам. Танцувам за себе, а не за другите, во место стојам и буквално танцувам, додека никој тоа не го забележува. Кога добивам нож во грб, јас со танц се вртам и успевам да го извадам без проблем, без болка, без капка крв. Не можеш да повредиш човек кој научил да танцува со нож во грбот. Не можеш да повредиш гумен човек. Тој човек секогаш ќе биде добро. Јас сум тој човек.

Продолжувам напред, низ денот. Како реагирам на сите навреди и провокации? Со насмевка и со потврда дека и тоа е во ред. Навистина е во ред. Мојата песна не можат да ми ја земат, мојот танц исто така. Мојата душа ако ја земат, ќе ја вратат, бидејќи ќе им биде гласна и премногу шарена. Сигурна сум. Затоа сум јас бескрајно спокојна, и на некој начин, односно на секој начин – јас сум непобедлива.

Буквално се протнувам низ сите проблеми, препреки, со телото од гума, умеам да се адаптирам на сите околности. Безброј очи вперени во мене, а јас сè уште го гледам само она коешто сакам да го видам. Не ми се тресе телото, телото ми е од љубов стоплено. Не ми се тресе душата, душата ми е од шаренило топла. Умот не ми се плаши, го пуштив да прави што сака, без да го притискам и воспитувам. Не сум будала да го држам мојот прекрасен ум во затвор и да го убивам со страв, умот е создаден за да создава, а јас имам среќа ако сум дел од тој процес.

Уживам, уживам во својата слобода. Слобода без страв. Но, не сум загубена, туку само на вистинскиот пат. И не сум без план, туку со план дека нема да планирам ништо. И не сум незаинтересирана, туку пуштам работите кај мене сами да дојдат. И не сум пасивна, туку едноставно знам дека не е моја работа да бркам нешто, коешто во суштина само го туркам од себеси. И не сум наивна, туку доволно мудра и со безброј паѓања, за да знам дека циркулира тука некоја поголема енергија од сите нас, и јас едноставно не смеам, не смеам ни да помислам дека сум поголема од неа. Затоа – јас уживам, уживам во својата слобода.

Ах, колку е животот убав!

 

Ксенија Николова

„Верувам во втора, трета и стота шанса и во тоа дека човекот може да научи да живее среќно и со многу болка, а јас се додека се менувам секој ден, знам дека ќе бидам добро".

Објавено:
12 март 2021
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
508 пати