Квалификувана сте, но премногу сте млада...

29 април 2021

Ги исполнувате сите професионални критериуми, квалификувана сте, но... После НО, следуваaт различни креативни и нерелевантни изговори: премногу сте млада, ја надминувате нашата возрасна граница, не ни се допаѓа бојата на вашата коса или како се чешлате, жена сте, маж сте, па дури и преквалификувани сте...

Веројатно голем дел од вас, активните баратели на работа или подобра работна позиција, во еден миг, момент или ситуација искусиле и се соочиле со изговори кои во ниту еден случај не припаѓаат на професионалните критериуми што треба да се исполнат за да се заслужи работната позиција. Се измислуваат причини што ќе бидат алиби за едно безлично НЕ поради кое многу стручни, образовани и вредни кадри засекогаш зад себе ја затвориле вратата на нашата земја и заслужено си го побарале своето ДА низ „белиот свет“.

Еден таков случај деновиве ја разбранува нашата јавност и повторно го актуелизираше проблемот кој за жал не е ништо ново, но во меѓувреме ништо ново и не е преземено за да се решава и така собира прашина под која е затрупан голем потенцијал што останал неискористен и демотивиран.

Актуелниот случај не е исклучок. Секојдневно многу вредни, млади луѓе со голем потенцијал или искусни професоналци со широка визија, завршуваат со носот пред затворена врата поради изговори што истовремено се трагични и комични, ама во никој случај не се оправдани и релевантни.

Ама, една затворена врата, значи нова отворена, но не тука.

Така со децении го губиме огромниот, стручен потенцијал, со што директно и севкупно се загрозува квалитетот на нашиот живот, а последиците ги чувствуваме сите.

Сè е круг, а во него, порано или подоцна ние ќе бидеме засегнатите – дали поради лоша услуга во администрацијата, дали поради несоодветен третман во било која установа или поради погрешната здравствена дијагноза...

Затоа наместо да жалите дека некој кандидат е премногу млад за отворената работна позиција, честитајте му што интензивно и квалитетно работел на себе и дајте му шанса тоа да ви го покаже. Потоа, покажете дека го цените неговото знаење и најдете начин да го мотивирте, својот потенцијал да го оствари и да блесне во своите најдобри пет минути тука, а од тоа бенефит да имате и вие и тие и ние...

Наместо вистинските и стручни кадри да завршуваат деградирани со карта во еден правец, широко отворете им ги вратите и дајте им ги сите услови да го множат своето знаење. Ќе ви вратат дупло и тродупло.

До тогаш, „премногу сте млада“ таму некаде нема да игра никаква улога, доколку професионалното портфолио блеска, а остриот ум сече.

Објавено:
29 април 2021
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
611 пати