Мајка меѓу два света – очите на бебето и денот во пандемија

23 април 2021

Прележав ковид во осмиот месец од бременоста. Се породив во еден од не знам колкуте пикови на пандемијата. Моето новороденче прв пат се сретна со светот директно погледнувајќи му во очи, ама без да му ја види насмевката скриена под маска. Ковид, ковид, ковид... Родителството само по себе цел живот е предизвик, но двојно натежнува потопено во предизвиците што со себе ги донесе ова чудовиште. Стравот стана секојдневие.

Мојот најубав и најблагороден период од животот го живеам во грч, ама ова не е приказна преку која ќе го исфилтрирам сиот гнев и фрустрации што дојдоа заедно со пандемијата, особено за една млада мајка која и без ковид живее во својот хаос на измешани емоции и незнаење. Ова е приказна за тоа како парализраната човечност и душа, може да се преродат токму сега кога ноќта е најтемна (се сеќавате на големата вистина во зборовите на Игор Исаковски, „Ноќта е најтемна пред разденување“)...

Изгрејсонцето во мојот свет веќе силно блешти. Дојде заедно со едни две длабоки, љубопитни очиња. Таму, во тие очи е надежта. Тоа е мојата реалност во мојот свет. Но, од другата страна на стаклото од прозорците, е другата реалност. Една бесконечна неизвесност и една палета од сивило кое очајно бара да го измешаме со боите на виножитото. Боите од стаклените, длабоки очиња. И со вкусови, со мириси, со музика и звуци...

Таму, од другата страна на прозорецот е пандемијата. Ковид, но и пандемијата на омразата, себичноста на која алтруизмот ѝ е непознат, агресијата која труе од сите канали...

Ковид стана симбол за невидлив непријател, но и шанса да се ставиме пред испит како луѓе, шанса да се нурнеме во своето најсуштинско битие и да се прашаме што правиме и како тоа што го правиме ќе се одрази на иднината и на генерациите после нас? Да се седнеме сами со себе и да си ја одржиме и научиме лекцијата – само сега сме тука, прашинка сме и тоа како ќе го одживееме нашиот миг, барем малку зависи од нас. На тоа малку вреди многу да се работи...

И  целата оваа оптимистичка размисла, како нож ми ја пресекува видео: во црна хроника повторно гледам малолетничко насилство и пак ми се разнишува „утопистичката“ идеја.  Една малолетничка крвнички и со застрашувачка агресивност, физички напаѓа своја врсничка... Се вознемирив по не знам кој пат, на ваквото лице на светот од реалноста преку стаклото. Не е прв случај, но се позачестено сведочиме за таквите и не можеме да ги споредиме со оние од едно поинакво детство кога на крајот завршувавме со „здружени, скарани...“. Ова што сега го гледаме е некој монструм. Опасен монструм за чија креатура подеднакво виновен е и системот и родителите и медиумите и целото опкружување во кое растат децата. Должното внимание кое требаше да го посветиме во едукацијата и развојот на децата, бледнее на сметка на гола егзистенција, трка по неодживеани сонови на возрасните и уште многу други равенки кои очигледно остануваат неразрешени. Погрешно е наштиман тонот со кој им се обраќаме на генерациите кои треба да ја градат иднината. И сето тоа додава уште потемни нијанси на и онака длабокото сивило. Таа реалност зад завесата не е реалноста во која сакам моето дете да живее.

Време е да се „наштимаме“. И како единка и како возрасни одговорни за идните генерации и како човештво. Да си го најдеме тонот што ќе создаде музика после која ќе ги кренеме завесите на прозорците и светлината однадвор ќе ја пуштиме да го осветли виножитото внатре, во нашиот интимен свет. А и обратно...

Дајте од ова да излеземе чисти. Само тоа ќе значи дека сме ја извојувале победата. Тоа им го должиме на очите кои сега прогледуваат и кои имаат шанса да живеат во еден подобар свет. Ќе им ја дадеме ли шансата?

p.s Најискрени насмевки се оние преку брчките околу очите, па макар и со маска.

 

Марија Крстова, уредничка на fashionel.mk

Објавено:
23 април 2021
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
1.988 пати