„Медена земја“ - Атиџе, ти благодариме за очите!

13 март 2019

После толку зборување и информации за документарниот филм „Медена земја“, успехот на „Санденс“ (да потсетиме - награда за најдобар документарен филм, специјална награда за општествени промени и награди за снимателите Фејми Даут и Самир Љума), со нетрпение очекувате да го гледате.

Но, откако ќе го погледнете, сакате малку да си поќутите и да се сталожат во вас емоциите кои протагонистите од другата страна ги споделиле. Истовремено, добивате порив што побрзо да кажете, напишете, споделите за тоа што сте го виделе.

„Медена земја“ е слоевито остварување. 

Селото Бекирлија, сместено во југозападниот дел на Овче поле е место за кое веројатно повеќето не ни слушнале, уште помалку биле. Ако ги анализирате пределите, ќе видите прекрасна природа, ширина, по некоја трошна куќа и по ништо нема да знаете дека е Бекирлија. Таму живее Атиџе, а тоа место може да е било кое друго на планетава. 

Атиџе живее со нејзината 85-годишна мајка, која е полуслепа. Нивната куќа не е ни тоа што повеќето го подразбираме под куќа. Тоа се четири ѕида со кревет, столче и грејно тело. Нема струја. Нема многу светлина. Во тие едвај минимум цивилизирани услови, Атиџе создала дом - грижата и љубовта што ја има кон мајка си и животот го исполнуваат секој сантиметар, секоја вдлабнатина и проѕирка.

Атиџе ја сака и природата, ги сака сите живи суштества на овој свет. Ги сака и пчелите. Таа е последната жена во Европа која создава див мед, а пчелите ги чува во тешко достапни природни места - дрва, планини, карпи, кои само таа ги знае. Атиџе и пчелите си имаат свој јазик, а тајната во нејзиниот прекрасен мед е што половина зема, а половина им остава нив.

И гледајќи ја Атиџе, која како да е создадена целата од љубов, која ја сака музиката, животот, луѓето, животните, пчелите, гледате хармонија и не ви се верува дека на парчето земја наречено Македонија, кое го делите заедно со неа, постои место како Бекирлија. Не ви се верува дека постои таква чистина, не само во поглед на природата, туку и во човекова душа.

Истата таа душа, доаѓа во Скопје, каде го продава медот и зрачи - и кога зборува за својот мед и кога купува лепеза за својата болна мајка и кога купува „кестен“ боја за коса, со што покажува дека се грижи и чувствува љубов и за себе. 

Но, таа хармонија еден ден ќе биде нарушена од гласното многубројно семејство Сам. Хасан и Љутвие заедно со нивните седум деца, ќе внесат динамика во Бекирлија, но и во животот на Атиџе. Среќна што има можност да другарува, да размени муабет, да пее, да биде опкружена со деца, ќе го даде најчистото од себе, вклучувајќи ја и „тајната“ - „Половина земи, половина остави“, но ќе биде повредена.

Хасан, сакајќи да го даде најдоброто на своето семејство и да заработи, ќе го занемари овој благороден принцип на Атиџе. Хасан не е негативец, ниту пак во било кој момент од документарецот е прикажан како таков. Под притисок на алчниот откупувач на неговите производи , помеѓу кои и медот, тој ќе потпадне под влијание на капитализмот и можноста за брза заработувачка, а на сметка на природен дисбаланс и еколошка катастрофа. Но, не можете да го осудите што очајнички се обидува да му помогне на своето семејство и грижата што ја има за нив.

И во тој однос помеѓу нив двајца, сфаќате дека „отровот“ од капитализмот се шири насекаде, дури и во вакво место, за кое мислите дека е толку далеку што до него не може да допре ниту една злоба, мислите дека е изолирано во секоја смисла. Но, ете Хасан и откупувачот ќе го покажат спротивното.

Солзите на Атиџе, која е длабоко повредена и си го сака стариот живот, длабоко погодуваат. Сфаќате дека и покрај тоа што некој друг прави штета, сите плаќаме. И Атиџе тоа го знае. Нејзината насмевка ќе исчезне, посебно по смртта на мајка си. Атиџе ќе остане сама, со своите пчели и кучето Џеки, повредена, но достоинствена, истрајна и непоколеблива да ја зачува природата.

„Медена земја“ е филм во кој тече мед од емоции. Филм кој ќе ве натера да размислите што и колку правите вие за природата, а колку ја трошите. Ќе ве натера да размислите за грижата на сите нивоа, за тоа што ве прави среќни на овој свет, за тоа колку силно и искрено ги восприемаме нештата што не опркужуват, колку му се радуваме на животот и колку сме подготвени да се бориме за да живееме во подобар, чист свет - и во однос на природата и во однос на луѓето. Ќе почувствувате и носталгија, можеби тага или мелахноличност што веројатно никогаш не сте го погледнале животот низ очите на Атиџе, која неизмерно ќе сакате да ја прегрнете. Атиџе не можеше да ѝ помогне на мајка си да прогледа, но ни ги даде очите нам, за да го видиме светот како што таа го гледа и да ѝ помогнеме!

 

А покрај сите овие емоции, чувствувате гордост дека ова е македонски производ, воедно и восхит за начинот на кој е претставена една вистина, порака, живот...

За крај, со купување на медот, донирате за протагонистите на филмот да имаат подобри услови за живот, како и за образованието на седумте, односно сега веќе осум деца (осмото се раѓа на премиерата на филмот на Санденс) на семејството Сам. Ако досега не сте го направиле тоа, повеќе инфо имате ОВДЕ

 Премиерата за пошироката публика ќе се случи во август во рамки на фестивалот за документарни филмови „Македокс“ - не пропуштајте ја шансата да го погледнете.

Објавено:
13 март 2019
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
1.798 пати