Можам да носам штикла десетка и да имам просек десетка, ок?

26 март 2021

Ми се допаѓа начинот на кој жените се честопати потценети во општеството, на работа, помеѓу пријателите и социјалните кругови. Велам, ми се допаѓа бидејќи честопати жените на тој начин умеат да изненадат, затворајќи им ги устите на многумина, или пак оставајќи им ги подотворени.

Да, го знаете она чувство кога цело време мислиш за некого дека заслужува да биде потценет, за на крај да сфатиш дека всушност ти си тој кој себеси се преценува? Тоа е едно прекрасно чувство на правда и откритие. Затоа, слободно нека нè потценуваат, така шлаканицата на вистината е послатка.

Милион пати ми се случило да влезам во просторија и да бидам класифицирана пред да проговорам, а кога ќе проговорам, милион пати ми се случило да бидам замолчена, намерно турната во агол од кој мојот глас не се слуша. Милион пати ми се случило да добијам поглед со доза понижување, доза сомнеж и доза шега која укажува дека не сум сфатена сериозно. Да, категоризацијаtа на луѓето е алатка на оние коишто не поседуваат свои вештини и се плашат од конкуренција.

Навистина е најлесно да се каже дека секоја жена којашто доаѓа на работа во високи потпетици, изгледа женствено и сака да зборува за шминки и козметика, едноставно не може да зборува за други, сериозни работи. Впрочем, луѓето се добри само за едно нешто, па така ако зборуваш за козметика, едноставно е невозможно да зборуваш и за економија, за финансии и сериозни други теми. Ха! Ете го! Парадоксот на модерното време! Модерни луѓе кои одвнатре сè уште дишат како диносауруси! 

Од каде тоа право? Од каде тоа право да се ставаат луѓето во кутии? Од каде тоа право да се понижува така еден човек? Па зарем хоризонтите одат само дотаму? Па зарем светот кој оди напред, скришно чекори назад? 

Патот ни е отежнат, тоа е јасно. Проклеството на жената е што не може да скокне во кожата на еден маж и да ги избегне вперените погледи. Но, тоа е и нејзината дарба, нејзината најголема вештина! Нека е отежнат патот, така се гради интуицијата и упорноста! Нека фрлаат камења попат, ние од нив ќе направиме мостови! 

Седете мирни драги мои, доаѓа една сосема нова ера, во која луѓето коишто најмногу сте ги потценувале, ќе бидат оние кои ќе го променат вашиот свет на подобро. Тие луѓе се викаат жени. 

Па, едвај чекам да дојдеме рамо до рамо, и не за да се возврати ударот, туку за да се чуе гласот на еднаква бранова должина, без предрасуди, лични убедувања и длабоко скриени фрустрации. 

 

Ксенија Николова

„Верувам во втора, трета и стота шанса и во тоа дека човекот може да научи да живее среќно и со многу болка, а јас се додека се менувам секој ден, знам дека ќе бидам добро".

Објавено:
26 март 2021
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
3.168 пати