Напиток за преболување

8 јануари 2021

Не сакам веќе да слушам како другите зборуваат дека некои работи или луѓе е невозможно да се преболат. Не сакам. Тоа не ми дава светлина, напротив, ми ја зема сета светлина којашто ја имам на патот и не ми дозволува да продолжам напред.

Не сакам веќе да седам со скрстени раце. Морам да направам нешто во врска со тоа и да им докажам на сите дека постои начин да се преболат работите и луѓето и да се продолжи понатаму со животот. Сигурна сум дека животот не е измислен за да застане во една точка.  

Размислував цела ноќ во моите четири ѕида. Не знаејќи од каде тргнам, земав еден длабок проѕирен сад и го ставив пред себеси. „Во овој сад ќе создадам сè што ми треба, ќе создадам напиток од којшто кога некој ќе се напие – ќе му биде подобро, ќе најде радост во себе и ќе чувствува надеж, ќе престане да размислува за работите коишто се случиле, ќе ги пушти луѓето да си одат, ќе се помири со тоа дека луѓето се напуштаат едни со други, некогаш затоа што сакаат, некогаш затоа што мораат, но и дека на крајот на денот секој човек треба да се потпира најмногу самиот на себеси. Тоа е здраво“.

Се насмевнав, ми стана јасно што треба да почнам да правам. Сфатив дека не ми требаат никакви дополнителни состојки, бидејќи сите состојки се всушност во мене. Седнав на едно столче и почнав да патувам низ моите мисли, низ себеси и низ сите мои чувства. Ги затворив очите и магијата почна.

„Во ред, ќе почнеме со детството. Мојата детска смеа е вечна, мојата безгрижност исто така. Чувствувам благодарност што воопшто постоеше време во кое трчав, скокав, паѓав и пак станував. Ќе ставам малку од тоа време во напиток, шлап!“, се насмевнав, исто толку слатко како кога бев дете. Изгледа се’ уште можеме да се смееме како деца, помислив.

„Одиме понатаму, следува знаењето. Сето мое знаење коешто го стекнав низ годините е нешто коешто ќе го имам засекогаш и тоа никој не може да ми го земе. Чувствувам благодарност што имав прилика да учам и да осознавам, да се информирам и да дознавам. Ќе ставам малку и од моето знаење, шлап, шлап!“,  чувствував некоја гордост кога дел од моето знаење падна во проѕирниот сад.

„А сега е време за спомените, спомените со сите луѓе коишто ги сакам, сум ги сакала, ме сакале, ме сакаат, луѓето коишто повеќе не се тука, луѓето коишто се’ уште се овде, луѓето коишто како случаен воз поминале низ мојот живот, и оние низ чиј живот случајно сум поминала јас. Ах, колку спомени имам. Им нема крај на моите спомени. Чувствувам благодарност за нив. Разни се, шарени се, смешни се, тажни се, болат, лечат, моите спомени се само мои и тие се вечни“, очите ми беа затворени, а како да гледав еден краток филм пред себе. „Малку од спомените ќе ставам директно во садот, шлап!“, се насмевнав, а напитокот којшто го подготвував одеднаш доби преубава виолетова боја.

„Ете така!“, воздивнав, и во еден момент се сетив дека се’ уште нешто недостига. „Ах, љубов!“, ми стана јасно, и веднаш ги затворив очите и ги ставив двете раце на моите гради. „Колку љубов имам јас во овој живот, па јас сум пресреќна! Сум ја почувствувала љубовта во разни форми, знам што е искрена, вистинска и длабока љубов. Чувствувам благодарност за тоа. И затоа не смеам, не смеам никогаш да помислам дека штом луѓето исчезнат, исчезнува и љубовта. Тоа не е така. Љубовта е засекогаш и затоа таа е основната магична состојка за овој магичен напиток. Љубовта ќе ја излечи секоја болка, и тогаш кога животот нè раздвојува, ние сè уште имаме право да се сакаме. Тоа е бесконечно, тоа никогаш нема да се промени. Затоа, еве ти љубов, шлап!“, се насмевнав и одеднаш мојот напиток доби убава, длабока црвена боја.

Повторно ги измешав сите состојки и го земав садот во раце. Полека се напив од напитокот. Вкусот беше познат, сум го пробала овој напиток и порано. Се разбира дека тоа е така, штом секоја негова состојка извира од мене. Јас се смеев како дете, јас учев и откривав, јас создадов безброј спомени и јас љубев, искрено и вистински. Јас секого и сè можам да преболам, бидејќи сè што ми значи, јас во себеси да го носам – ќе продолжам.

Ксенија Николова

„Верувам во втора, трета и стота шанса и во тоа дека човекот може да научи да живее среќно и со многу болка, а јас се додека се менувам секој ден, знам дека ќе бидам добро".

Објавено:
8 јануари 2021
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
1.906 пати