Не дозволуваме никој да нѐ пофали: Сара Џесика Паркер ја избриша Македонија од „Медена земја“

7 октомври 2019

Доколку викендов одвоивте време за социјални мрежи, тогаш сигурно ја погледнавте објавата на светски познатата актерка Сара Џесика Паркер во која пишува колку е воодушевена од македонскиот документарен филм „Медена земја“.

Во истата, таа ги пренесува нејзините импресии од филмот што ги освои сите светски награди и улогата на единствената Атиџе за која ќе каже дека е жена што никогаш нема да ја заборави.

Објавата на актерката со името Македонија во неа - Фото: МИА

„Медена земја. Неверојатна, визуелно вчудоневидувачка, интимна, но сепак епска приказна за Атиџе, жената што чува пчели. Жена што никогаш нема да ја заборавам. Постои причина зошто овој филм ги собира сите награди. Им честитам на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска и ви благодарам што нѝ дозволивте да патуваме со вас. Ќе ве следам секаде“, вака гласи едитираната објава на актерката.

Во првичната, таа им се заблагодари на авторите што ѝ дозволиле да „отпатува“ до малото село во Република Македонија, за потоа името да го поправи во Северна Македонија... За на крај, да избрише било какво име на држава од објавата и да ја исклучи опцијата за коментари.

Објавата на актерката со името Северна Македонија во истата

„Оваа објава е едитирана од мене. Имаше многу коментари поврзани со истата. Поконкретно, со мојот избор на име на државата што го добив од бројните интервјуа со екипата и освртите за филмот што ги пронајдов откако го погледнав. Мојата цел беше да му се обратам на поширокиот аудиториум и да му ја претставам оваа приказна. Не заземам никаква политичка страна бидејќи не се чувствувам доволно информирана на темата. Ви ветувам дека ќе истражам повеќе за ова. Во замена, се надевам дека сите ќе се потрудат да бидат публика на „Медена земја“.

Веројатно претпоставувате какви биле коментарите што таа ги добила, а поврзани со точното име на нашата држава и сите поврзани политички случувања за кои некој не заборавил да ја извести ниту неа.

Едитираната објава на актерката, без да спомене име на државата од каде доаѓа филмот

Наградите за „Медена земја“ и мислењето на актерката за истиот која во еден момент вели дека се надева дека филмот ќе биде номиниран за Оскар, ќе останат. Штета е што тие што коментираа на нејзината објава најверојатно не го гледале, иако сѐ уште имаат време за тоа.

Замислете, во американските кина се прикажува рекордни шест недели на барање на публиката, а сигурно ќе остане уште толку.

Штета е што некој никогаш нема да успее да ја разбере љубовта со која Атиџе е полна, грижата што таа ја чувствува за нештата околу неа, за природата, за тоа колку животот може да биде убав ако ние го направиме таков.

За жал, некој секогаш ќе се погрижи да ги уништи и добрите работи што нѝ се случуваат, бидејќи, да бидеме искрени, актерка како Сара Џесика Паркер не нѐ споменува секој ден на социјалните мрежи каде има речиси шест милиони следбеници.

И да, сето тоа од каде доаѓа Атиџе е исклучително важно, но дефинитивно поважна е приказната што таа ја раскажува, а која месеци наназад го воодушевува светот.

Коментарите на објавата на актерката требаше да ги поврзете со сите убавини на земјата од каде Атиџе доаѓа, да ја повикате лично да ги погледне, да ја пренесете гордоста што ја чувствуваме кога некој ќе спомене дека „Медена земја“ е македонски производ...Да „лобирате“ за Оскар...

Но, некако тешко дозволуваме некој да не пофали...

Објавено:
7 октомври 2019
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
10.380 пати