Не се лоши времињата, туку човекот: Никогаш посимболично одбележување на Денот на планетата Земја

22 април 2020

Сигурни сме дека денеска, ако ништо друго, отворивте „Гугл“, кој нè потсети дека се одбележува Денот на планетата Земја.

Поточно, ова е 50-та година од постоењето на ваков ден.

Човекот е најголемиот загадувач на Земјата, но кога таа „нечистотија“ стана и опасна по здравје, почна интензивно да се работи на санирање на штетите и враќање на балансот во природата. Така барем се пласираше во јавноста.

Не се лоши времињата, туку човекот.- Дарвин

Во 1969 година, во Санта Барбара во Калифорнија, се случи излевање на нафта, кое остави штета од огромни размери. Токму оваа катастрофа го инспирираше сенаторот Гејлорд Нелсон да направи нешто со цел да ја заштити средината. Така, сенаторот успеа да организира национално образование на јавноста за животната средина, а тоа пак го поттикна создавањето на ден кога ќе се слави планетата Земја.

Официјален датум стана 22 април, а првото одбележување го организираше организацијата „Earth Day Network“ во 1970 во САД. Со текот на годините, важноста и одзивот за ова движење растеа, па од 1990 година стана глобално случување кое денес вклучува повеќе од 170 земји ширум светот.

Така, оваа година, по 50-ти пат официјално ќе се потсетиме зошто ни е потребна чиста Земјата. Неофицијално, тоа би требало да го имаме на ум секојдневно.

Секоја година, овој ден е поврзан со некое мото, односно тема, фокус - што да се заштити. Оваа година, тоа се повторно климатските промени. 

Кога човекот на човек ќе му биде пријател, е тоа ќе бидат убави времиња. - Чарлс Дикенс

Сепак, имајќи предвид дека никој не очекуваше ваков почеток на 2020 година и кога човекот ја ослободи природата, така што принудно се затвори во своите домови, се чини дека одбележувањето на овој ден не било некогаш посимболично. 

Нè воодушевија бистрата вода во Венеција, слободното шетање на животните. Со првите забрани на движење во Кина, се забележаа и првите подобрувања од загадениот воздух таму. Карантинот ги тргна луѓето и воздухот се почисти. Граѓаните на Вухан биле воодушевени, бидејќи во најголемиот дел од времето, нивниот град е покриен со смог.

Во Скопје видовме пајчиња како се шетаат на улица. Рисовите во Марврово слободно се движат. Не се плашат, бидејќи човекот го нема. После 100 години, пеликани се повторно видени во Дунав. Бројни примери укажуваат на тоа колку природата ужива без човекот.

Егоцентризмот, потребата да се има што подобар живот, сè побрзото темпо придонесоа човекот да се занесе. Но, природата памти.

Природата не можеме да ја победиме, освен ако не ѝ се покориме. - Франсис Бекон

Од 2000-та наваму, имавме неколку урагани, Кина стана загадувач број еден во светот по употребата на јаглен, се забележа драстично исчезнување на пчелите (токму на нив е посветено и денешното видео на „Гугл“), поплави, страшни земјотреси... Таман кога ќе помислите дека наскоро нема да се случи ништо страшно, или не од толкави размери, минатата година нè шокираа земјотресите во Порторико, па Албанија, вулканите на Филипини, а потоа и пожарите во Австралија. Оваа 2020 е во знакот на Корона. 

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Advocate Claims Services (@advocateclaimsservices) onApr 22, 2020 at 8:44am PDT

Сценариото кое никој не можеше (или барем така мислиме) да го предивиди. 

Клучните работи кои ние луѓето ги забораваме се:

1. Животот на планетата Земја не е пирамида, туку кружно движење, циклус. Така што, во таа борба да се биде на врвот, човекот уништува сè, но природата не престанува да го потсетува дека греши. 

2. Земјата ни е дом. Па ајде да ја третираме така. 

Секој од нас живее во простор кој го нарекува дом. Се грижи за него. Го одржува чист. Уреден. Зошто треба да е поинаку со она што е околу нас? Или сметаме дека ќе го имаме во неограничени количества?

Кога човек сака да убие тигар, тоа го нарекува спорт. Кога тигарот сака да го убие човекот, човекот тоа го нарекува суровост. - Бернард Шо.

Денес, кога човекот се соочува со познат/непознат вирус, ретко кој го споменува загадувањето на воздухот, токсичниот отпад, текстилниот отпад, климатските промени... Сите сме насочени на тоа да останеме здрави и да излеземе надвор. Таму каде што очигледно сами на себе најмногу си штетиме.

Првото одбележување на денот на Планетата помина со илјадници луѓе на улиците. Кај нас тоа досега не се случило. Немаше ни сега, дури и да можеше да се излезе надвор. Ние очигледно станавме неми за вистинските потреби (свесно или наметнато), па кога треба да маршираме, да се бориме и да бидеме гласни, ние најчесто правиме скара или се однесуваме индиферентно. 

Ако сме паметни, ова искуство ќе го преточиме во „победа“,, категорија што на човекот му е мошне значајна и често посакувана. Ќе работиме на намалување на штетите. Да почнеме од тоа да имаме каде да ги фрламе батериите од далечинското или старите апарати за домаќинство, да имаме селективен отпад, па преку рециклажа, до сериозните прашања за тоа зошто воздухот е толку загаден, до строги регулативи и казни за оние што прават пари на човечки животи. Пред сè, да имаме култура на живеење, која го вклучува и фрлањето отпад.

Да бидеме свесни. Совесни. Паметни. Ова се теми кои бараат сериозна посветеност, далеку подлабока анализа и решение. 

Затоа што, на крајот и самите видовме - природата без нас може. Но, ние без неа не. 

Волјата човекот го прави и голем и мал.- Шилер

 

фото извор: rawpixel.com

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Radon Wizards (@kc_radon_wizards) onApr 22, 2020 at 8:45am PDT

 

Објавено:
22 април 2020
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
328 пати
Тагови: 
планета Земја