Носталгија: Магичниот кармин по кој лудуваа Југословенките

14 август 2019

Имам околу пет години кога зелениот кармин ми го привлекува вниманието. Го користи тетката на мајка ми, а јас како и секое детенце, сакам да видам каков е тој зелен кармин што остава розово или црвено кога ќе го ставиш на усни.

Таа ми го подари, а јас го имав најпостојаниот кармин некогаш појавен во модната индустрија : )

Зелениот кармин е вистински хит во Југославија во осумдесетите и почетокот на деведесетите.

Златна луксузна или повеќе кич амбалажа со мали „боцки“ и најзелената нијанса на кармин што можете да ја замислите.

 Колку што беше зелена, толку оставаше црвена или розова нијанса, зависи од пигментот на усните, која траеше со денови. И ако премачкувате неколку пати, ја интензирате нијансата. Таа магија ги фасцинираше сите жени и беше неизоставен дел од козметичката колекција.

„Во 80-тите можеше да се најде и во „Рубин кармин“. Ако добро се сеќавам, чинеше околу 80 или 100 денари. Во тоа време кармините и генерално беа многу евтини, од 30 денари па до кај 100 и нешто. Се сеќавам дека беше многу популарен, сите сакавме да го пробаме“, ни изјави Наде.

Голем дел од козметиката во тоа време за потребите на „Рубин кармин“ се набавувала од „Златорог“, Марибор, па оттаму и овој кармин.

Тоа ни го потврди и Арсена, која во златното југословенско доба се занимава токму со продажба на козметика.

„Ние го добивавме од Словенија, а понекогаш и од Суботица. Речиси и да не постоеше жена која го нема. Потоа се појавија и други амбалажи, виолетовите беа најубави, направени по лиценца од Рим, Париз, Лондон... Но, златната најмногу се памети“.

Оние што го користеле се сеќаваат и на впечатливиот, непријатен мирис, но и тоа дека за да го избришете, треба дооообро да се помачите.

Токму затоа и го доби описот: „кармин за илјада бакнежи“.

„Жените се тепаа за овој кармин. Неверојатно популарен беше. Мојата пријателка го носеше на нејзината свадба, токму поради тоа што знаеше дека нема да ѝ се избрише“, се сеќава Маре, со посебна емотивност за времето кое ја потсетува на младоста.

Ваков кармин се произведувал и во „Luxol“ Зрењанин, а се увезувал и од Турција, од каде се верува и дека потекнува. На некои места ќе сретнете дека оригиналната верзија е мароканска.

Но, барајќи информации за ова козметичко чудо, наидовме на оглас од пред неколку месеци токму за карминов, а на разни форуми постојат информации дека сè уште може да се најде во „кинеските продавници“ (во Србија претежно), што само кажува дека легендата продолжува...

„Го ставив во ‘87 и сè уште трае“, „Татко ми мислеше дека е лабело и си го стави точно пред дочек на Нова година во хотел „Европа“, се сеќавам како вчера да беше“, „Мајка ми го имаше, ѝ го крадев“, „Мирисаше лошо, а црвената траеше со денови“, „Кармин на моето детство, младост“, се само дел од коментарите што можат да се сретнат на Интернет.

Австралиската компанија „Lipstick Queen“ пред неколку години пласираше на пазарот токму таков зелен кармин. Неговот име е „Frog Prince“, а од компанијата објаснија дека бојата ја менува така што се прилагодува на PH вредноста на кожата на усните, па може да биде или розова или интензивно црвена. Исто така, тоа што на секоја жена изгледа поинаку, го сметаат за предност. Но, неговата популарност не беше ни одблиску на онаа на карминот од 80-тите со, во почетокот, сомнително потекло.

Овој кармин не е само одраз на носталгичност по едно време, за кое многумина ќе речат дека било најубавото за живеење. Не сведочи само за време кога жените во било кое време од денот носат црвен кармин и имаат сини сенки на очите.

Токму ова златно пакување нè потсетува на краткотрајноста на денешните трендови. Денес понудата е толку широка, што дури и да се појави нешто што ќе добие статус  „популарно“, трае само неколу дена или недели. Сега се стремиме кон други идеали на убавина. Живееме брзо. Не се радуваме искрено. Не чекаме. Сакаме сè тука и веднаш. Инстант-популарност, инстант-среќа, инстант-живот...

Овој кармин е култ. Трајност. Емоција. Младост. Безгрижност. Женственост.

Толку многу е собрано во ова кич кутивче и хемија што ја менува бојата, а како да не ја менувала само на усните, туку и на секојдневието.

Си ставивте ли денес кармин?

 

Објавено:
14 август 2019
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
6.238 пати